Заминува уште една странска компанија, БМЗ ја затвора фабриката во Илинден, се сели во Полска

Германската компанија е глобален снабдувач на решенија за технологија за батерии. Ова е трета компанија која за кусо време што најавува заминување од земјава


Премиерот Христијан Мицкоски во фабриката на БМЗ во септември 2024

 

Германската компанија БМЗ (BMZ Group), која произведува литиум-јонски батерии, донесе одлука целосно да го затвори својот производствен погон во Македонија до крајот на 2026 година и да го пресели своето производство во Полска. Со оваа деловна одлука се засегнати околу 90 лица кои што беа вработени во погонот во Скопје, но и други потенцијални вработувања кои беа најавени при промовирањето на инвестицијата пред околу три години.

За релативно кус период, ова е трета странска компанија која заминува од земјата, откако тоа претходно го направи ирско-американската компанија „Аптив“ со погонот во ТИРЗ „Бунарџик“ кај Скопје, како и американска „Дура“, а други, како британскиот гигант „Џонсон мети“, најголемиот извозник од Македонија, најави дека го намалува бројот на вработени.

Во соопштението на БМЗ, објавено деновиве на нивната интернет страница се посочува дека компанијата ќе го затвори производствениот погон во Северна Македонија, консолидирајќи го европското производство, како и дека производството се сели во Полска.

„БМЗ, глобален снабдувач на решенија за технологија за батерии, со 10 локации низ целиот свет, ќе го затвори својот погон во Илинден, Северна Македонија и ќе го предаде целиот производствен бизнис на БМЗ Полска. Одлуката влијае на 89 вработени во погонот на БМЗ во Северна Македонија“, се вели во соопштението, при што се додава дека извршниот директор и генералниот менаџмент ги информирале вработените уште пред да биде објавено официјалното соопштение.

Од компанијата додаваат дека снабдувањето на клиентите продолжува, како и дека производството ќе биде префрлено на БМЗ Полска, кој веќе работи според истите спецификации и стандарди за квалитет.

 

„Преносот ќе се случи во фази помеѓу август и декември 2026 година. Секој засегнат клиент е контактиран од БМЗ“, се вели воопштението. Како што посочуваат од компанијата со вработените во погонот во Скопје започнале индивидуални разговори во средината на овој месец.

„Секој засегнат колега ќе слушне за својата ситуација од нас. БМЗ е посветен на одговорно, транспарентно и со почит справување со оваа транзиција. Локацијата ќе продолжи да работи до крајот на 2026 година за да се обезбеди уредно предавање“, соопштија од компанијата.

BMZ Battery Solutions Group, со седиште во Карлштајн на Мајна, Германија, е водечки меѓународен производител на високо-перформансни системи за батерии и долгорочен технолошки партнер во електрификацијата и декарбонизацијата на клучните индустриски сектори.

Групацијата датира од 1994 година и денес се потпира на повеќе од 30 години искуство во развојот и индустриската имплементација на напредни системи за батерии. Од 2025 година, БМЦ груп е дел од SKion, инвестициска компанија основана од Сузане Клатен.

Нејзините решенија се користат низ целиот свет во индустријата, е-мобилност, складирање на стационарна енергија и медицинска технологија. Со повеќе од 1.450 висококвалификувани вработени и над 194.000 м² производствен простор, BMZ Battery Solutions управува со производствени погони во Германија, Полска, Кина, Бразил и САД, како и со продажни и сервисни локации во Обединетото Кралство, Јапонија и Хонг Конг.

Од Дирекцијата на ТИРЗ, пак, велат дека очекуваат деновиве да разговараат со друг странски инвеститор од Европска унија кој би го презел погонот на БМЗ.

Во септември 2024 во зоната во Скопје беше одбележан почетокот на градбата на фабрика на германската БМЗ груп. Премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, беа на таа свеченост. Тогаш беше најавено дека инвестицијата изнесува 65 милиони евра и се велеше дека фабриката ќе биде готова до мај 2025 година и да реализира извоз од најмалку 60 милиони евра во првите три години. Раководството на компанијата најавуваше дека бројот на вработените ќе стигне до 1.000. Помалку од две години подоцна нема ништо од тие најавени 1.000 вработени, а деведесетината што сега работат ќе останат без работа. 

Наспроти оптимизмот од дирекцијата на ТИРЗ и најавите од Владата за привлекување странски инвеститори, компаниите во странска сопственост кои работат во земјава, повеќе пати предупредија дека не ја добиваат навреме државната помош која законски им следува. 

Во март годинава на презентацијата на анкетата која што традиционално се спроведува, странските инвеститори пред премиерот Христијан Мицкоски и економскиот тим на Владата на средба во Стопанската комора на маса го ставија прашањето за исплатата на државната помош што лани доцнеше прв пат откако оваа практика за поддршка на странските инвестиции беше воведена кај нас.

Според наодите на анкетата, 55 отсто од анкетираните компании со странски капитал во земјава беа подготвени повторно да инвестираат тука, што е значаен скок во однос на минатогодишната анкета. На средбата стана збор и за други прашања, како што е проблемот со транспортерите, проблемите со работните дозволи, спроведување на обврските кои странските инвеститори од страна на надлежните државни институции (таканаречениот афтеркеар) и тн. (М.Ј.)

 

На истата тема:

 

Германски БМЗ ја почна изградбата на фабрика вредна 65 милиони евра, ќе вработи 1.000 лица

 

Директорот на „БМЗ“ Свен Бауер: Инвестираме на места каде ќе останеме долго време