На 1 март 1941 година Бугарија го потпиша Тројниот пакт. Истиот ден, Јоаким фон Рибентроп официјално го известил премиерот Богдан Филов дека Бугарија ќе добие излез на Егејското Море помеѓу реките Струма и Марица

Нa 1 март 1941 година Бугарија попушти пред германскиот притисок и конечно го потпиша Тројниот пакт во Виена. Премиерот Богдан Филов објасни дека Бугарија се приклучува кон силите на Оската не само поради нивната помош за добивање на Јужна Добруџа, туку и затоа што Пактот „ќе ѝ обезбеди на нацијата можност за развој во мир, зајакнување на нејзината благосостојба и зачувување на праведен и постојан мир“. Пријателските односи со Советскиот Сојуз и Турција, нагласи тој, нема да бидат засегнати. Истиот ден, Јоаким фон Рибентроп официјално го известил Филов дека Бугарија ќе добие излез на Егејското Море помеѓу реките Струма и Марица.

По враќањето од Виена, Филов доби аплаузи во Народното собрание. Не беше дозволена дебата за гласањето за ратификување на договорот, а интерпелацијата од седумнаесет опозициски пратеници беше блокирана. Само еден човек, малку познат претставник од Јабланица, по име Иван В. Петров, успеа да праша зошто претходно не било консултирано Собранието и дали Пактот ќе ја внесе Бугарија во војната. Филов одговори дека членот 17 од Уставот бара само ратификација од Собранието, а не консултации; што се однесува до опасноста од војна, тој рече: „Постои мал ризик, но оние кои нема да ризикуваат се оние кои никогаш не прават ништо“. Пактот беше ратификуван со 140 наспрема 20.

Дури и Хитлер ја препозна површноста на бугарскиот ентузијазам кон Пактот: „Бев воодушевен да дознаам по склучувањето на Тројниот пакт дека претседателот на бугарскиот Министерски совет беше тешко прифатен од населението во Софија, и покрај најголемото значење на Пактот за Бугарија. Факт е дека Бугарија е силно погодена од панславизмот и на политичко и на сентиментално ниво. Таа е привлечена од Русија, дури и ако е советизирана“.

 

Германски трупи маршираат низ бугарските градови на 3 март 1941 година

Сепак, германските трупи кои влегоа во Бугарија добија вистински срдечен пречек. Жителите на многу села ги дочекаа елементите од претходницата на Дванаесеттата армија со традиционалниот леб и сол и беа гостопримливи од секој поглед. Официјалните лица во Берлин беа воодушевени што маршот беше без инциденти. Дури и бугарската влада, според германски извештај, „била изненадена од големата симпатија која народот ја покажал кон германските трупи“. Филов подоцна тврди дека овој прием служел како „вистински плебисцит за политиката на владата“, но многу од селаните имале впечаток дека, бидејќи Германија и Русија се сојузници, германските војници што доаѓаат ќе маршираат заедно со Русите во заедничка операција.

СОВЕТСКИОТ ПРОТЕСТ

Иако Филов веруваше дека Русите „ќе се помират со ситуацијата и нема да направат ништо“, неговото прво барање утрото по потпишувањето беше за вести за советската реакција. Рибентроп тврди дека сè уште ништо не е познато, но всушност советската влада веќе им доставила протест на Германците. Во оваа белешка, Вајчеслав Молотов ја изрази својата длабока загриженост дека кога германската влада има прашање од ваква важност за советската влада, донесла одлуки спротивни на концептот на советската влада за безбедносните интереси на Советскиот сојуз. Советската влада повеќепати го истакнуваше својот посебен интерес за Бугарија пред германската влада, како за време на берлинските конференции, така и подоцна. Следствено, тој не може да остане рамнодушен пред последните активности на Германија во Бугарија и ќе треба да го дефинира својот став во однос на истите. Тој се надева дека германската влада на Рајхот ќе му даде соодветно значење на овој став.

