БУГАРИЈА ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА | ОКУПАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА (1)

Горчливото наследство од Берлинскиот конгрес

Сан стефано
Со Мировниот договор од Сан Стефано потпишан на 3 март 1878 заврши Рускотурската војна 1877-78 година. Со него Бугарија ја доби својата независност и проширување на територијата во огромни размери. Според официјалната руска позиција тоа бил само привремен груб нацрт пред конечниот договор со другите големи сили / The Illustrated London News: Vol. 72, (March 23, 1878)

Маршал Ли Милер

Американскиот историчар Маршал Ли Милер во 1975 година ја објави книгата „Бугарија во Втората светска војна“ во издание на Универзитетот Стенфорд во Калифорнија. Оваa книга со документи од многу тајни архиви и лични сведоштва опишува што се случувало во Бугарија од септември 1939 до септември 1944 година

Многу вистини, полувистини, лаги, гнев, па и омраза, дотекоа од Бугарија и Македонија последниве два месеци откако стана јасно дека официјалните власти во Софија ќе го блокираат утврдувањето на преговарачката рамка за нашата земја во ЕУ и со тоа ефективно ќе го попречат почнувањето на преговорите. Во целата оваа врева, што на моменти се претвораше во хистерија, оската на големите недоразбирања и неразумни тврдења и барања од бугарските политичари беше поврзана со идентитетот, јазикот и самосвеста на македонскиот народ. Надвор од стандардните тврдења дека Македонецот е заблудено дете на бугарската мајка, кое по задача на Коминтерната и по налог на Тито станал сам на своето со сопствена свест (па дури и престанал да го зборува „мајчиниот јазик“ – бугарскиот) четирите години на окупацијата на тогашната Вардарска Македонија од бугарските војски во Втората светска, кои беа во сојузништво со хилеровите солдатески, ја ставија на испит историјата, записите за неа и настаните во ова што денес е Северна Македонија. Од многу бугарски историчари и политичари упорно се пропагира тезата дека од април 1941 до септември 1944 година бугарските власти по налог на Хитлер само ја администрирале макаедонската територија, заедно со големи делови од јужна Србија и целиот простор од сегашна и тогашна северна Грција, од Солун кон турската граница, со излез на Егејското Море (или како што тогаш Бугарите го нарекуваа – Беломорието). Тоа наидува на потсмев на историчарите овде и во странство, затоа што претставува зачудувачки историски ревизионизам, со кој некој сака со сила да ги промени или ретушира настаните од минатото.

Со Нејскиот мировен договор од ноември 1919 на Бугарија (како поразена во Првата светска војна) ѝ беше наложено да отстапи различни територии од Југославија и Грција

Уште еднаш Бугарија беше на страната на поразените. Со Нејскиот договор од 1919 година, Бугарија го загуби излезот на Егејот од Грција, Јужна Добруџа од Романија и дополнителни делови од Македонија кон Југославија

Во 1975 година американскиот историчар Маршал Ли Милер ја објави книгата „Бугарија за време на Втората светска војна“, а издавач беше Универзитетот Стенфорд во Калифорнија. Оваa книга исцрпно и неутрално со очите на еден Американец и со документи од многу тајни архиви и лични сведоштва опишува што се случувало во Бугарија од септември 1939 до септември 1944 година. Во неа се објаснети сите настани поврзани со Бугарија во Втората светска војна: од кризата за Добруџа, приклучувањето на Софија кон Силите на Оската, операцијата „Марита“, окупацијата на Македонија, депортациите на Евреите од окупираните територии, смрта на царот Борис… Најголемиот дел од оваа книга содржи познати работи, но синтетички систематизирани според узансите на американската историографија, без многу китење. Книгата, иако толку одамна издадена сѐ уште може да се купи преку „Амазон“ и за неа уште се пишуваат соодветни коментари.

