БУГАРИЈА ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА | ОКУПАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА (21)

Последната фаза од колапсот на Бугарија

Утрото на 8 септември, кабинетот Муравиев се состана за да донесе одлука за објавување војна на Германија. Кратко време по состанокот на владата, советските трупи ја преминаа границата со Бугарија и напредуваа кон Варна, Бургас и Шумен. Походот на Црвената армија не можеше да биде запрен од никого

Маршал Ли Милер

На десетина дена пред влегувањето на Црвената армија Бугарија доби нова влада на чело со Константин Муравиев. Таа не знаше што да прави: дали да ѝ објави војна на Германија и да им се приклучи на сојузниците. На 9 септември 1944 се случи државен удар

На 30 август 1944 година, СССР објави дека одбива да ја прифати декларацијата за неутралност на Бугарија од 17 август. Кога Мошанов и полковникот Желесков летаа кон Каиро на преговори со западните сојузници, основната претпоставка за поддршка на режимот на Багрјанов – дека Советите ќе ја почитуваат неутралноста на Бугарија – беше уништена. На 31 август, со извештаите до Софија дека советските трупи се движат јужно од Букурешт, министерот за надворешни работи Драганов ја одигра последната карта: ги извести Русите дека германските бродови во Варна и Бургас биле разоружани и дека сите германски трупи ќе бидат надвор од Бугарија на полноќ. Ова не беше сосема точно, но Германците заминуваа без да дадат никаков отпор. Следниот ден, кога ситуацијата продолжи да се влошува, Багрјанов и неговиот кабинет поднесоа оставки. Во Каиро преговорите со сојузниците беа прекинати сѐ додека Мошанов не добие нови акредитиви од наследникот на Багрјанов. Црвената армија се приближуваше до Дунав; не стануваше збор за избор на друг премиер кој бил тесно поврзан со претходните режими. Про-сојузничката демократска опозиција конечно мора да се донесе на власт со цел да се обезбеди примирје и да се спаси Бугарија од советската окупација.

ФОРМИРАЊЕТО НА НОВАТА ВЛАДА

Најочигледните избори за претседател на новата влада беа Димитар Гичев, Никола Мушанов, Константин Муравиев и (далечниот четврти) Георги Ќосеиванов. Гичев беше интелигентен, искрен, амбициозен и силно про-сојузнички; тој беше студент по теологија пред да стане аграрен политичар и неговите цврсти принципи понекогаш ја попречуваа неговата ефикасност како политички лидер. И покрај неговиот став кон Татковинскиот фронт, Гичев не беше против соработката со комунистите; во текот на војната, тој и Никола Мушанов беа единствените бугарски политичари кои се осмелуваа да имаат редовни и отворени контакти со советските дипломати. Мушанов, водачот на малата Демократска партија, имаше 62 години и постар државник на демократската опозиција. Тој беше во Народното собрание од 1902 година и служеше како премиер од 1931 до 1934 година. Константин Муравиев беше внук на Стамболиски, кој го именуваше за министер за војна кога имаше само 29 години. Неспособноста на Муравиев и неговото занемарување на извештаите во 1923 година дека претстои државен удар, беа делумно одговорни за падот на Стамболиски. Муравиев повторно беше на владините места во владата на Аграрната коалиција (1931-34) и созреа во интелигентен и способен политичар, иако сè уште имаше тенденција да биде мрзелив и невнимателен.

Изборот на Муравиев за премиер од страната на регентите беше изненадување за речиси сите, особено за Гичев, кој очекуваше да биде избран, бидејќи во септември 1943 година, само една година претходно, Муравиев заедно со другите опозициски лидери го осудија формирањето на Регенството за незаконско, бидејќи не беше свикано големо национално собрание и Уставот беше занемарен.

Во пресрет на неговото доаѓање на власт, Муравиев изготви два списока за неговиот кабинет: првиот вклучуваше членови на Татковинскиот фронт, а во вториот ги немаше. Заради национално единство, Муравиев сметаше дека е од суштинско значење сите опозициски групи (освен, се разбира, прогерманските поддржувачи на Цанков) да учествуваат во новата влада; оттука, кога регентите го повикаа да биде премиер, тој се обиде да формира кабинет од неговата прва листа. Петко Стајнов, русофилски водач на Звено со врски со Татковинскиот фронт, беше замолен да стане министер за надворешни работи и се согласи, но голем број други лидери на опозицијата неочекувано не сакаа да заземат позиции во новата влада.

