БУГАРИЈА ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА | ОКУПАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА (22)

Епилогот на погрешната авантура со Третиот Рајх

На еден од процесите од Народниот суд тројцата регенти Богдан Филов, принцот Кирил и генерал Михов, беа осудени на смрт и погубени на 1 февруари 1945 година. Покрај нив беа егзекутирани и двајцата поранешни премиери Багрјанов и Божилов и десетици министри и пратеници

Маршал Ли Милер

По државниот удар на 9 септември 1944 година почнаа масовни егзекуции на оние кои беа членови или беа поврзани со пронацистичките влади. Процентот на егзекутирано население во Бугарија веројатно го надмина оној во која било друга земја од Оската

9 септември 1944 година. Народните судови беа основани пред крајот на годината, а тројцата регенти, членови на секој воен кабинет (вклучувајќи ги и неодамнешните кабинети на Багрјанов и Муравиев), 130 од 160 пратеници на Народното собрание и многубројни советници на дворот и бирократи беа изведени на суд. На 1 февруари 1945 година, биле погубени Филов, генерал Михов и принцот Кирил; по нив следеа следеа поранешните премиери Божилов и Багрјанов, 68 пратеници на Народното собрание, дваесетина поранешни министри (меѓу нив и министрите за внатрешни работи Петар Габровски и Дочо Христов) и неколку кралски советници, вклучувајќи го и Јордан Севов. Муравиев, последниот премиер пред државниот удар во септември, доби доживотна казна затвор; Димитар Гичев, аграрниот водач, беше осуден на една година, но всушност поголемиот дел од преостанатите две децении ги помина во затвор. Иронично, прогерманските лидери честопати поминувале добро: Александар Цанков побегна прво во Германија, потоа во Аргентина; а водачот на легионерите Иван Дочев избега во Канада. Стојан Костурков, водачот на малата Радикална партија, кој беше сигурен во германската победа, беше пречекан со отворени раце во Татковинскиот фронт; неговиот син стана градоначалник на Софија.

Исто така, беа основани народни трибунали на провинциско и селско ниво низ целата земја и беа решени илјадници стари случаи. Процентот на егзекутирано население во Бугарија веројатно го надмина оној во која било друга земја од Оската, иако бројот на реални „воени злосторства“ беше релативно низок. Армијата првично беше поштедена од целосното чистење, бидејќи Русите сакаа да ја искористат против Германците. Со оваа тактика, Советите обезбедија услуги на неентузијазистичка, но дисциплинирана сила за напредување низ Југославија. Политичките комесари кои ја одржувале комунистичката контрола над армијата, наводно, ги изедначувале големите жртви со политичката посветеност; сепак жртвата на 30.000 војници не ѝ донесе на Бугарија право да ги задржи своите воени аквизиции во Грција или Југославија. Само во Јужна Добруџа се одржуваше во голема мера неспорното право на Бугарија да владее.

Политичката стратегија на комунистите за постигнување целосна доминација над земјата опфати неколку фази. Првата беше погубување или затворање на водачите на поранешниот режим и, каде што беше можно, на опозицијата. Второ, БКП ја поткопа моќта на преостанатите лидери на опозицијата тајно помагајќи им на малцинските фракции во нивните партии. Следно, лидерите на овие малцински фракции беа избркани од кликите уште позависни од комунистичката поддршка. Конечно, комунистите ги прочистија своите редови и од опортунисти и од најамбициозните.

По враќањето на Георги Димитров од Москва во ноември 1945 година почна поостриот став на БКП спрема опозицијата. Димитров тогаш стана врховен водач на државата

Добар пример за оваа стратегија беше Аграрната партија. Затворањето на Гичев и неговите следбеници го елиминира крилото Врабча во партијата. Аграрниот водач на Пладне, Г. М. Димитров („Гемето“) се врати кон крајот на септември 1944 година од военото прогонство на Блискиот Исток за да го продолжи водството над неговото крило. Сепак, му беше наредено од советскиот вицекрал генерал Бирјузов да ја напушти партиската функција во јануари 1945 година, и наскоро тој беше принуден повторно да ја напушти земјата. Неговиот наследник, Никола Петков, наскоро се разочара од соработката и беше заменет со Александар Обов, кој пак беше следен од Коста Трајков. Кога Петков одби да престане да го критикува новиот режим, тој беше обвинет за заговор против владата и погубен во септември 1947 година во озлогласено пристрасен судски процес.