„Независен“ во фељтон ќе претстави дел од најинтересните делови за македонската јавност – приклучувањето кон Оската, окупацијата на Македонија, еврејското прашање и смртта на царот Борис. Како увод во фељтонот ја пренесуваме рецензијата на журналот „Канадско-американски словенски студии“ кој квартално повеќе од пет децении го издава на Универзитетот на Питсбург. Во рецензијата за книгата на Маршал Ли Милер, авторот Фредерик Чери меѓу другото го напиша и ова:

„Трудот на г-н Милер е прв монографски обид да се опише целосната внатрешна политичка ситуација во Бугарија за време на Втората светска војна. Како таков, тој е добредојден во веќе постоечката историска литература за научниците кои ја проучуваат војната во Европа и на Балканот. Монографијата претставува местрален труд од истражувања базирани од бугарски, германски, англиски, американски, италијански, руски и дури уште поважно, од израелски извори. Милер исто така спровел екстензивни интервјуа со личности кои играле важна улога во настаните од тој период и имале дискретен пристап (преку свои алатки) до бугарските документи кои беа затворени за западните научници во времето на неговото истражување. Без оглед на помалите грешки што се очекувани во книга од ваков обем ’Бугарија за време на Втората светска војна‘ фрла голема  светлина врз многу заеднички митови и погрешни претпоставки за ова балканско кралство за време на војната.

Книгата на американскиот историчар Маршал Ли Милер „Бугарија за време на Втората светска војна“ објавена во 1975 година, издавач беше Универзитетот Стенфорд во Калифорнија

Милер се справува со разновидни прашања кои се однесуваат на кралството во воените години – иредентизмот, сојузот со Оската, промените во владата, администрацијата на новите територии, антисемтското законодавство и судбината на Евреите, текот на војната и дипломатијата, смртта  на царот Борис и востанувавањето на регентството, активноста на Комунистичката партија и партизанската борба, и малку познатиот конфликт со Италија околу албанско-македонската граница. Иако трудот се држи кон научната непристрасност авторот се чини дека ја прифаќа тезата дека Борис сакал да ѝ обезбеди на земјата територијални придобивки а да ги избегне консеквенциите на војната. Секако дека е вистина оти Бугарија успеа да ги избегне најлоште пустошења на војната, дека бугарските Евреи за разлика од другите во Европа успеаја да ги избегнат нацистичките кампови на смртта, а иако не сите бугарски присвојувања беа перманетни, она за Добруџа остана…

Еден од најдобредојдените делови од монографијата е истражувањето на авторот на смртта на царот Борис во 1943, која сѐ уште се смета како резултат на германски или нечиј друг атентат. Милер ги разгледал сите можности и ги истражил сите можни извори и мислења. Неговиот заклучок дека најочигледен и најточен е оној дека царот починал од природни причини…

Како што забележав погоре во труд со ваква комплексност се очекуваат некои неточности и можат да се најдат, но ниедна од нив сериозно не ѝ наштетува на општата вредност на книгата. Како заклучок, за заинтересираните читатели ’Бугарија за време на Втората светска војна‘ е многу корисна за да ги разберат настаните на Балканот во тоа време“.

* * * * *

ИСТОРИСКИ УВОД

А, оние што биле во можност да ја имитираат лисицата, најдобро успеале. Но, потребно е да се биде во можност добро да се маскира овој лик, и да се биде голем преправач и лажго

– Макијавели, „Владетелот“, Глава XVIII

Бугарскиот цар Борис често се жалеше: „Мојата војска е прогерманска, мојата сопруга е Италијанка, мојот народ е проруски. Јас сум единствениот пробугарин во оваа земја“. Како Бугарин, целите на Борис за време на војната вклучуваа и задоволување на иредентистичките аспирации на неговата земја против нејзините балкански соседи и неинволвираност во борбите. За да се постигнат овие очигледно непомирливи цели, беше неопходна лукавоста, опишана од Хитлер: „Борис по темперамент е повќе лисица отколку волк, и би се изложил на голема опасност само во најголема неволја“.

