Групацијата „Балфин“ ќе гради пет нови ритејл паркови во различни градови низ Македонија


Групацијата „Балфин“ (BALFIN Group) соопшти дека ја продолжува својата инвестициска експанзија во Македонија преку развој на ритејл паркови — формат кој сè повеќе станува дел од современите потрошувачки навики и урбаниот развој во регионот.

По позиционирањето на East Gate Mall како еден од најзначајните трговски центри во земјата, групацијата го проширува своето портфолио со најавената изградба на пет нови ритејл паркови во различни градови низ Македонија. Со тоа, модерната малопродажба добива нова димензија — подостапна, попрактична и поблиска до секојдневните потреби на граѓаните.

Ритејл парковите се концепт кој комбинира функционалност и разновидна понуда на едно место. Нивната предност е во лесниот пристап, отворениот простор, практичното паркирање и јасната организација на продавниците, што ги прави привлечни и за потрошувачите и за брендовите.

Со овие инвестиции, „Балфин“ не само што го проширува своето присуство во секторот на недвижности и малопродажба, туку отвора простор и за нова локална економска динамика. Новите ритејл паркови се очекува да придонесат за поголема достапност на брендовите, нови работни места и развој на градовите во кои ќе бидат изградени, се вели во соопштението до медиумите.