Божиновска: Македонија се подготвува официјално да се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор
Македонија се подготвува во септември официјално да се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор, напиша министерката за енергетика Сања Божиновска на својот фејсбук профил и додаде дека приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор е значајна стратешка можност Македонија да стане важна алка во европската енергетска мрежа.
-Преку интерконекторите со Грција и Србија ќе обезбедиме пристап до нови извори и правци на снабдување со природен гас и течен природен гас LNG, поголема енергетска сигурност и намалување на зависноста од еден извор, посочи Божиновска.
Интерконекциите, нагласи, се планирани и за транспорт на 100 проценти водород, со што Македонија се подготвува и за идната европска водородна инфраструктура.
-Повеќе извори, поголема сигурност и посилна регионална поврзаност, порача Божиновска на Фејсбук.