Европа го забрзува рударството со строги еколошки правила – што значи тоа за македонското рударство?


Workers talking in rock quarry.

Европската Унија влегува во нова фаза од стратегијата за обезбедување критични минерали. На вториот повик за финансиска поддршка на рударски проекти биле поднесени 160 апликации, што покажува дека интересот за нови извори на суровини во Европа продолжува да расте.

Брисел ги забрзува процедурите за дозволи за ископ на критични минерали за да ја намали зависноста од трети земји, но паралелно ги задржува строгите механизми за заштита на животната средина – научни проценки, мониторинг, финансиски гаранции и рекултивација.

Истиот принцип е важен и за македонскиот проект Иловица–Штука, кој во моментов е единствената актуелна голема инвестиција во металичен рудник во земјата.

Проектот е ревидиран од аспект на заштитата на животната средина, а според „Еуромакс Ресоурцес“, во процесот на производство нема да се употребуваат цијанид или сулфурна киселина.

Истражувањата покажуваат потенцијал за работа на рудникот во период од 23 години, со годишно производство од над 16.000 тони бакар. По завршувањето на експлоатацијата, постројките треба да бидат отстранети, а просторот целосно рекултивиран.

За оваа обврска предвидено е формирање фонд од 30 милиони евра, наменет за пошумување и обновување на вегетацијата на пасиштата.

Европскиот пример покажува дека прашањето не мора да биде „екологија или рударство“, туку „како да се развива рударството со највисоки еколошки стандарди“. Но, инвестициите во рударството кај нас или не се остваруваат или пак се во застој, каков што е случајот сега со „Иловица-Штука“. Од друга страна, Унијата отвора фондовите и доделува средства преку Европската инвестициска банка за нови рудници кои ќе бидат дефинирани како стратешки проекти.

„Големиот број на апликации ја покажува важноста на Директивата за критични суровини, за обезбедување јасност за промоторите на проекти, потенцијалните инвеститори, индустријата и земјите-членки. За индустријата, овие проекти ќе помогнат во диверзификацијата на снабдувањето и изградбата на синџир во согласност со целите на Директивата, обезбедувајќи безбеден пристап до материјали неопходни за стратешките енергетски, дигитални и одбранбени сектори. Ова е камен-темелник на економската безбедност и долгорочната стратешка автономија на Европа“, соопшти Европската Комисија.

Од Комисијата додадоа дека според апликациите, 75 проекти би можеле да го поддржат вредносниот синџир за батерии, 21 се фокусираат на ретки земни елементи за трајни магнети (од витално значење за ветерни турбини и други обновливи извори), додека повеќе проектни апликации се однесуваат на елементи потребни во одбраната. Комисијата примила 95 апликации од земји-членки на ЕУ и 66 од земји вон ЕУ, вклучувајќи 40 апликации од земји со кои Брисел има склучено стратешко партнерство за суровини.

Првата рунда на селекција во 2025 година дефинираше 47 стратешки проекти во ЕУ и 13 проекти во партнерски земји. Дел од нив се во Шведска, која е несомнено меѓу земјите со највисоки еколошки перформанси во светот, но во исто време останува водечка земја во рударството во Европската Унија. Најновиот статистички извештај од Шведскиот геолошки завод – SGU покажува дека во 2025 година во земјата работеле 13 металични рудници. Шведска најмногу ископува железна руда, бакар, цинк, олово, злато и сребро. На листата е и Финска, која има развиена индустрија за злато, никел, бакар, кобалт, хром и индустриски минерали. Австрија нуди еден од највпечатливите европски примери за „екологија и рударство“. Со примена на современи технологии работи рудникот Митерсил во покраината Салцбург, каде се вади шелитна руда за производство на волфрам. На југот на Шпанија, регионот Андалузија е центар на рударството на метали. Во својот извештај од 2025 година, ОЕЦД наведува дека Андалузија обезбедува 35% од рударското производство на Шпанија, концентрира 30% од вработеноста во шпанскиот рударски сектор, сочинува околу 90% од
рударството на метали во земјата и е втор најголем производител на бакар во ЕУ.