Фронтот, сепак, не беше подготвен да учествува во кабинетот во кој не доминираше. Иако Муравиев и неговите приврзаници навистина сакаа мир и воспоставување демократско општество, Фронтот веднаш покрена кампања против нив. Всушност, првиот показател за неподготвеноста на Фронтот да соработува со новата влада се појави во преносот од радио станицата „Христо Ботев“ во СССР на 30 август, дури и пред Багрјанов да поднесе оставка. Овој пренос го предупредуваше Фронтот да не се приклучува на која било коалиција што не ја прифаќа програмата на Фронтот или што ќе го ослабне неговото влијание.

Кога Стајнов беше известен дека Фронтот не сака да учествува во владата на Муравиев, тој веднаш се повлече, а потоа и аграрецот Неделко Атанасов и другите, исто така, одбија да служат. Ова беше тежок удар за планот за навистина репрезентативна национална влада. И покрај оваа голема пречка, Муравиев формираше влада од својата втора листа што имаше разумни шанси да обезбеди примирје. Гичев, Мушанов и Атанас Буров беа поставени за министри без ресор. Вергил Димов, зет на Гичев, стана министер за внатрешни работи; а истакнатиот стар демократски политичар и историчар Александар Гиргинов беше именуван за министер за финансии. Министер за војна стана генералот Иван Маринов, кој тајно правеше заговор со комунистите. Самиот Муравиев ја извршуваше функцијата министер за надворешни работи, но беше подготвен да се откаже од тоа доколку Фронтот можеше да се убеди да го прифати.

Набргу стана јасно дека коалицијата има тешкотии. На самиот ден кога Муравиев официјално ја презеде должноста, БКП издаде соопштение силно ја напаѓа новата влада затоа што не зазеде цврст став против Германија.

На 3 септември, владата издаде извршна наредба за запирање на егзекуцијата на политичките затвореници. Следниот ден, таа објави политичка програма од дванаесет точки, која ги вклучуваше следниве одредби: беше ветена уставна администрација, укинати сите фашистички институции, понудена целосна амнестија за сите што се спротивставија на диктатурата, Народно собрание ќе се распушти, бугарските трупи би продолжиле да се повлекуваат од Србија и приоритет ќе им дадат на преговорите за примирје со сојузниците. Муравиев ја повтори грешката на Багрјанов, инсистирајќи на политика на неутралност кон сите воинствени земји, вклучително и Германија, освен ако не преземат непријателски активности. Тој особено се обиде да избегне судир со Германците што се повлекуваат, што може да ја турка Бугарија во војна и да ја донесе „поддршката“ на блиските руски трупи, кои ќе ја окупираат земјата. Ова одолговлекување, сепак, им овозможи на неговите противници да се сомневаат во искреноста на неговата желба да ја напушти Оската.

Кимон Георгиев (на фотографијата десно со Георги Димитров во 1946) беше некаков вид „професионален пучист“. Тој учествуваше во соборувањето на Александар Стамболиски во 1923 и стана премиер при државниот удар во 1934 година. По пучот на 9 септември 1944 тој пак стана премиер по формирањето на новата влада формирана од Татковинскиот фронт

Како што споменавме претходно, преговорите во Каиро беа прекинати по оставката на Багрјанов. Кога ја презеде власта, Муравиев му испрати депеша на Мошанов за продолжување на преговорите. Сојузниците не понудија надеж за помеки мировни услови само затоа што про-сојузничка влада сега беше на власт во Бугарија, и како политичар Мошанов не сакаше да се поврзе со толку сурово и непопуларно решение. Затоа, Британците побараа да му се дозволи да се врати во Турција и, доколку е можно, да биде заменет со Балабанов.

Советскиот став кон Бугарија продолжи да биде двосмислен. До 3 септември, Црвената армија стигна до бугарско-романската граница во Добруџа и покрај Дунав. Сепак, беше наредено да не напредува без понатамошни упатства; не беа дозволени ниту стандардни извиднички мисии – без разлика дали биле на земја или во воздух – затоа што тие би ги нарушиле бугарските граници.

Како резултат, командантот на Третиот украински фронт, генерал (подоцна маршал) Сергеј Бирјузов, имаше малку информации за ситуацијата во Бугарија и мораше да биде задоволен со радио пресретнувањата и извештаите на неколку партизански водачи. Советскиот Сојуз побара дозвола за влез на бугарска територија на 1 септември, но оставката на Багрјанов го одложи официјалниот одговор и Муравиев не презеде ништо околу барањето. Русите се надеваа дека уште еднаш ќе влезат во земјата како ослободители, отколку како напаѓачи. Се претпоставува дека поради оваа причина тие го одложиле нападот за неколку дена, иако тоа овозможи бегство на многу мали германски единици. 

