БУГАРИЈА ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА | ОКУПАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА (2)

Кој да се избере – Германија или Советскиот Сојуз

Бугарија беше горда на својата репутација како „Прусија на Балканот“ и беше приемчлива за германските апели за воено дружење под оружје (Waffenbrüderschaft): Офицери на германскиот Вермахт во Софија во 1939 година / Википедија

Маршал Ли Милер

Воодушевувањето од Германија меѓу двете светски војни беше особено изразено кај водачите на бугарскиот јавен живот. Бугарската војска ја почитуваше германската моќ и ефикасност, и покрај последните горчливи денови од Првата светска војна

Како мала земја, Бугарија од 1878 година зависеше од наклоноста на една или повеќе од големите сили. До Првата светска војна, двете конкурентни сили во Бугарија беа Русија и Австрија, а Германија беше во заднина. По војната, германското влијание го замени австрискотот, а Италија исто така се вклучи во балканската политика. Советска Русија, по револуционерната пауза, ја продолжи традиционалната надворешна политика на царска Русија насочена кон контрола на Теснецот и пристап до Медитеранот.

Надворешните политички преференции играа голема улога во бугарската внатрешна политика, исто како што се однесуваа ставовите кон Велика Британија и Франција во американската политика за време на Џеферсоновата ера. Во меѓувоениот период, бугарските националистички групи генерално гледаа кон фашистичка Италија и Германија; демократските партии ги претпочитаа Франција и Велика Британија, иако тие исто така прогласија пријателство кон Советскиот Сојуз; а комунистите беа посветени на Москва. За нацијата како целина, поедноставно, но корисно правило беше дека има наклонетост кон Русија и восхит кон Германија.

Иако постоеше ограничена симпатија кон советскиот систем, освен се разбира кај комунистите, долгогодишната официјална антируска пропаганда исто така беше во голема мера неефикасна. Идеолошкото прашање беше второстепено за повеќето Бугари; нивната наклонетост кон Русите остана силна и покрај политичките и економските промени. Чувството беше премногу сложено за да се припише единствено на улогата на царска Русија како ослободител на Бугарија, но неговото постоење беше непобитно, дури и кај многу прозападни, антикомунистички Бугари.

Трагичен крај за премиерот Александар Стамболиски: со указ потпишан од царот Борис (лево на фотографијата) беше извршен државен удар на 9 јуни 1923 со кој беше сменет. Неколку дена подоцна тој е убиен од членови на ВМРО-Автономистичка, предводени од скопскиот војвода Величко Велјанов

Воодушевувањето од Германија беше особено изразено кај водачите на бугарскиот јавен живот. Бугарската војска ја почитуваше германската моќ и ефикасност, и покрај последните горчливи денови од Првата светска војна. Подемот на Третиот рајх и обновата на германската армија беа генерално добредојдени во Бугарија, како и непочитувањето на Германија на Версајскиот договор. Бугарија беше горда на својата репутација како „Прусија на Балканот“ и беше приемчлива за апелите за воено дружење под оружје (Waffenbrüderschaft). Интелектуалните и културните достигнувања на Германија им се допаднаа и на многу Бугари. Околу половина од бугарските професори студирале во Германија, а германските книги во библиотеката на Универзитетот во Софија скоро ги надминувале вкупно оние на руски, француски и англиски јазик. Богдан Филов, воен премиер и поранешен професор по археологија, беше познат по речиси слепото воодушевување од Германија; сепак дури и тој еднаш се пожали дека бугарските професори кои присуствувале на конференција во Лајпциг ги посрамотиле своите домаќини со тоа дека биле понацистички од нацистите.

Шест децении независност создадоа скратена, горчлива Бугарија, опкружена со непријателски држави. Најлоши беа односите со Југославија во голема мерка поради бугарскиот иредентизам

Како и секоја друга балканска земја, Бугарија интензивно тргуваше со Германија; но Бугарија зависеше од германската трговија повеќе од која било друга земја во југоисточна Европа. Релиси 70 проценти од извозот на Бугарија во 1939 година отиде во Германија, во споредба со 6 проценти во Италија, 3 проценти во Англија и 1 процент во Франција. За споредба, Унгарија и Југославија испратија само околу 50% од својот извоз во Германија, а Грција и Руманија испратија значително помалку. Во тоа време Германија можеби беше повеќе заинтересирана за трговијата отколку за нејзините политички последици, но двете работи сѐ повеќе се испреплетуваа.

