Кога бугарските трупи влегоа во Вардарска Македонија во април 1941 година меѓу населението имаше ентузијазам поради тридецениската доминација на Србија и српскиот шовинизам. Но разочарувањето дојде многу брзо, затоа што Софија сакаше на брз начин да ги бугаризира Македонците

Ниту еден збор немаше повеќе магија за бугарскиот народ отколку „Македонија“. Оваа сурова и неплодна територија на денешна јужна Југославија и северна Грција беше главната причина за вмешаност на Бугарија во две неуспешни војни – Втората балканска војна и Првата светска војна – и беше главен фактор во бугарската политика за време на 1920-тите и раните 1930-ти, кога политичките групи се убиваа едни со други на улиците на Софија околу тоа. Сепак, кога Бугарија конечно ја окупираше Македонија во 1941 година по операцијата „Марита“, таа долго посакувана земја стана само уште една провинциска област во бугарската држава.

Некои важни разлики меѓу Македонија и остатокот од Бугарија сепак останаа. Македонија беше етничка крпеница, со многу жители кои себеси не се сметаа за Бугари; како резултат, окупаторите направија енергични напори да ги „бугаризираат“, или со пропаганда или – особено во Егејска Македонија, каде што населението беше претежно грчко – со протерување и егзекуции. Покрај тоа, границите на „новите земји“ не беа трајно утврдени; како што Германците ги намалија сопствените сили на Балканот, бугарската окупациска зона се прошири во неколку наврати – и Бугарија очекуваше дека Германија официјално ќе ги признае анексиите на крајот на војната. Окупацијата на Македонија предизвика и еден горчлив внатрешен конфликт меѓу бугарските и југословенските комунисти за контрола врз македонската партија и овој конфликт имаше важно повоено значење.

ОКУПАЦИЈАТА НА ВАРДАРСКА МАКЕДОНИЈА

Кога германските трупи напредуваа во Вардарска (југословенска) Македонија во април 1941 година, Македонците ги дочекаа победниците со голем ентузијазам. Толпи во Скопје, главниот град на провинцијата, покажаа транспарент кој, парафразирајќи го германскиот слоган, го поздрави обединувањето на Македонија и Бугарија: „Еден народ, еден цар, едно кралство“. Граѓаните уште побурно ги дочекаа бугарските трупи кои влегоа во Македонија на 19 април 1941 година. Топлиот прием што им го дадоа на бугарските војници беше во најголем дел резултат на македонското незадоволство од тридецениската доминација на Србија. „Административната бруталност, српскиот шовинизам, политичката корупција и економската експлоатација беа пофлагрантни во Македонија отколку во кој било друг дел на Југославија“. Затоа не беше изненадувачки што многу Македонци ги бодреа Бугарите кога влегоа. Еден жител на Скопје подоцна објасни: „Се разбира дека аплаудиравме; тогаш не можевме да знаеме дека Бугарите само ќе ги повторат сите грешки што ги направија Србите“.

Териториите што Бугарија ги доби од нацистичка Германија за вклучување во Тројниот пакт: Вардарска Македонија, Егејска Македонија и Тракија, јужна Србија и дел од Неготин Краина

Разочарувањето дојде брзо. Бугарите, а не Македонците, ги заменија протераните српски службеници и „дури и Македонците што беа во егзил кои се враќаа се чинеа странци“. Сите прашања што беа важни беа решавани во Софија, а локалните власти се чинеа решени да направат регион кој нема да биде различен дел од Голема Бугарија. Официјалните лица испратени во Македонија ретко беа меѓу најдобрите во Бугарија. Бидејќи примитивните услови на регионот го направија непожелно место за служење администрацијата беше екипирана со преместувања од други владини агенции. Во извештајот на германското разузнавање во октомври 1942 година се забележува:

„Македонците, кои за време на југословенското владеење го оценуваа сето што е бугарско со воодушевување, сега се премногу разочарани откако се запознаа со целосно корумпирана, како и неспособна бугарска администрација“.

Особено разочарани беа оние Македонци кои очекуваа културна и јазична автономија. Властите ги отфрлија сите тврдења за македонската културна посебност и „ги третираа домородните како заостанати Бугари

Дури и ако службениците беа подобри, условите со кои се соочуваа сериозно ќе ја тестираа нивната издржливост. Водечкиот опозициски член на Народното собрание, Петко Стајнов, се пожали во јуни 1942 година: „Каков изглед и дух очекувате од службениците кои пет месеци јадеа само леб и грав?“ Окупациските трупи имаа соодветна храна, испратена од Бугарија, но тие постапуваа исто толку грубо и арогантно кон локалното население, како и службените лица. Наместо да дејствуваат како „ослободители“, трупите се однесуваа како освојувачи. Ова беше донекаде санирано откако повисоките органи станаа свесни за проблемот, но горчливиот впечаток остана. Армијата што беше пречекана со ентузијазам стана предмет на одвратност.