Зделките на Борис со Германците се чинеше дека ја потврдуваат проценката на Хитлер. Додека се спротивставувал на нацистичките барања да ги прекинат дипломатските односи со Советскиот Сојуз, да ги депортираат бугарските Евреи во Германија и да се приклучат на војната на Источниот фронт, тој успеал да ја добие нивната поддршка за бугарските окупации на Јужна Добруџа, Македонија и Егејска Тракија. Дури и кога Борис ги убедуваше Германците дека Бугарија е нивниот најсилен пријател, тој успеа да убеди многу Британци и Американци дека вистинските симпатии на неговата земја се со сојузниците.

Оттука, во раниот дел на војната, Бугарија беше мала држава која го следеше својот личен интерес со висок степен на дипломатска вештина и прилично успешен успех. А сепак, како што војната се приближуваше кон својот крај, Бугарија постигна сомнителна разлика дека е истовремено во војна со Велика Британија, Германија, Русија и Соединетите држави.

Горчливото наследство

Семињата на вмешаноста на Бугарија во Втората светска војна беа посеани шеесет години порано, во 1878 година, кога руските трупи под водство на Александар Втори помогнаа во ослободувањето на Бугарија од петвековното турско покорување. Со Договорот од Сан Стефано во март 1878 година, Бугарија доби своја независност и повеќе територија отколку што била некогаш. Оваа победа, сепак, траеше кратко. Велика Британија и Австро-Унгарија беа вознемирени од создавањето на голема, проруска словенска држава на огромна оддалеченост од Турскиот теснец; и по покана на германскиот канцелар Бизмарк тоа лето беше свикана втора мировна конференција во Берлин, што резултираше со драстично намалување на бугарската територија. Годината 1878 година произведе три сили што беа константи во бугарските политики во следните шест децении: благодарност кон Русите како ослободители, фрустрација од растурањето на територијата што Бугарите ја сметаа за нивно право и признавање дека Бугарија е само пион во дипломатското маневрирање на големите сили.

Слабеењето на Турција на нејзините европски поседи ја поттикна Бугарија во 1912 година да им се приклучи на Грција, Србија и Црна Гора во Првата балканска војна. Сојузниците беа победници, но набргу се скараа околу поделбата на пленот. Во Втората балканска војна следната година, Бугарија се соочи со своите поранешни сојузници, на кои им помагаше Романија, додека Турција ја искористи можноста да ги поврати Едрене (Адријанопол) и дел од Тракија. Бугарите беа поразени и изгубија поголем дел од претходните придобивки.

Избувнувањето на Првата светска војна една година подоцна ѝ понуди на Бугарија шанса да ги врати своите загуби. Поради својата стратешка географска позиција, Бугарија беше жестоко примамувана од обете спротивставени страни, но Централните сили (Германија и Австро-Унгарија) имаа неколку предности: прво, тие поверојатно од сојузниците ќе ги задоволеа територијалните барања на Бугарија; второ, бугарскиот цар Фердинанд самиот беше со германско потекло; и трето, есента 1915 година, кога Бугарија одлучи да влезе во војна, Централните сили се чинеа веројатни победници. Бугарската војска се бореше добро, и со одредена германска помош успеа да ги запре големите експедициски сили на британските, француските, српските и руските трупи кои се обидоа да напредуваат северно од Солун. Но, бугарскиот отпор конечно се распадна во октомври 1918 година и царот Фердинанд беше принуден да абдицира во корист на неговиот дваесет и четиригодишен син, кој се искачи на тронот како Борис III.

Уште еднаш Бугарија беше на страната на поразените. Со Нејскиот договор од 1919 година, Бугарија го загуби излезот на Егејот од Грција, Јужна Добруџа (областа меѓу Дунав и Црното Море) од Романија и дополнителни делови од Македонија кон Србија (Југославија). Беа воведени ограничувања на големината на бугарската војска и се бараше големо обесштетување. Ова горчливо наследство исклучи каква било соработка помеѓу Бугарија и нејзините балкански соседи, спречи формирање унифициран и ефикасен балкански сојуз против надворешна агресија и беше главна причина за приклучувањето на Бугарија кон Оската во Втората светска војна.