Кога британскиот амбасадор Рендел го предупредил Филов за последиците од сојузот со Германија, Филов гордо одговорил дека на бугарската влада не ѝ требаат совети како да ја зачува својата независност

На 3 март 1941 година, „Правда“ објави кратко соопштение, без некој впечатлив наслов и без коментар, откривајќи само дека германските трупи влегле во Бугарија; но следниот ден „Известија“ остро ја критикуваше новата политика на Бугарија „затоа што оваа позиција резултира, без оглед на желбата на бугарската влада, не во зајакнувањето на мирот, туку во проширувањето на сферата на војната и во вклучувањето на Бугарија во војната. Второ, советската влада, верна на својата мировна политика, не може да ѝ даде каква било поддршка на бугарската влада во спроведувањето на нејзината сегашна политика“. Оваа порака ја емитуваше Радио Москва на програмата на бугарски јазик во следните три дена, а водечките бугарски комунисти беа приватно информирани за неодобрувањето на СССР. На 6 март, БКП со задоцнување дистрибуираше летоци со изјава „Бугарската нација ја задржува недовербата во сегашната влада и одбива да ја поддржува нејзината антинародна политика“.

Бугарскиот цензор не издал упатства до весниците во врска со советските протести и не се обиде да го спречи нивното објавување. Некои набљудувачи беа изненадени од релативно благите протести, бидејќи се очекуваше советски ултиматум и директната воена интервенција се сметаше за можност. Шпекулациите од Белград, според германскиот амбасадор Улрих фон Хасел, се центрирани на „силниот удар“ што му го зададе на пансловенското движење руската неактивност.

БРИТАНЦИТЕ ГИ ПРЕКИНУВААТ ДИПЛОМАТСКИТЕ ОДНОСИ

Потпишувањето на Тројниот пакт го означи почетокот на целосна кампања против британските интереси. Уште во февруари 1941 година полициските малтретирања достигнаа застрашувачки размери. На 24 февруари британски конзуларен службеник по име Гринич исчезна без трага. На 26, во Софија беа уапсени педесетина лица опишани од Радио Берлин како вработени во британското разузнавање. Два дена подоцна беа уапсени голем број новинари, вклучително и дописниците на лондонски „Тајмс“ и чикашкиот „Дејли мејл“, како и триесетина опозициски лидери. Д-р Георги М. Димитров („Гемето“), еден од водачите на партијата на аграристите Пладне, беше прошверцуван надвор од земјата во куфер со помош на британскиот разузнавачки претставник во Софија, Норман Дејвис. На британската амбасада ѝ беше наложено да се затвори на 1 март, истиот ден во кој полицијата во Софија тврдеше дека пронашла бомба од британско потекло во близина на градскиот водовод. Бугарија ги прекина и дипломатските односи со владите на Белгија, Холандија и Полска со седиште во Британија, но одби да им ги предаде на Германците нивните претставници во Софија. Бугарскиот амбасадор во Лондон, Никола Момчилов, поднесе оставка во знак на протест против постапките на неговата влада.

Германски моторизирани единици во Бугарија откако таа се приклучи на Тројниот пакт

Како одговор на овие провокации, Велика Британија официјално ги прекина односите со Бугарија на 5 март 1941 г. Амбасадорот Рендел, отфрлајќи ги наводите на Филов дека Велика Британија го загрозила мирот на Балканот, тврди дека британската влада „не била свесна дека таквиот мир и спокој некогаш биле загрозени или нарушени од каква било моќ што не е членка на Тројниот пакт“. Кога Рендел го предупредил Филов за последиците од сојузот со Германија, Филов гордо одговорил дека на бугарската влада не ѝ требаат совети како да ја зачува својата независност. Рендел луто возврати дека оваа забелешка ќе остане запаметена „и може да се покаже како важна да се има запис за идната мировна конференција дека бугарскиот премиер презема целосна одговорност за последиците од неговата политика“. Царот Борис, откако слушнал слично предупредување од Рендел, само одговорил дека Бугарија страдала од својата географска положба; тој не изрази жалење за прекинот на односите со Велика Британија.

На 11 март вработените во британската амбасада пристигнаа во Истанбул и продолжија кон хотелот „Пера Палас“. Додека чекаа со багажот во фоајето, два од куферите експлодираа, при што загинаа двајца дипломати, а седуммина беа ранети. Убиени се и двајца турски полицајци, а голем број Турци се повредени. Се сметаше дека двата куфери, плус неексплодиран трет, биле ставени меѓу другиот багаж од страна на германски или бугарски агенти на железничката станица во Софија. Сепак, некои официјални лица во Лондон веруваа дека експлозивите во куферите припаѓаат на СОЕ (тајна британска разузнавачка организација). Еден службеник на СОЕ, Бикам Свит-Ескот, раскажува дека му било многу тешко обидувајќи се да објасни дека неговата тајна организација не е вклучена: „Би било потценување да се каже дека сомневањето не беше ставено врз нас“.    (Продолжува)