Особено разочарани беа оние Македонци кои очекуваа културна и јазична автономија. Властите ги отфрлија сите тврдења за македонската културна посебност и „ги третираа домородните како заостанати Бугари“. Тежок акцент беше ставен на образованието како средство за бугаризација. (Премиерот Богдан Филов беше и министер за образование.) На делегатите на конференцијата за наставници во Скопје им беше кажано дека нивната најголема должност е „зачувување на територијалното единство и независност на бугарската држава“. Новата наставна програма во македонските училишта силно ги нагласи бугарските теми и ја обесхрабри употребата на македонскиот јазик, што бугарските власти го сметаа, правилно или погрешно, само како дијалект на бугарскиот јазик. Типичен неделен распоред вклучуваше седум часа бугарски јазик, три часа бугарска историја и еден час бугарска црковна историја. Во исто време имаше само три часа за математика, три за современ јазик и еден час за руски јазик (што беше достапен само во петто и шесто одделение).

Бугарите донесоа низа закони што предвидуваа даночно олеснување и економска помош на новите територии, вклучително и Јужна Добруџа. Тие исто така основаа 800 нови училишта во Македонија и на Скопје му подарија библиотека, музеј, национален театар и, во декември 1943 година, универзитет именуван по штотуку починатиот цар Борис. Сепак, многу Македонци ги сметаа овие дарови како дополнителен доказ за бугаризација. Употребата на бугарскиот јазик во училиштата предизвика зголемено противење и стана место за собирање на дисиденти Македонци иритирани од други аспекти на окупацијата. Во 1943 и 1944 година, опозицијата достигна такво ниво што во многу области присуството се одржуваше само со принуда, а некои училишта не беа во можност воопшто да работат.

Скопје, 20 април 1941 година: цвеќе, портрети на Хитлер и царот Борис. На многу места во Македонија бугарските војски беа пречекани со слична иконографија

Бугаризацијата не беше ограничена на секуларните институции. На 3 мај 1941 година, бугарскиот свет синод ја презеде контролата над православните цркви во окупирана Југославија и Грција. Основани се четири нови епархии и беа назначени неколку нови епископи и митрополити. Под раководство на владата, синодот донесе свештеници од Бугарија, нареди службите да се вршат на бугарски, а не на македонски јазик, и назначи црковна комисија за отстранување на сите остатоци од небугарската култура. На 10 јуни 1942 година, Народното собрание наметна бугарско државјанство за сите лица со „бугарско“ потекло што живеат во Вардарска и Егејска Македонија. Сите други кои сè уште престојуваат во овие области на 1 април 1943 година, ќе станат граѓани сѐ додека не се изјаснат поинаку и во тој случај од нив ќе се бара да ја напуштат земјата. Оние што го направија овој избор мораа да останат без пари затоа што Бугарите ги замрзнаа сите банкарски сметки во Македонија. Од друга страна, на оние што прифатија бугарско државјанство им беше ветено ослободување од сите даноци и давачки.

ВМРО И ВАНЧО МИХАЈЛОВ

Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) веќе не беше важен фактор во македонските работи. Оваа позната терористичка организација, основана првично во 1893 година за да се бори за ослободување на Македонија од Турците, ја направи Бугарија своја база по вклучувањето на поголемиот дел од Македонија во Југославија по Првата светска војна. Од Бугарија водеше герилска кампања против југословенската – а особено српската – доминација на Македонија. Бугарскиот премиер Александар Стамболиски се обиде да ги спречи активностите на ВМРО и да воспостави подобри односи со Југославија, но неговите напори придонесоа само за негово соборување и смрт во 1923 година. Една деценија ВМРО работеше слободно – речиси како држава во држава – администрирајќи ја бугарска (Пиринска) Македонија и убивајќи ги тие кои се спротивставија на нејзините цели. Иако ВМРО беше поделена помеѓу оние кои ја фаворизираа македонската автономија и оние кои сакаа обединување со Бугарија, идеологијата честопати беше помалку важна за организацијата отколку финансиската поддршка од разни заинтересирани земји, особено Бугарија и Италија. Ексцесите на организацијата постепено ја изгубија својата голема популарност и во 1934 година бугарската влада конечно презеде решителна акција против неа. Потоа збриша сѐ освен мал остаток околу нејзиниот водач, Иван Михајлов.

И покрај тоа што ВМРО имаше мало значење за време на војната, многу поединци кои беа поврзани со организацијата имаа одговорни функции во бугарските агенции, особено во „новите земји“. Самиот Михајлов задржа одредено влијание. Постојат извештаи дека тој двапати бил разгледуван од Бугарите и Германците како можен гувернер на Македонија. Во октомври 1942 година, според овие извештаи, царот станал толку загрижен за влошената состојба во Македонија што го испратил шефот на разузнавачката служба од неговиот двор во Загреб, каде Михајлов беше гостин на Анте Павелиќ, поглавникот (владетелот) на Хрватска. Михајлов, наводно, ја критикувал кампањата за бугаризација во Македонија и од состанокот не се изродило ништо. Во 1944 година, кога бунтот во Македонија достигна размери на криза, Михајлов беше контактиран и од Бугарите и од Германците; за последните се вели дека го сметале за гаулајтер на Македонија во случај на распад на бугарската окупација. И од овие разговори не испадна ништо. (Продолжува)