БУГАРИЈА ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА | ОКУПАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА (4)

Настаните во Југославија и операцијата „Марита“

На 25 март 1941 година премиерот на Крлаството Југославија, Драгиша Цветковиќ, го потпиша Тројниот пакт во Виена со Јоаким Фон Рибентроп. Два дена подоцна избувнаа големи демонстрации во Југославија, беше извршен државен удар и од власта беше соборен намесникот, принцот Павле

Маршал Ли Милер

Царот Борис сакаше Југославија да се приклучи на Тројниот пакт за да се намалат тензиите меѓу двете држави. Кога се дознаа деталите од договорот меѓу Југославија и Хитлер се појави големо незадоволство во Бугарија. Многу Бугари сметаа дека можноста да се добие Македонија вреди да се ризикува со војна

Царот Борис немаше многу причини да ѝ биде благодарен на Британија. Сѐ додека британската интервенција во Грција не го предизвика вниманието на Германија, Бугарија беше во можност да избегне сојуз со кого било; а сепак британските напори да ѝ помогнат на Грција никогаш немаа повеќе од најмала шанса за успех. Ако Бугарија останеше непосветена до јуни 1941 година, кога Германија го нападна Советскиот Сојуз, можно е Бугарија да избегнеше приклучување кон Оската и покрај симпатиите на владата за Германија. 

Бидејќи територијалното барање на Бугарија кон Македонија се спротивставуваше директно на југословенското, повеќето Бугари природно се надеваа дека Југославија нема да побара добивка од Германија за влегување во Пактот. Соработката со Југославија, сепак, се чинеше од суштинско значење за успехот на операцијата „Марита“, бидејќи Хитлер сакаше да ги користи југословенските линии на комуникација и да го заштити крилото на неговите војски што минуваат низ Бугарија. Југословенската влада првично ги отфрли барањата на Германија, но неутралноста на нејзиниот сојузник Турција по бугарско-турскиот договор и придржувањето на Бугарија кон Оската на 1 март ја комплицираше нејзината позиција. На 4 март 1941 година, југословенскиот регент, принцот Павле, му рече на Хитлер во Берхтесгаден дека неговиот кабинет може да го прифати Тројниот пакт ако бидат исполнети четири дарежливи услови: прво, територијална гаранција; второ, нема транзит за германските трупи; трето, нема активно учество во војната; и четврто, пристап до Егејот преку Солун.

Кога Југославија влезе во Тројниот пакт дојде до олеснување во Софија. Премиерот Филов во својот дневник напиша дека „сите беа многу задоволни“: Богдан Филов, Јоаким фон Рибентроп и бугарскиот министер за надворешни работи Иван Попов

Царот Борис, за разлика од мнозинството на неговиот народ, сакаше Југославија да го потпише Пактот, бидејќи се плашеше дека југословенската тврдоглавост може да ја наруши несигурната стабилност на Балканот и да предизвика војна што може да ја загрози неговата земја и неговиот престол. Поради оваа причина, во средината на март 1941 година, бугарскиот министер за надворешни работи, Иван Попов и министерот за војна Теодор Даскалов му го пренесоа на амбасадорот на Југославија Милановиќ „пријателскиот совет“ дека Југославија треба да го потпише Тројниот пакт. „Милановиќ беше многу изненаден од овој совет“, напиша подоцна генералот Даскалов, „и праша дали знаеме дека Југославија во овој случај би го добила Солун и дека мора да се откажеме од Македонија. Попов одговори дека ова го сфативме; сега не стануваше збор за територијални придобивки, туку да се зачуваат нашите земји“.

Хитлер беше бесен од државниот удар на 27 март 1941 година во Југославија и реши „да ја уништи Југославија и воени и како државна единица“. Македонското прашање, му рече Хитлер на Јоаким фон Рибентроп, сега може да се реши во полза на Бугарија

Под притисок на Германија, на 25 март 1941 година, југословенската влада го потпиша Тројниот пакт во Виена. Германија вети дека ќе го почитува територијалниот интегритет на Југославија, нема да испраќа трупи низ земјата и дека ќе дозволи евентуално предавање на Солун. Иако југословенските водачи ветија многу малку за возврат, Хитлер забележа дека нивното однесување на церемонијата на потпишување го потсетува на погреб. Бугарската реакција беше измешана. Премиерот Филов во својот дневник напиша дека „сите беа многу задоволни“, а Улрих фон Хасел (германски дипломат – н.з.), кој во тоа време беше во Софија, напиша: „Овде, во Бугарија, се чини дека во моментот преовладува чувството на олеснување. Како ќе биде атмосферата кога некој ќе сфати дека Југославија поставила барања е отворено прашање, па Бугарите ја следат работата со измешани емоции“.

