Просечната потрошувачка кошничка во октомври 59.149 денари


Фото: Б. Грданоски

Просечната потрошувачката кошничка во октомври била 59.149 денари што е 942 денари повеќе во однос на септември или 1,6 отсто, соопшти денеска министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

На брифинг со медиумите, Дурмиши информира дека најголемо зголемување има кај храната и пијалаците, посебно кај зеленчукот и овошјето. Раст има и кај домувањето, облеката и обувките, рекреацијата, културата, електриката, гасот и други горива.

Секојдневно, рече, се мониторираат цените од страна на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

– Засега цените се во рамки на релативна пазарна стабилност. Нашата цел е да интервенираме само ако има потреба, односно економска оправданост. Кога ќе бидеме известени од ДПИ дека има девијантно однесување кај трговците, тогаш ќе постапиме, истакна Дурмиши.

Тој се осврна и на инфлацијата, месечната е, нагласи, 0,4 отсто, а годишната во октомври 3,3 проценти.

Според Дурмиши, показателите внимателно се анализираат. 

– Во еврозоната инфлацијата е четири отсто. Ние сме најдобри. Сепак, инфлацијата кај нас треба да е под три отсто и ќе го достигнеме тоа до крајот на годината, потенцира Дурмиши.

Во однос на минималната плата, информира дека Владата посветено работи на нејзино зголемување.