Италијанското влијание беше значајно во текот на 1920-тите и 1930-тите, како резултат на првичниот однос кон Мусолини, екстензивните италијански дипломатски махинации и бракот на ќерката на кралот Виторе Емануеле со цар Борис во 1930 година. Како и да е, италијанскиот напор одѕвонуваше сѐ повеќе шупливо, при избувнувањето на Втората светска војна тој беше многу мал; на крајот, какво било влијание да имала Италија беше во суштина негативно.

Велика Британија и Франција имаа мало политичко влијание во Бугарија, иако тие имаа одредено значење на друго место на Балканот. Како и да е, тие не беа без своите привлечности. Париз беше мека за бугарските студенти, вклучително и голем број идни политички лидери, а британскиот систем на управување беше модел за оние кои бараа алтернатива на тоталитаризмот. Но, ниту една земја не покажа голем интерес за Бугарија и овој став беше возвратен.

Најмалку влијателни од сите големи сили беа Соединетите Американски Држави, кои за време на меѓувоените години изгледаа многу несвесни за самото постоење на Бугарија. Дури и двата исклучоци од оваа шема беа неофицијални и индиректни: американските колеџи во Софија и во северна Бугарија, кои ги навлекуваа младите Бугари во западните демократски идеали; и американските Бугари од Средниот Запад, од кои многумина испраќаа пари на своите семејства во „Старата земја“.

Самит на Балканската антанта во Анкара 1938: Кемал Ататурк (Турција), Милан Стојадиновиќ (Југославија), Јоанис Метаксас (Грција) и Николае Петрешку (Романија)

Како што беше забележано претходно, односите на Бугарија со нејзините балкански соседи беа помалку од срдечни, а тоа беше особено случај со Југославија. Ова беше резултат на бугарскиот иредентизам и особено на активностите на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО), терористичка група која првично се формираше да се бори против турското владеење, но која нападна во југословенска Македонија за време на 1920-тите и раните 1930-ти. Односите со Грција исто така се влошија; во 1925 година Лигата на нациите мораше да интервенира за да се запре одмаздничкиот напад на грчката армија во јужна Бугарија. Обидот на премиерот Александар Стамболиски да ги намали тензиите во Балканот во 1923 година успеа само да го ископа раниот гроб од  рацете на ВМРО и нејзините десни сојузници. Како и да е, за време на 1930-тите, царот Борис направи уверувања кон архинепријателот Југославија. Иако неговите дискусии со кралот Александар завршија трагично со убиството на последниот од хрватски терористи (и ВМРО) во 1934 година, сузбивањето на ВМРО истата година отстрани голема пречка за понатамошни преговори. Југославија беше членка на Балканската Антанта, сојуз кој ги вклучуваше Романија, Грција и Турција, кои беа непријателски расположени кон Бугарија. Така, потпишувањето на пактот за трајно пријателство меѓу Бугарија и Југославија во јануари 1937 година означи крај на долгата дипломатска изолација на Бугарија. Конечно, во јули 1938 година членовите на Балканската Антанта се согласија да ги отстранат ограничувања за бугарското вооружување од 1919 година со надеж дека ова ќе го олесни заедничкиот балкански фронт против германската и италијанската пенетрација. Сепак, најважното територијално прашање остана нерешено.

Шест децении независност создадоа скратена, горчлива Бугарија, опкружена со непријателски држави и со закани од големите сили кои се бореа за влијание. Царот Борис – кој не беше несовесен авантурист – го поддржуваше бугарскиот иредентизам, но лично се занимаваше со зачувување на неговиот престол. Затоа тој се залагаше за политика на приспособување со сите големи сили; но, доколку требаше да се направи избор, тој сметаше дека Германија е помала закана за внатрешниот поредок на Бугарија отколку Советска Русија. Понатаму, Германија се чинеше сè повеќе доминантна моќ во југоисточна Европа. Совршено решение за Бугарија, се чинеше, ќе биде сојуз меѓу Германија и Русија, така што нема да биде потребен избор помеѓу нив двете. Сепак, ваквиот сојуз меѓу очигледно непомирливите идеолошки непријатели се чинеше невозможен. Потоа дојде неверојатната вест за потпишувањето на нацистичко-советскиот пакт кон крајот на август 1939 година. За Бугарија тоа се чинеше идеално решение, а Пактот беше широко поздравен низ целата земја.

Една недела подоцна, Европа повторно влезе во војна.         (Продолжува)