Слично на тоа, социјалдемократскиот лидер Крсто Пастухов беше раселен и затворен во корист на Григор Чешмеџиев, кој беше ран поддржувач на Татковинскиот фронт и министер во првата влада на Фронтот. Но, самиот Чешмеџиев се покажа како премногу независен и во мај 1945 година беше заменет со Димитер Нејков. Дури и Звено на крајот не беше поштедено, иако моделот беше нешто поразличен. По германскиот пораз, министерот за внатрешни работи Антон Југов (БКП) започна со чистење на армијата и од осомничени фашисти и од приврзаници на Звено. Министерот за војна Дамјан Велчев (Звено) беше обвинет во печатот за разни злосторства, а неговиот приватен секретар – како оној на Никола Петков – почина под тортура спроведена да извлече признание во кое се вмешани Велчев и премиерот Георгиев. Кога овој план не успеа, Велчев беше испратен како бугарски дипломатски претставник во Швајцарија, каде што остана до неговата смрт во 1954 година. Кимон Георгиев беше симнат од функцијата премиер, најпрво како министер за надворешни работи, а потоа и министер за електрификација, позиција во која тој ја покажа својата генијалност за опстанок за преживување од 1947 до 1959 година.

Георги Димитров не се врати веднаш од Москва, иако оттаму раководеше со Бугарската комунистичка партија. Тој дојде во Бугарија дури на 7 ноември 1945 година, се откажа од советското државјанство и повторно стана Бугарин за изборите на 18 ноември 1945 година

Комунистите исто така не беа имуни. Трајчо Костов, првиот секретар на Централниот комитет на БКП и водечки комунист во Бугарија до враќањето на Георги Димитров од Москва кон крајот на 1945 година, беше погубен за предавство во декември 1949 година и само постхумно рехабилитиран. Бруталниот Антон Југов имаше повеќе среќа: тој беше исфрлен од круговите заедно со Костов, но преживеа и се врати како заменик-премиер неколку години подоцна. Георги Димитров и Васил Коларов беа водечки комунисти родени во Бугарија, кои живееја во Советскиот Сојуз долги години и земаа советско државјанство. Тие останаа во Советскиот Сојуз по септемврискиот удар, иако Димитров го презеде претседателството со Централниот комитет на БКП. Зошто веднаш не се вратија во Бугарија, останува непознато; една теорија тврди дека Москва верува дека фикцијата на Татковинскиот фронт како коалициска влада може подобро да се одржи доколку поранешниот генерален секретар на Коминтерната (Димитров) остане во странство.

Последниот премиер Константин Муравиев, кој беше соборен со пучот на 9 септември 1944, беше осуден на доживотен затвор, па помилуван, па ставен во куќен притвор, ослободен во 1955. Па пак затворен до 1961 година

Ова се сметаше за потребно за да се обезбеди сојузничко признавање и легитимирање на новата влада. Сојузничката конференција на Јалта во февруари 1945 година вети слободни избори за Бугарија, но комунистите толку очигледно го местеа изборниот процес и го тероризираа населението, што западните протести обезбедија одложување на изборите во август 1945 година, токму на денот за кој беа закажани. Ова назадување на комунистичкиот морал доведе и до враќањето на Димитров од Москва на 7 ноември 1945 година и кон поостриот став на БКП кон опозицијата. Девет дена по враќањето, Димитров се откажа од советското државјанство и повторно стана Бугарин за изборите на 18 ноември 1945 година. Опозицијата ги бојкотираше овие избори, кои овој пат не беа одложени. Како резултат на тоа, БКП забележа извонредна изборна победа, а Коларов, кој се врати во Бугарија во септември 1945 година, стана претседател на Народното собрание, каде доминираа комунистите. Димитров, иако сега доминираше во политичкиот живот на нацијата, не ја презеде премиерската функција уште една година.

Во овој период, младиот цар Симеон остана номинален владетел на Бугарија преку нов Совет за вонредни состојби основан по пучот во 1944 година. Дел од стратегијата на комунистите вклучуваше елиминирање на монархијата, и во оваа цел им помагаше генералниот недостаток на народен ентузијазам за династијата Саксобурготски по две катастрофални светски војни. Плебисцит за иднината на династијата се одржа на 8 септември 1946 година, а владата тврдеше дека 93 проценти од гласачите се заложиле за укинување на монархијата. За само неколку дена, Симеон и неговата мајка, кралицата Јоана, ја напуштија Бугарија. Тие отпатуваа прво за да му се придружат на нејзиниот татко, поранешниот италијански крал Виктор Емануел Трети, во египетски егзил, а подоцна заминаа во Шпанија. На краткото владеење на Третото бугарско царство му дојде крајот. (Крај)