Паѓа бројот на нови фирми во ЕУ, стечаите во пораст


Бројот на регистрации на нови бизниси во Европската Унија се намали за 0,5 проценти во вториот квартал во споредба со претходните три месеци, додека бројот на банкроти се зголеми за 5,7 проценти, објави денес Евростат.

Регистрациите на нови бизниси се намалија во пет од осумте следени сектори. Најголем пад се случи во индустријата, каде што бројот на нови регистрации се намали за 3,6 проценти.

По него следуваат секторот за угостителство и туризам со пад од 3,4 проценти, и образованието и социјалните дејности, каде што бројот на регистрации се намали за 3,2 проценти.

Од друга страна, секторот за информации и комуникации постигна силен пораст на нови регистрации од 8,8 проценти, додека градежништвото забележа зголемување од еден процент.

Во финансиските услуги, бројот на регистрации остана на исто ниво.

Бројот на банкроти се зголеми во пет од осумте сектори, а најголем пораст, од 21,1 процент, е забележан во образованието и социјалните дејности. Потоа следуваат транспортот, каде што бројот на банкроти се зголеми за 11,4 проценти, и финансиските услуги, со раст од 6,8 проценти.

Во исто време, бројот на банкроти се намали во туризмот и угостителството за 2,6 проценти, во градежништвото за 1,7 проценти и во трговијата за 1,2 проценти.

Податоците на Евростат се однесуваат на вториот квартал од 2026 година и се споредуваат со претходниот квартал.