Фон Хасел беше точен во предвидувањето на бугарското незадоволство кога ги дозна деталите за договорот. Многу Бугари сметаа дека можноста да се добие Македонија вреди да се ризикува со војна. Водечкиот бугарски индустријалец, Иван Балабанов, му ја раскажа општата реакција на Фон Хасел откако Бугарите дознаа за германските концесии за Југославија: „Оската изгуби дваесет проценти од своите следбеници овде во последните дванаесет часа. Резервните офицери кои слободно се дружат со Германците добиле заканувачки писма“. Хитлер, сепак, бил воодушевен од придржувањето кон Југославија затоа што, како што му рече на грофот Ќано, во спротивно акцијата против Грција би била „воено исклучително тежок потфат“.

Југословените наместо да се олабават, реагираа со гнев. Во многу градови, особено во Србија, избувнаа немири и демонстрации против Пактот, а неколку армиски единици се побунија. На 27 март 1941 година, командантот на југословенското воено воздухопловство, генерал Душан Симовиќ, и генералот Бора Мирковиќ организираа успешен државен удар против владата на принцот Павле. Принцот беше соборен и принуден на прогонство, а седумнаесетгодишниот крал Петар беше прогласен за монарх во свое право. Черчил изјави: „Југославија ја најде својата душа“.

Пучот беше прифатен во цела Југославија од големи групи демонстранти кои вееја сојузнички знамиња и извикуваа антинацистички пароли. Иако генералот Симовиќ се воздржуваше од одрекување од Тројниот пакт, Хитлер беше бесен од пучот и реши „да ја уништи Југославија и воено и како државна единица“. Македонското прашање, му рече Хитлер на Јоаким фон Рибентроп, сега може да се реши во полза на Бугарија.

На 6 април 1941 година германските трупи упаднаа во Грција и Југославија. Грчката одбрана по должината на бугарската граница беше брзо изолирана, а секундарната одбрана на линијата Алијакмон јужно од Солун беше пробиена. Грчката армија и сто илјади луѓе на британската експедициска сила во Грција беа принудени да се повлечат кон Атина. Германските сили исто така влегоа во Југославија и продолжија длабоко во земјата без да наидат на значителен отпор. Луфтвафе го разори Белград, го бомбардираше пристаништето во Атина и леташе над воените полиња.

По големите демонстрации на 27 март и државниот удар Черчил изјави: „Југославија ја најде својата душа“

Иако Бугарија одбиваше да учествува директно во инвазиите, нејзината улога како област преку која ќе одат германските движења ја направи мета на британски воздушни напади. На првиот ден од кампањата, шест бомбардери на РАФ „велингтон“ ја нападнаа Софија, а група бомбардери „бленхајм“ ја погодија пругата што водеше од Софија кон Грција. Бомбардирањето, според американскиот министер во Софија Ерл, било „прецизно и ефикасно“. На 13 април, британските бомбардери изведоа тричасовен ноќен напад врз Софија, запалија голем број згради околу главната железничка станица и разнесоа воз со муниција.

Овие бомбардирања имаа ефект врз Бугарија далеку поголем од размерот на реалната нанесена штета. По вториот напад врз Софија, завладеа широка паника и масовно иселување од градот. Властите се надеваа дека ќе ја смират тревогата само со кратко спомнување на нападите на радио и во печатот; наместо тоа, тие само ги разгореа гласините дека Софија е целосно уништена. Покрај тоа, бидејќи британските рации се совпаднале со присуството на незаштитена муниција возовите во депоата, и Бугарите и Германците претпоставуваа дека Британија има агенти во Софија кои обезбедуваат точни разузнавачки информации за движењата на војската и логистиката. Бугарската полиција продолжи со апсење на голем број луѓе под најмало сомневање за шпионажа, саботажа или контакт со непријателска странска влада. Водачите на политичката опозиција со западни симпатии беа ставени под строга контрола и нивните домови беа претресени. Весникот „Мир“, најобјективниот и најценетиот во земјата, беше принуден од цензорите привремено да го прекине излегувањето.

Комунистите, сепак, не беа вклучени во овој истрага на политички неистомисленици. Всушност, оние водачи кои беа уапсени во февруари 1941 година или кои не беа вклучени во амнестијата во октомври 1940 година, сега беа ослободени. Тие излегоа од затвор во нова збунувачка ситуација. Многу од нивните поранешни симпатизери ја прифатија националистичката политика на владата; дури и некои од водачите се колебаа. Според германското разузнавање, само старите (eingefleischte) работнички лидери на БКП продолжија во активна опозиција кон владата.  (Продолжува)