„Да го видам тогаш нека обжалува“… штур одговор на Мицкоски за новиот Закон за јавни набавки
Некој свесно го бутка тој тендер, а наплаќа многу повеќе од тие 50.000 денари во процедура. Е тоа не може веќе да се случува
Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека со новите измени на Законот за јавни набавки, донесен вчера од Собранието, нема да може повеќе да се манипулира околу малите, но и големите јавни набавки.
Сепак, прашан за тоа како ќе функционира и како ќе се превенира претходно договарање од фирмите кои учествуваат во јавните набавки, Мицкоски не објасни баш како ќе се успее во тоа.
„Со овој Закон само ние тој праг го зголемуваме за да не ни се случи, како што до сега ни се случуваше, свесно овие групи да ги манипулираат процедурите за да наплаќаат од државата и од институциите. Вие имате, еве, пример еден… градинка којашто објавува тендер за да се сервисираат прозорците. Тоа е 50.000 денари. Некој свесно го бутка тој тендер, а наплаќа многу повеќе од тие 50.000 денари во процедура. Е тоа не може веќе да се случува, не може тоа да се случи! Или пак, ако сака, наместо досегашните 100 евра за жалба, ќе си плати многу повеќе, па да го видам тогаш нека обжалува“, самоуверен е Мицкоски.
Сепак, во разговор со претставници на одделенијата во Советите на родители во училиштата, изнесуваат друг пример, кој речиси секоја година се поставува како прашање, а одговорот од училиштата секогаш е ист.
„Во нашето училиште превоз за екскурзија до паркот Гази Баба чини 290 денари, а истиот превозник децата од друго скопско училиште до истата дестинација ги вози за 120 денари. Кога прашуваме во училиштето зошто е тоа така, кога нашето училиште пак има и повеќе ученици, па цената би требало логично да паѓа, одговараат дека, превозниците, како и операторите за храна, за ужинка на децата, оти примерот е ист, претходно се договараат кој каде со каква цена ќе оди, па поради досегашната законска обврска за најниска понудена цена да мора да се прифати, училиштата ги прифаќаат понудите со многу повисока цена од други училиште. Бидејќи пониска кај нив не е понудена“, појаснува една мајка која е член на Советот на родители, во училиште во Скопје.
Како, новиот Закон за јавни набавки, кој сега дозволува да не се прифаќа само најниската цена, туку да се измери квалитет наспроти услуга ќе помогне во намалување на цената на крајниот корисник, останува да видиме, затоа што освен нервозниот одговор, Мицкоски денеска не појасни како тоа реално ќе помогне. Според неговиот одговор, треба да чекаме само давателот на услуги, да се исплаши од високата цена за жалба.
Адвокати и компании намерно рушат тендери
На прашањето зошто Владата не ги прифатила забелешките на експертите и невладините организации за намалување на транспарентноста и можностите за злоупотреби, Мицкоски одговори дека постојат организирани обиди за манипулирање со тендерските постапки, а не пропушти иронично да праша „кои се тие експерти, имаат ли име?“.
„Ние имаме адвокатски друштва и компании коишто заработуваат на тоа што свесно се договараат и паѓаат јавни набавки. И тоа токму такви јавни набавки, за коишто сега прагот од 5.000 е зголемен“, рече Мицкоски.
Според него, измените треба да спречат институциите да плаќаат повеќе за постапките и жалбите отколку што изнесува вредноста на самите набавки.
Премиерот упати критики и кон експертите и невладините организации кои предупредуваат дека измените отвораат простор за злоупотреби.
„Јас точно знам кои се тие експерти и невладини коишто се обидуваат да креираат таква перцепција, но морам да кажам дека не се во право и дека имаме различни мислења“, изјави Мицкоски, додавајќи дека измените биле консултирани со меѓународната заедница.
Тој призна дека Владата направила грешка во делот од законот што се однесува на неограничениот мандат на членовите на комисијата, за што забелешка имала и претседателката.
„Зошто тоа го направивме? Тоа е наша грешка. Ние тоа го направивме затоа што, за жал, во државава немаме голем избор на експерти коишто се по јавни набавки“, рече премиерот.(Б.Б.)