На 8 септември 1944 година Бугарија се најде во неверојатна ситуација: Советскиот Сојуз веќе ѝ беше објавила војна, таа ѝ објави војна на Германија, а претходно таа им беше објавила војна на Велика Британија и Соединетите Држави. Буквално, таа беше во војна со сите

Голем број германски единици сè уште не беа ја напуштиле земјата. Официјалната бугарска позиција беше дека нацистите треба да се охрабрат да заминат што е можно побрзо и да не им се ставаат пречки на патот. Сепак, контролата врз ситуацијата се лизгаше од рацете на владата. На 3 септември, германска сила од околу 400 луѓе беше запрена на железничката станица во Ихтиман, град на линијата Софија-Пловдив. Германските војници не пружаа никаков отпор и дозволија да бидат интернирани во блиската училишна куќа, иако многумина го задржаа оружјето. На 6 септември, друга германска единица од околу 200 луѓе пристигна во градот и се обиде да ги ослободи војниците во училиштето, но по кратка битка и тие се предадоа. Владата на Муравиев не презеде ништо.

Германската пасивност при повлекувањето сугерираше дека всушност постои мала опасност од нацистички напад врз Бугарија, но заканата опстојуваше. На 4 септември германските трупи во Македонија заробија и разоружаа многу од единиците во бугарскиот окупациски кор, но започнаа борби кога два бугарски полкови одбија да се разоружаат. Оваа провокација ѝ даде на Бугарија оправдување за задоволување на барањата на сојузниците за посилна акција против Германија, но Муравиев не успеа да ја искористи можноста. И покрај тоа, утрото на 5 септември, Муравиев реши да ги прекине односите со Германија и сериозно размислуваше за објавување војна. Сепак, министерот за војна, генерал Маринов, препорача декларацијата да се одложи 72 часа за да им се овозможи на преостанатите бугарски сили во Македонија да се повлечат и да се избегне заробувањето од Германците. Овој совет имаше големо значење: Маринов бил тајно во контакт со комунистите, кои планирале државен удар. Ако Муравиев ѝ објавеше војна на Германија, на комунистите ќе им беше потешко да ги убедат другите дека неговата влада е фашистичка. Планираниот удар можеби требаше да се откаже или во спротивно ќе изгледаше апсурдно.

СОВЕТСКАТА ОБЈАВА НА ВОЈНА

Во пет часот попладне на 5 септември, регентите и кабинетот се состанаа за да разговараат за прекинувањето на дипломатските односи со Германија. Таквиот потег изгледаше како политичка и воена потреба, но жестоко се расправаше на седницата што траеше до полноќ. Филов беше силно против прекин на односите и се закануваше дека ќе поднесе оставка; Генералот Михов сепак се надеваше на германска победа. Министерот за правда, Борис Павлов, подоцна рече дека одлуката за раскинување на односите е донесена во четири или пет часот попладне; Михов, пак, изјави дека се случила на полноќ. Времето е од одредена важност, бидејќи во 21 часот попладне дојде зачудувачката вест дека Советскиот Сојуз ѝ објави војна на Бугарија. Само два часа порано, Молотов го извести бугарскиот амбасадор во Москва дека советската влада досега била трпелива бидејќи сфатила дека мала земја како Бугарија не е во позиција да се спротивстави на моќна нација како Германија. Од оваа причина Советите исто така го толерираа фактот дека Бугарија се користи како база за германските воени операции против Советскиот Сојуз. Сепак, Молотов продолжи, сега кога Германија се соочуваше со катастрофа од секоја страна и престана да биде голема закана, немаше изговор за неуспехот на Бугарија да ѝ објави војна на Германија. Затоа, советската влада беше принудена да ѝ објави војна на Бугарија.

Сојузничките дипломати во Москва дознаа за оваа декларација само кратко пред Бугарите и воопшто не беа сигурни дека тоа е оправдано со ситуацијата. На сер Арчибалд Кларк Кер му беше наложено да ги извести Русите за вчудоневиденоста на британската влада дека СССР ѝ објави војна на Бугарија „без претходни консултации и во време кога Бугарија се чинеше дека сака да склучи мир со сојузниците“. Муравиев првпат слушнал за декларацијата кога таа била емитувана од Русите во 21 часот.

