Врне на саемот „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“, но мириса на јаболка, вино, ориз…


Фото: Б. Грданоски

Во Градскиот парк, кај Школка, денеска се одржува саемот „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“. Македонски производители нудат млечни производи и месни преработки, ајвар, лутеница, маџун, мармалади, путери од лешник и други јаткасти плодови, вино, ракија, како и природни сокови од овошје.

Посетителите имаат можност да дегустираат и органски производи. 

-Во вкусовите што домашните производители на храна денеска ги донесоа од сите краеви на Македонија, се препознаваат белегот на поднебјето и умешноста што семејствата ја пренесуваат низ генерации. Од таа врска произлегува богатството на македонската трпеза. Традицијата е и пазарна предност за земјоделските семејства што го преработуваат сопствениот род. Со продажба на готов производ со препознатливо потекло, тие можат да задржат поголем дел од неговата вредност во своето стопанство. Тој приход, од друга страна, им дава простор да обноват насад, да набават опрема или да ја прошират понудата, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, кој го отвори  

Во обраќањето пред присутните кај Школка во Градскиот парк, Серафимовски истакна дека со патот од традиционалниот семеен рецепт до пазарот, се отвора простор и за младите претприемачи.

-Млад технолог може да осмисли нова преработка од локално овошје, а некој со познавање на дигиталната трговија може да им помогне на малите стопанства да стигнат до потрошувачи во други градови. Во овој контекст, иновацијата добива практична вредност бидејќи од знаењето произлегува дејност која носи можности за заработка и за други луѓе во локалниот крај, напомена министерот.

На денешниот саем, потенцира, има и производители на органска храна.

-Нивниот труд е потврда за тоа како грижата за плодноста на почвата и за биолошката разновидност може да оди рака под рака со развојот на стопанството. За луѓето на кои им е важно од каде доаѓа храната и како е одгледана, таа грижа има вредност и при изборот на храна што го прават. Истата грижа за почвата, за животната средина, ја внесуваме и во начинот на кој ги подготвуваме земјоделските политики. Во Министерството разработуваме модел што ќе ги поврзе истражувањата на факултетите и институтите со мерките за поддршка и со работата на нашите советодавните служби. Податоците за почвата, водата и однесувањето на сортите при суша и високи температури ќе ни помогнат да подготвуваме препораки што земјоделците можат да ги применат во традиционалниот начин на производство, рече Серафимовски.

Според него, Министерството за земјоделство работи и на зачувување на автохтоните сорти.

-Преку годинашната програма за семе и саден материјал го поддржуваме одржувањето на колекцијата во генската банка на Земјоделскиот институт. Нашата заложба е овие сорти да продолжат да се одгледуваат и во променети климатски услови, за да ги сочуваме вкусовите по кои се препознава домашната храна, нагласи министерот. 

Негова оценка е дека земјоделецот полесно одлучува што ќе засади, кога може навреме да го договори пласманот.

-Затоа го финализираме Предлогот на закон за уредување на пазарите со земјоделски производи. Предлагаме појасни правила за договорното производство и за организираниот откуп, со писмен договор во кој условите за испорака и рокот за плаќање ќе се утврдат однапред. Предвидуваме и поддршка за здружување, за помалите стопанства да настапуваат со заедничка понуда и да преговараат од посилна позиција. А поуредниот откуп е важен и за семејните преработувачи, им дава поголема сигурност дека навреме ќе ги обезбедат домашните суровини од кои зависи нивната работа, посочи Серафимовски.

Вредноста на локалната храна, додаде, се чувствува и надвор од стопанството.

-Вкусот што некој првпат ќе го открие на саемот, може да го одведе до селото во кое се прави омиленото сирење или маџун. Ако таму остане на ручек или преноќи, од таа посета заработуваат и други семејства. На овој начин домашната храна може да стане  причина за патување и основа за развој на руралниот туризам, истакна министерот.

Денешниот саем  „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“, го организира здружението „Ж’та“ од Кавадарци.