Зголемен број пациенти со стомачни болки, но од горештините, не од водата во Скопје
Немаме податоци дека некој има гастроинтестинални тегоби поради пиење на водата за пиење во Скопје. Вака денеска одговори директорот на Клиниката за Инфективни болести во Скопје, доктор Фадил Цана, на новинарско прашање, дали е вистина, како што се пишувало по социјалните мрежи, дека имало пациенти со здравствени проблеми поради водата за пиење во Скопје.
– Тоа што можам ја да го кажам како директор на Инфективната клиника, е дека на клиниката немаме такви податоци дека причина за некое гастроинтестинално нарушување има пациенти пријавени, зошто тоа нели по постапка дијагностичка мора да биде ова пријавено. Засега има нормално зголемен број, со оглед на горештиниве. Бројот е зголемен, но, не е над нормалата во споредба со претходните години, тука е, во очекуваниот раст. Така што, немаме податоци дека некој има гастроинтестинални тегоби поради водата, поради пиење на вода – подвлече Цана.
Директорот на Инфективната клиника одговараше на новинарски прашања по прес-конференцијата во Министерството за здравство, каде информираше за состојбата со Западно-нилската треска во државата, на клиниката, бројот на заболени и колку лица се со тешка клиничка слика.
Беќаровски за паниката со скопската вода: „Не верувам дека шпекулацијата е точна“
Загриженост кај граѓаните поради информациите за наводна контаминација на скопската вода со бактеријата ешерихија коли изрази и специјалистот по интерна медицина и клиничка токсикологија од Универзитетската клиника за токсикологија, Нико Бекјаровски.
Тој сподели дека во текот на денот добил голем број телефонски повици од загрижени граѓани, пријатели и познаници кои барале информации за наводната појава на бактеријата во водоснабдителниот систем.
Бекјаровски вели дека не верува оти шпекулациите се точни, но апелира надлежните институции јавно да се произнесат и да ги презентираат резултатите од анализите.
Според него, неопходно е граѓаните да добијат официјални и со докази поткрепени информации, бидејќи ширењето непроверени тврдења создава страв и недоверба.
„Јас водата од чешма и денес, како и сите овие години, без никаков страв ја консумирам“, порача Бекјаровски.
Тој посочи и дека изворот Рашче претставува едно од најголемите богатства на Скопје и затоа, како што нагласува, треба да се заштитува и чува.
Од Град Скопје негираат дека има ешерихија коли во скопската вода
Не е точно дека е пронајдено Ешерихија коли во водата која го снабдува Скопје, ова е оркестриран напад, а подоцна ќе излеземе со целосна информација, велат од Град Скопје за „Локално“ за можноста скопската вода да не е погодна за пиење поради постоење на оваа бактерија.
Сѐ уште нема одговор на прашањето од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Институтот за јавно здравје.
ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ вчера изјавија дека во текот на денот, Секторот за санитарна контрола зел 42 примероци од водоводната мрежа во Скопје, од кои четири се од бунарскиот потег Нерези-Лепенец. Примероците се испитувани со физичко-хемиски и микробиолошки анализи во акредитирани лаборатории согласно стандардот ISO 17025:2018.
Од ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ посочуваат дека мониторингот се спроведува согласно важечките прописи за безбедност и квалитет на водата за пиење. Добиените резултати потврдуваат дека водата од скопскиот водоснабдителен систем е соодветна за пиење.