Методија Шаторов сакаше да ги приклучи македонските комунисти кон Бугарската комунистичка партија затоа што Македонија е под бугарска окупација, но Тито бараше македонската комунистичка организација да остане во рамките на југословенската, како што беше дотогаш, и да се подготвува за борба против окупаторите

Бугарската окупација на Македонија предизвика голем конфликт помеѓу југословенските и бугарските комунисти: кој треба да биде одговорен за Македонија? Мнозинството бугарски комунисти, како и останатите нивни сонародници, веруваа дека Македонија со право е бугарска. Водечкиот теоретичар на БКП, Тодор Павлов, циркулираше писмо во април 1941 година, во кое негира дека Македонците се посебен народ; самиот Македонец (роден е во Штип – н.з.), тој изјави дека низ историјата тие секогаш се сметале себеси за Бугари, иако со одредени свои обичаи и традиции. Трајчо Костов, користејќи го името „Григоров“, тврди дека етничкото прашање во секој случај е ирелевантно: бидејќи Бугарија го окупираше регионот, БКП треба да биде одговорна за операциите таму.

И бугарската и југословенската партија повикаа на отпор кон фашизмот; но за првата, отпорот очигледно значеше политичко спротивставување на царскиот режим, додека за втората тоа значеше вооружена борба против бугарската доминација на Македонија. Шефот на македонската комунистичка партија, Методи Шатаров („Шарло“), беше пробугарски. И покрај неговите бугарски и македонски националистички симпатии, Шарло беше именуван за секретар на македонската партија во февруари 1940 година во обид на југословенските комунисти да добијат поголема поддршка во регионот. По бугарската окупација во април 1941 година, тој одби да прифати наредби од Тито и од југословенската партија. Тито се залагаше за партизански отпор кон Бугарите, но Шарло ги игнорирал неговите наредби да се сокрие оружје од бугарските власти и да се подготви за вооружен отпор. БКП формира комитет за надгледување на интеграцијата на Шарловата партија во бугарската партија, а Антон Југов се обиде во април 1941 година да постигне договор со Југословените. Тито, сепак, одби да ја санкционира загубата на Македонија; тој, всушност, се надеваше дека ќе ја прошири сопствената контрола за да ја приклучи Пиринска (бугарска) Македонија. Кон крајот на мај 1941 година тој го испрати Лазар Колишевски, Македонец, да ја преземе македонската партија од Шарло и да организира вооружен отпор кон бугарската окупација.

Методија Шаторов – Шарло беше член на Бугарската комунистичка партија од 1920 година. Дури во 1940 година премина во членство на КПЈ, а потоа е избран за покраински секретар на партијата. Тој се залагаше партиската организација во Македонија да се приклучи на БКП: Шарло во архивите на бугарската полиција, снимен во 1923 година

На 25 јуни 1941 година, неколку дена по германскиот напад на СССР, Тито испрати писмо до македонската партија со кое го прогласил Шарло и целиот Централен комитет на Македонија за исклучен. Шарло одговори на 2 јули со апел за „Советска Македонија“ и ја објави својата намера да остане лидер на македонската партија. Оваа размена го донесе конфликтот под лупата на Коминтерната во Москва, каде Тито имаше силна позиција затоа што неговиот повик за отпор против Оската сега се совпадна со советската политика по германската инвазија. Одлуката на Коминтерната во август 1941 година беше во прилог на Тито и неговата позиција на вооружен отпор во Македонија. БКП ја прифати оваа одлука и го повика Шарло во Бугарија, иако тие се спротивставија на тоа да биде опишан како „класен непријател“. На 25 август Колишевски основа регионален комитет за Македонија и веднаш се зафати со организација на отпор против окупацијата. БКП го испрати Питер Богданов, а по него Бојан Блгарјанов во октомври 1941 година, да одржува врска со Колишевски, но врската не беше срдечна. Проколишевската група беше отворено непријателски расположена кон Бугарите и ја осуди континуираната неподготвеност на БКП да поддржи каква било форма на отпор посилна од саботажа.

Триумфот на програмата на Тито за борба во 1943 година ја стави БКП во дефанзива поради големиот престиж на југословенскиот водач. На крајот на февруари 1943 година Тито го испрати Светозар Вукмановиќ – Темпо да ги засили операциите. Оттогаш, бугарските комунисти имаа мало или никакво влијание врз Македонија

Колишевски упорно се трудеше да создаде партизански единици, особено во регионите Куманово и Прилеп. На 11 октомври 1941 година, неговите сили ја доживеаја првата средба со бугарската армија и беа виртуелно збришани. Набргу потоа, самиот Колишевски и голем број негови соработници беа заробени и затворени во Бугарија до крајот на војната. Движењето на отпорот по апсењето на Колишевски се врати под контрола на Бугарија. Во текот на 1942 година и дел од 1943 година тоа беше слабо и спорадично. Во рамките на БКП постоеше значително спротивставување на извршувањето на скудни акции за безнадежна борба против бугарските окупаторски сили, кои, заедно со I корпус во дел од Србија, во овој период изнесуваа пет дивизии. Навистина, се тврдеше дека оние што бегаа на планините им прават услуга на властите, бидејќи таму полесно биле фаќани и можеа да му нанесат помала штета на режимот отколку ако се занимаваат со револуционерна агитација. Според ова гледиште, партијата треба да избегнува насилно соочување со владата сè додека не собере доволно сили за да обезбеди успех. 

