Србија му ја запре струјата на Косово
Приштина ја повика Европската Унија да изврши притисок врз Белград за да дозволи прекуграничен пренос на електрична енергија од Србија до Косово, за да може со поевтиниот увоз да ја ублажи енергетската криза.
Енергетската заедница, меѓународна организација со седиште во Виена која го надгледува усогласувањето и решавањето на споровите во енергетскиот сектор низ Западен Балкан и регионот на Црното Море, постави рок до 1 јули за Србија да му обезбеди на Косово прекуграничен преносен капацитет.
Ултиматумот, кој произлезе од одлука на Министерскиот совет, го потсети Белград на неговата потреба да „обезбеди усогласеност со законот за Енергетската заедница“.Но, се досега Србија не го направи тоа.
Уште повеќе претседателот Александар Вучиќ неделава шокираше со најавата дека експерти работат на пренасочување на реката Ибар со што таа веќе нема да поминува низ Косово. Практично тој се закани дека државата ќе го промени текот на реката Ибар поради односот на властите во Приштина кон српскиот народ во Косово.
„Веќе повикавме експерти кои се занимаваат со тоа, градежниот сектор, инженери и други, па кога веќе толку го малтретираат нашиот народ, да видиме – имаме различни причини за промена на текот на Ибар, па ќе видиме што ќе прават Албанците и како ќе се однесуваат“, изјави Вучиќ пред новинарите за време на обиколката на работите на Стариот железнички мост во Белград.
Реката Ибар е преградена со брана на територијата на Косово и Метохија, со што е создадено вештачкото езеро Газиводе, во чија близина властите во Приштина во изминатите денови уриваа српски куќи, викендички и хотели. Дури и Европската унија ја повика Приштина да се воздржи од ваква акција која е протолкувана како обид за протерување на Србите од таа територија, кои пак се пожалија дека трпат тортура.
Електричната енергија произведена во хидроцентралата на езерото Газиводе се користи за снабдување на значителен дел од Косово, додека водоснабдителниот систем Ибар-Лепенец се користи за снабдување на локалното население со вода.
„Ние сме суверена земја, знаете, понекогаш имаме вакви, а понекогаш поинакви интереси и во согласност со тоа ќе се однесуваме“, рече Вучиќ.
Тој рече дека српскиот народ во Косово и Метохија живее во исклучително тешки услови, додавајќи дека ги следи случувањата на територијата и дека државата прави сè што може за да им го олесни животот.