СДСМ има 161 амандман за буџетотот за 2027, главно за инфраструктурата
Пратеничката група на СДСМ и коалицијата со 161 амандман за општините во рамки на Предлог-буџетот за 2027 година, предлагаат конкретни проекти за подобрување на инфраструктурата и условите за живот на граѓаните. Амандманите опфаќаат изградба на детски градинки, старечки домови, локални патишта, водоводна и канализациска мрежа, спортски објекти, катни гаражи и паркови.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, истакна дека овие амандмани се насочени кон реалните потреби на граѓаните и обезбедување рамномерен локален економски развој.
„Овие амандмани се однесуваат на потребите на граѓаните и на рамномерниот локален економски развој, со фокус пред сè на изградба на старски домови, детски градинки, катни гаражи, спортски објекти, локални патишта, водоводна и канализациска мрежа, инфраструктура, паркови и зелени површини, како и значајни проекти за секоја од овие општини“, рече Спасовски.
Тој рече дека потребата од овие амандмани е уште поголема ако се има предвид дека во Предлог-буџетот за 2027 година се предвидува сериозно намалување на средствата за локална инфраструктура.
Спасовски упати повик до парламентарното мнозинство да ги разгледа предложените решенија и да ги поддржи проектите што одговараат на потребите на граѓаните, без разлика од која политичка партија доаѓаат.
Според него, предложениот буџет за 2027 година не носи развој и не одговара на реалните потреби на граѓаните.