Синдикалната кошничка е 70.827 денари; владината просечна е 59.149. И двете се прескапи за обичниот човек

Две минимални плати не можат да ги покријат трошоците за едно четиричлено семејство. Како се преживува е прашање на „магија“


Особено поскапува овошјето и зеленчукот (Фото: Б. Грданоски)

 

Две „ривалски“ кошнички ги добија своите вредности. Но и двете се недофатливи за голема група граѓани.

Со најновата пресметка на Сојузот на синдикатите на Македонија синдикалната минимална кошничка за ноември достигна 70.827 денари. Во таа сума киријата сè уште не е вклучена.

Граѓаните може да пресметуваат кои ставки колку се зголемиле во однос на октомври или во однос на ноември 2025. Тие бројки и не мора да ги знаат, тие најдобро гледаат и пресметуваат што може да купат за истите пари лани, а што годинава.

ССМ ја пресметува кошничката за семејство со двајца возрасни и две деца на училишна возраст. Во неа, покрај храната и пијалаците, влегуваат и сметките за вода, струја и греење, превозот, облеката, хигиената, здравјето и образованието, меѓу другите ставки. Основната пресметка се однесува на семејство што живее во сопствен стан, а ССМ објавува и посебен износ за семејство што изнајмува стан од 60 квадратни метри.

Во однос на октомври, целата кошничка пораснала за 469 денари, иако за храна и пијалаци ССМ пресметал 268 денари помалку. Намалувањето кај храната го надминал збирниот раст од 737 денари кај другите ставки. Споредбата со ланскиот ноември покажува дека и храната останува поскапа. Тогаш за неа биле потребни 23.534 денари, а годинава 25.902 денари, речиси колку една цела минимална плата од 26.046 денари.

За семејство што живее под кирија, сметката е повисока за 15.375 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати, ССМ за ноември пресметал вкупни месечни трошоци од 86.202 денари.

Во пресметката на владата за нејзината просечна потрошувачка кошничка се потребни помалку пари за едно четиричлено семејство – таа за октомври изнесувала 59.149 денари што е 942 денари повеќе во однос на септември или 1,6 отсто, соопшти денеска министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

На брифинг со медиумите, Дурмиши рече дека цените се зголемуваат кај сите производи. А најголемо е кај храната и пијалаците, посебно кај зеленчукот и овошјето. И цените во другите сектори не заостануваат – во домувањето, облеката и обувките, рекреацијата, културата, електриката, горивата.

Владината кошничка во октомври е поскапа од онаа во септември за 1,6 отсто, но инфлацијата е само 0,4 проценти.

Како и премиерот и тој тврдеше: „Ние сме најдобри. Во еврозоната инфлацијата е четири отсто“.