Зеленски: Украина е подготвена за преговори, но Русија мора да го направи првиот чекор кон мирот


Володимир Зеленски ги презентира деталите од мировниот план

Украина повторно ја потврди подготвеноста за можни разговори на лидерско ниво и за преговори за прекин на војната, но Русија мора да го направи првиот чекор кон мирот – изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето вечерно видеообраќање.

„Украинските војници секој ден ја докажуваат прецизната сила на Украина. Нашите удари со долг и среден дострел целосно се спроведуваат. Тоа се нашите праведни одговори на Русија за оваа војна – војна што Русија ја започна и која таа треба да ја заврши“, рече Зеленски.

Тој нагласи дека Русија треба „да се повлече од Украина заедно со својата војна“.

– Ние не сакаме војна. Украина достави предлози до нашите клучни партнери, а и пријателите на (рускиот претседател Владимир) Путин слушнаа од нас дека средба е можна и дека завршувањето на оваа војна е можно. Русија мора да го направи тој чекор кон мирот – изјави Зеленски.

Украинскиот претседател им се заблагодари на сите кои работат заедно со Украина за да ја поттикнат Русија кон дипломатија и да помогнат во заштитата на Украина и во спасувањето човечки животи.