Евреите во Бугарија беа бројно безначајни и – за разлика од другите европски земји – играа мала улога во академскиот, професионалниот, па дури и економскиот живот на земјата. Како резултат, антисемитизмот практично не постоеше. Но нацистите и бугарските фашисти создадоа статистика за да ги дискредитираат Евреите

Еден од најоткривачките аспекти на односите на нацистичка Германија со нејзините различни сојузници и сателити беше степенот до кој овие земји соработуваа со Германија во нејзините обиди да се донесе „конечно решение“ за еврејското прашање. Евреите во Бугарија беа бројно безначајни и – за разлика од другите европски земји – играа мала улога во академскиот, професионалниот, па дури и економскиот живот на земјата. Како резултат, антисемитизмот практично не постоеше; освен неколку помали избувнувања околу преминот на векот, немаше погроми во Бугарија. „Легионерите“, „Ратници“ и другите националистички групи усвоија антисемитска политика во имитација на нацистите, но оваа позиција генерално се сметаше од мала важност за бугарските услови.

Нацистите и бугарските фашисти создадоа статистика за да ги дискредитираат Евреите – на пример, бројки кои покажуваат дека Евреите всушност имале големо економско значење и директно или индиректно контролирале 35 до 80 проценти од трговијата на Бугарија. Сепак, единствениот факт што можеше убедливо да се покаже е дека Евреите поседувале поголеми количини на акции по глава на жител и имале повеќе пари во банките од просечниот Бугарин, главно заради нивната концентрација во градовите. Димитар Андреев, пратеник во Народното собрание, кој собра многу од овие економски статистики, исто така се обиде да покаже дека Евреите извршиле неколку пати повеќе кривични дела по глава на жител од Бугарите. Прекршоците избрани за споредба беа сите во економска категорија, засновани врз инциденти на 100.000 луѓе во период од четири години. Бидејќи имаше приближно 50.000 бугарски Евреи, најчесто цитираната бројка од 4,95 инциденти значела двајца Евреи осудени за одредено дело во текот на четири години.

Регистерот на Евреите во Кавала, Егејска Македонија, спроведен со пописот на бугарските окупациски власти во 1942 година. Страницата ги покажува деталите на браќата Даниел, Алберт и Израел Кабили, сите тројца убиени

Нацистичката кампања против Евреите беше поврзана со таа против масоните и другите меѓународни организации. Mногу или повеќето од водечките владини функционери во Бугарија беа масони, но тие беа луѓе со многу различни политички гледишта и не постоеше масонски „заговор“. Во мај 1934 година, Германија донесе одлука дека ниту еден член на вооружените сили не може да припаѓа на масоните или на другите меѓународни тајни организации. Бугарските фашисти посветено ѝ го додадоа на својата програма ова спротивставување на тајните друштва, па дури ги вклучија и Ротари клубот и Пен клубот, кои не беа тајни, туку меѓународни. Всушност, тогаш премиерот Богдан Филов беше претседател на бугарскиот Пен клуб, а Славчо Загоров, поранешен министер за трговија, кој го замени Драганов како амбасадор во Германија во 1942 година, беше на чело на Ротари клубот. Како и да е, под притисок на Германија, Бугарија нареди масонските ложи да се распуштат во јули 1940 година, а законите против масоните и другите меѓународни организации беа вклучени во подоцнежното законодавство против Евреите. 

[Во 1936 година, на пример, иако фашистичкиот министер за војна, генерал Луков, беше единствениот не-масон член на кабинетот, двајца други фашистички водачи, Александар Цанков и Тодор Кожухаров, беа масони.]

ЗАКОНИТЕ ПРОТИВ ЕВРЕИТЕ

Во февруари 1939 година, на околу 6.000 Евреи со странско државјанство, од кои многу нивни семејства живееја во Бугарија со генерации, им беше кажано дека нема да добијат продолжување на нивните лиценци за трговија и ќе им биде забрането да вршат испораки до армијата и јавните служби. Во февруари 1940 година, сепак, премиерот Ќосеиванов ги уверил дека според уставот сите Бугари – вклучително и Евреите – биле еднакви пред законот.

На Евреите им беше забрането да се занимаваат со голем број професии, а беше воведен и numerus clausus за да се ограничи процентот на Евреи на коишто им е дозволено да практикуваат медицина, право, инженерство и ред други професии, како и да запишуваат на универзитети

Потоа, во септември 1940 година, Железната гарда ја презеде контролата над Романија и издаде бројни декрети од нацистички тип, вклучувајќи и некои ограничувања за Евреите. „За да не заoстанe зад Романија во изразување на лојалност кон Хитлер“, напиша социјалистичкиот политичар Димо Казасов, „бугарската влада го предложи ‘Законот за одбрана на нацијата’“. Во ноември 1940 еруптираше горчлива дебата во Народното собрание околу овој сеопфатен закон против Евреите. Некои од приврзаниците на нацрт-законот сметаа дека дури и фашистичкиот професор Александар Цанков не зазема доволно силна позиција по ова прашање.

И покрај противењето на пратениците Мушанов и Стајнов, донесениот закон беше многу строг. Како што истакна Раул Хилберг (австриско-американски историчар – н.з.): „Како резултат на тоа, тој не беше баш благ закон, бидејќи Бугарите не започнаа со благост. Воздржаноста се примени дури потоа, кога изгледите за германска победа почнаа да бледнеат“.