Бугарската влада речиси веднаш издаде коминике во кое се наведува дека заради настаните во Македонија, владата одлучила да преземе „цврсти мерки против провокативната акција на германските единици“; импликацијата беше дека истата вечер ќе ѝ се објави војна на Германија. Меѓутоа, состанокот конечно се одложи, откако беше одлучено да се прекинат односите со Германија, но не и да се објави војна. Комунистите обвинија дека дури и оваа одлука е донесена само по објавувањето на Русија за објавување на војна на Бугарија и тие го критикуваа Муравиев за дејствување врз основа на неодамнешниот инцидент во Македонија, наместо на општо спротивставување на фашизмот.

Западот во тоа време веруваше дека Русија објави војна за да има еднаков глас во мировните преговори со Бугарија. Сега се чини дека вистинскиот мотив беше да ѝ се овозможи на Црвената армија да влезе во Бугарија и да помогне во создавањето на комунистичка држава. СССР сфати дека ако членовите на владата Муравиев не бидат дискредитирани како фашистички, но можат да склучат мировен договор со сојузниците, тие ќе бидат во силна позиција наспроти Татковинскиот фронт. Како и да е, ова не го оправдува неуспехот на бугарскиот кабинет да преземе акција што беше толку јасно политичка потреба. Силен водач ќе ги тргнеше настрана сите приговори за објавување војна на Германија и ќе ја поздравеше оставката на сите што се противат на промената на политиката. Муравиев не беше таков човек.

Комунистичките штрајкови и демонстрации ја зголемија политичката тензија во Бугарија. Првите демонстрации се случија во Софија на 4 септември пред Министерството за правда. Оттаму демонстрантите тргнаа кон советската амбасада, каде што пееја и извикуваа пароли како „Муравиев е хитлеритски агент“. Толпата беше растурена од полицијата и голем број демонстранти беа уапсени, но не пред дел од толпата да ја нападне германската амбасада. Демонстрациите, главно составени од прокомунистички студенти, беа само делумно успешни, бидејќи привлекоа малкумина од жителите на градот.

Вечерта на 5 септември, по објавувањето војна на Советскиот Сојуз, водачите на на Комунистичката партија во областа Софија, вклучувајќи го и идниот лидер Тодор Живков, одлучија долго-дискутираниот пуч да се изврши во раните часови на 9 септември. Следната вечер тие се собраа во знак на протест против континуираното присуство на германски војници во Бугарија.

6 септември 1944 година, исто така, го означи почетокот на серија воени востанија што ја разнишаа вербата на владата во лојалноста на армијата. Во истиот период дезертирањата значително се зголемија и неколку мали воени единици пребегнаа кон партизаните. На 7 септември, рударите во Перник започнаа сериозен штрајк, кој прерасна во насилство кога полицијата интервенираше; во судирот загинаа шестмина штрајкувачи, а 23 беа ранети. Во Софија се одржаа големи демонстрации пред главната железничка станица. Кога полицијата се обиде да ја разбие толпата, вооружени партизани кои се вовлекоа во градот отворија оган. Голем број полицајци и демонстранти беа убиени во оваа кратка пресметка. 

ПУЧОТ ОД 9 СЕПТЕМВРИ 1944 ГОДИНА

Владата на Муравиев сè уште имаше контрола над земјата, но нејзината иднина беше мрачна. Почнувајќи од 6 септември, таа направи избезумен напор да ги укине законите и да го смени административниот персонал што го поврзуваше со претходната влада. Антиеврејските закони, законот од 1934 година за укинување на политичките партии и другите репресивни статути официјално беа укинати. Префектите на шест од покраините беа заменети, како и голем број официјални лица во Министерството за надворешни работи. Генерал Лукаш (началник на штабот), генерал Трифонов (командант на Петтата армија), генерал Стојанов и уште неколку други високи воени офицери или дадоа оставка или беа отстранети.

