Обвинителството во Србија му забрани на газдата на Алта банка, Давор Мацура, да располага со имотот

Што ќе значи оваа одлука за обидите на македонските власти да најдат купувач за Алта банка Битола, ако Мацура не смее да го продава имотот


Давор Мацура

 

Во Србија е донесена одлука за сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, која може да има последици и за развојот на настаните околу Алта банка Битола. Обвинителството за организиран криминал на Србија му забрани на Давор Мацура, и на компании во негова сопственост да располагаат со имот, вклучувајќи околу 35 хектари градежно земјиште на поранешната Автомобилска и Тракторска индустрија (ИМТ) во Нов Белград, објави денес „Инсајдер“.

Што би можело тоа да значи во трескавичните обиди на македонските монетарни власт (со помош на владата) да се најде купувач за Алта банка Битола засега е нејасно. Ако на Мацура му е забрането да располага со својот имот тогаш како би можело да ги продаде 95-те осто акции на Алта банка Битола на заинтересиран купувач?

Според истрашувањето на „Инсајдер“, наредбите со кои се забранува располагањето се однесуваат и на средствата на компаниите Алта Холдинг и Алта Лизинг, како и на личен имот на Мацура, кој вклучува недвижен имот и земјиште во Сењак, Земун Поле и Сопот, како и гаражи во Нов Белград.

Забраната вклучува и градежно земјиште и станбена зграда во сопственост на „Кампари интернешенел“, која е во целосна сопственост на Мацура.

„Инсајдер“ наведува дека во 2021 година, компанијата на Мацура, АБЛ Солвент, купила дел од недвижниот имот од стечајната маса на ИМТ за околу 70 милиони евра.

Комплексот на машинската и тракторската индустрија – ИМТ, некогаш позната југословенска фабрика, сега е запуштен. Во 2021 година, дел од недвижниот имот од стечајната маса на ИМТ беше купен за околу 70 милиони евра од АБЛ Солвент, компанија непозната за јавноста во тоа време, во сопственост на тогашниот исто така малку познатиот бизнисмен Давор Матура.

Но, Мацура не планираше да продолжи со производството на земјоделска механизација. Под овие запуштени згради, има нешто многу повредно – земјиште кое се протега на околу 35 хектари, на ексклузивна локација во Нов Белград. Компанијата на Мацура го стекна сопствеништвото на тоа земјиште сосема бесплатно, благодарение на контроверзна одредба од Законот за планирање и градење, кој беше усвоен за време на владеењето на Српската напредна партија.

На таа област е планирана изградба на станбена зона со повеќе од 1.600 станови, четири високи кули, деловни и спортски објекти.

Горан Илиќ, професор на Правниот факултет во Белград, за „Инсајдер“ изјави дека сега е на судот да одлучи дали имотот на Мацура ќе биде привремено конфискуван, со можност Мацура и неговите адвокати да обезбедат докази за неговото законско стекнување.

Мацура и двајца негови соработници се осомничени за злоупотреба на службената должност, а Обвинителството за организиран криминал тврди дека во текот на шест години нелегално повлекле околу 380 милиони евра од Алта банка.

Мацура ја негираше вината, а Вишиот суд во Белград му одреди притвор до 30 дена.