Југословенските комунисти, кои се бореа за своите животи, не беа наклонети кон овој аргумент. Бугарските комунисти, сепак, укажаа на разликите помеѓу ситуациите на двете партии: во Бугарија, владиниот апарат и армијата останаа недопрени, и покрај пропагандата за германска контрола, немаше туѓ окупатор против кого можеше да се насочи националниот гнев; во Југославија, армијата и владата беа уништени, а трупите на Оската беа окупатори.

До крајот на 1942 година партизанското движење во Македонија имаше малку успеси, иако континуираните саботажни акти во германски окупираната Србија беа честа тема на разговор во Софија. Бугарите стравуваа дека доколку овој немир не биде смируван брзо, тој може да се прошири и во нивната окупаторска зона во Македонија. Партизанската активност беше обесхрабрена од тактиката на бугарската Петта армија, која презеде енергични активности против партизанските единици дејствувајќи „без милост, не почитувајќи го воениот закон“. Вооружениот отпор, како и народното пасивно спротивставување, се зголемија во текот на 1943 година, но помалку во Македонија отколку во соседните региони. До јануари или февруари 1943 година, партизанските единици станаа доволно силни за да напаѓаат. На 20 септември 1943 година избувна сериозен бунт во Леринско и Кичево, близу албанската граница; беше прогласена советска република и црвеното знаме подигнато низ оваа област пред бунтот да биде задушен од бугарските трупи. Ова беше еден од првите партизански инциденти во Македонија доволно сериозен за да го заслужи вниманието на владата во Софија.

Кога Светозар Вукмановиќ – Темпо дојде во февруари 1943 година во Македонија тој го префрли центарот на партизанските операции од силно окупираниот источен дел во западната област близу албанската граница

1943 година исто така го одбележа повторното појавување на Тито во македонската комунистичка расправа. На 16 јануари тој испрати белешка до македонската комунистичка партија во која ги осуди автономистичките тенденции и прогласи дека македонската комунистичка партија може да постигне успех само во соработка со југословенската партија. На крајот на февруари 1943 година, тој го испрати Светозар Вукмановиќ („Темпо“), Црногорец добро запознат со Македонија, да ја преземе контролата врз партиската организација. Темпо веднаш направи голем број измени што ја подобрија партизанската состојба: тој го префрли центарот на операциите од силно окупираниот источен дел на Македонија во западната област близу албанската граница, воспостави работни односи со албанските и грчките комунистички партизани и ги реорганизира партизанските единици целосно да го искористат растечкото незадоволство на народот. Оттогаш, бугарските комунисти имаа мало или никакво влијание врз Македонија. Бојан Блгарјанов, главниот претставник на БКП во Македонија, се врати во Бугарија на почетокот на 1944 година за да командува со Првата (софиска) зона на отпорот. Состанокот на југословенската комунистичка партија во Јајце во ноември 1943 година ја призна Македонија како една од шесте југословенски републики – одлука што Бугарите не ја сакаа, но беа немоќни да ја променат.

Победите на Црвената армија и капитулацијата на Италија го свртеа бранот, а потоа партизаните на Тито одеа од победа во победа. БКП беше цврсто притисната да создаде своја партизанска борба во Бугарија, која дури и во летото 1944 година беше благо успешна. Триумфот на програмата на Тито ја стави БКП во дефанзива поради големиот престиж на југословенскиот водач.

Постоеше дури и можност тој да може да ја оддели Пиринска Македонија од Бугарија за да ѝ ги додаде на неговата македонска држава, и покрај силното противење на Бугарите.

Херман Нојбахер, специјалниот економски пратеник во германската амбасада во Букурешт за време на војната, напиша во 1956 година: „Беше сериозна политичка грешка Бугарија да влезе на српска и грчка територија како окупатор, со цел да ги поштеди германските трупи“. Елизабет Баркер го резимираше резултатот за Грците на следниов начин: „Иако Грците беа ослободени од задоцнетото бугарско повлекување, тие останаа со огромна омраза кон сите Бугари, без оглед дали се прогермански или комунистички“. Оваа окупација, за која Бугарите толку долго сонуваа, успеа само да создаде наследство на омраза што трае до денес.  (Продолжува)