Министерот за војна Маринов го извести командантот на германската воена мисија вечерта на 6 септември дека сите германски трупи, без исклучок, мора да ја напуштат Бугарија до 7 утрото. Германците го разбраа ова предупредување, но ништо не ветија. Бугарите исто така побарале Германците да поминат низ Софија само ноќе за да не предизвикаат продолжување на сојузничкото бомбардирање врз главниот град. Советскиот Сојуз не беше импресиониран од овие напори. Премиерот ноќта на 5 септември го известил советскиот отправник на работите дека Бугарија ги раскинува односите со Германија; следниот ден, сепак, тој објави дека побарал примирје од СССР, но не спомнал за односите со Германија. Советско соопштение коментира: „Ваквата контрадикторна ситуација не може, освен да предизвика недоверба во советската влада кон позицијата на бугарската влада. Со оглед на ова, советската влада не беше во можност да го разгледа барањето на бугарската влада за примирје“. Генералот Толбухин, командант на советските сили кои се собираа на границата со Бугарија, на 7 септември издаде проглас:

 „Црвената армија нема намера да војува со бугарскиот народ и нејзината армија, бидејќи го смета бугарскиот народ за братски народ. Црвената армија има една задача – да ги победи Германците и да воспостави општ мир што е можно поскоро. За ова е потребно бугарската влада да престане да ѝ служи на германската кауза, веднаш да ги прекине сите односи со Германците и да премине на страната на коалицијата на демократските земји“.

По влегувањето на советските трупи и преземањето на власта од комунистите во бугарските градови наеднаш се појавија партизани кои маршираа по улиците, како бригадата „Чавдар“

Бугарија конечно ги прекина дипломатските врски со Германија на 7 септември 1944 година. Утрото на 8, кабинетот се состана за да донесе одлука за објавување војна на Германија. Но, Муравиев одложуваше премногу долго; кратко време по состанокот на владата, руските трупи ја преминаа границата со Бугарија. На бугарските војници им беше укажано да не даваат отпор, но тешко дека тие би се бореле дури и под наредба на владата. Како резултат, немаше што да го запре напредувањето на Црвената армија по Варна, Бургас и Шумен. Сепак, одлуката за објавување војна на Германија не беше донесена дури во два часот попладне. Филов побрзо поднесе оставка отколку да ја одобри декларацијата, која требаше да стапи во сила во шест часот истата вечер, на 8 септември 1944 година. Бугарија сега беше во војна со Германија, Велика Британија, Соединетите Држави и Советскиот сојуз.

На 8 септември, Националниот комитет на Татковинскиот фронт ги повика Бугарите да ги пречекаат Русите како ослободители. Со комунистичките сили на работ на преземање во Бугарија и со речиси целосно дискредитирана влада на Муравиев, Советскиот Сојуз изненадувачки се согласи на прекин на огнот. „Со оглед на фактот дека бугарската влада ги раскина односите со Германија и се сврте кон Советскиот сојуз со барање за примирје, советските трупи ќе престанат со воената активност во Бугарија од 22 часот на 9 септември“. Причината за оваа акција не е јасна. Дали Русија главно беше заинтересирана да го олесни напредувањето на Црвената армија или беше договорено примирјето со знаење дека Муравиев ќе биде соборен пред тоа да стапи на сила? Најверојатното објаснување е дека Русите претпоставиле дека Татковинскиот фронт е премногу слаб за да ја собори владата, бидејќи досега тоа не го направи. Генералот Толбухин, кој преку радио го прифати бугарското барање за примирје, очигледно не знаеше ништо за плановите за државен удар; претставниците на Татковинскиот фронт само го увериле дека Црвената армија ќе биде ентузијастички пречекана од бугарскиот народ. Руските сили наскоро би биле во Софија, па пучот изгледаше непотребен.

Од внатрешно-политички причини, за самиот Татковински фронт беше важно да ја преземе власта од Муравиев. Бугарската армија беше деморализирана и владата повеќе не уживаше доверба кај луѓето. Голем дел од гарнизонот во Софија е распрснат во оддалечените села како резултат на воздушните напади на сојузниците. Така, владата беше исклучително ранлива на државен удар. Во два часот по полноќ на 9 септември 1944 година, хетерогена сила на бунтовни војници, кадети од Воената академија на Софија и партизани зазедоа стратешки позиции во главниот град. Со помош на генералот Маринов, министерот за војна, бунтовниците ги уапсија Муравиев, Гичев и други владини водачи. Операцијата беше завршена за еден час.

Во шест часот изутрина, Кимон Георгиев на радио објави дека е соборена старата влада и дека тој е именуван за премиер. Пучот беше организиран од Кимон Георгиев и Дамјан Велчев, кои исто така го водеа пучот во 1934 година и учествуваа во пучот во 1923 година. Новата влада беше формирана од Татковинскиот фронт под водство на Кимон Георгиев, во која беа четворица комунисти. Вистинската моќ, сепак, беше во рацете на Бугарската комунистичка партија. (Продолжува)