На Евреите им беше забрането да се занимаваат со голем број професии, а беше воведен и numerus clausus за да се ограничи процентот на Евреи на коишто им е дозволено да практикуваат медицина, право, инженерство и ред други професии, како и да запишуваат на универзитети. На Евреите не им беше дозволено да имаат слуги од народот и требаше да ги регистрираат своите имоти; нивните живеалишта не можеа да се менуваат и парите не може да се испраќаат надвор од земјата.

Иако во бугарското собрание имаше отпор против легсилативата насочена за големо ограничувања на правата на Евреите таа сепак поминуваше онака како што сакаше владата

Сепак, треба да се истакне дека бугарскиот закон беше поблаг отколку што се очекуваше од германските модели. Прво, дефиницијата за Евреин беше нешто потесна отколку во германските уредби. Второ, членот 33. ги ослободи семејствата на Евреите на кои им беа доделени медали за храброст, што значеше дека околу една десетина од еврејските семејства во Бугарија беа ослободени од ограничувања. Ова исто така влијаеше на системот на квоти, бидејќи беше одлучено да не бидат вклучени во numerus clausus, чии пресметки беа дополнително изменети со засновање на процентите на населението во градовите, отколку во целата земја. Како резултат, во Софија бројот на еврејски адвокати мораше да се намали едвај од 20 на 18, на инженерите од 6 на 4, на музичарите од 14 на 8 и на лекарите од 21 на 13. Конечно, иако законот беше изгласан од Народното собрание во јануари 1941 година, тој требаше да стапи целосно во сила шест месеци подоцна. Исто така, треба да се има предвид дека само еден од четирите дела на „Законот за одбрана на нацијата“ се однесуваше на Евреите; другите се однесуваа на тајни организации и заговори.

Планот за прогон на Евреите наиде на широко распространето противење од секој агол на нацијата. Сојузот на бугарски правници го опиша законот како „непотребен, социјално штетен и спротивен на нашиот основен правен поредок“; Сојузот на лекари изјави дека чистотата на нацијата тешко може да биде во опасност; и петицијата на Сојузот на писатели, во која се наоѓаше и името на славниот автор Елин Пелин, предупреди дека „овој закон ќе биде многу штетен“ за доброто име на земјата. Димо Казасов истакна дека е чудно да се зборува за опасноста од мал број Евреи кога во земјата имало 650.000 Турци и 70.000 Романци кои биле предмет на странска пропаганда, но никој не бил вознемирен за нив. Егзархот Стефан, поглавар на Бугарската православна црква, ја опиша ненадејната акција против Евреите како „гром од ведро небо“ и им рекол на своите свештеници да не го одбиваат крштевањето на кој било конвертит што го посакува тоа. Царот самиот изрази незадоволство од законот и го одложи потпишувањето до 15 февруари 1941 година, со образложение дека не сака да дозволи да се донесе ваков строг закон за време на божикните празници. Во мај 1941 година, кога Еврејската конзисторија ја испрати својата обична телеграма со честитки до царот за неговиот именден, тој одговори со подолга од вообичаена нота благодарност наместо да ја игнорира телеграмата како што можеше да стори.

Како и да е, германското инсистирање резултираше со донесување на многу други регулативи и ограничувања на Евреите во следните осумнаесет месеци. Најважни беа законите со кои се наложува (1) посебен данок од дваесет проценти за сиот еврејски имот и (2) конфискација на рударски имот, аптеки, акции, полиси за осигурување и куќи во сопственост на Евреите, освен лични живеалишта. За патување беа потребни посебни дозволи, иако тие беа редовно издавани до почетокот на 1942 година; радијата беа забранети; и требаше да се носи жолтата Давидова ѕвезда.

За да се затворат сите можни дупки во овие закони, владата во јуни 1942 година побара усвојување на посебен акт што му дава право на Советот на министри да преземе дополнителни мерки што може да се сметаат за неопходни. Министерот за внатрешни работи Габровски рече дека таков закон е потребен затоа што имало многу дупки во претходното законодавство и Евреите сè уште работат слободно во сите сфери на бугарскиот живот. Дочо Христов, главниот спонзор на претходниот Закон за одбрана на нацијата, тврди дека предложениот закон навистина не бил толку радикален како што звучел, затоа што преземените мерки требало да бидат одобрени потоа од Народното собрание. Овој предлог-закон наиде на многу противење, дури и од многу пратеници кои нормално ја поддржуваа владата. Димитар Андреев, милитантен антисемит, рече дека иако тој се залага за строги закони против Евреите, овој предлог-закон е и непотребен и опасен; секогаш кога владата сакаше какво било дејствие во врска со еврејското прашање, рече тој, треба да го достави барањето и да му дозволи на собранието да гласа, но немаше причина да се донесе одлука со декрет. Иван Петров и Крум Митаков додадоа дека бидејќи земјата не е во вонредна состојба, нема оправдување за овој опасен преседан. Како и да е, законот „Сите мерки“ беше усвоен од Народното собрание кон крајот на јуни 1942 година и беше проследен со понатамошна низа строги ограничувања за Евреите.  (Продолжува)