Урнебесно видео од интервју на Мицкоски: „Нема воз за ЕУ. Сега има воз и вагон кој сами го ‘клатиме’“
Во интервју за поткастот на „Коха“ премиерот дава контрадикторни изјави во рок од една минута, кои се спротивни една на друга
Тешко може да се објасни делот од интервјуто на премиерот Христијан Мицкоски за поткастот „Риштази“ на весникот Коха, каде што тој дава изјави кои се „спектакуларни“. А за некого и неразбирливи, затоа што се контрадикторни.
Кога новинарот Назим Рашиди го прашува дали ако Македонија не ги направи уставните промени, ќе изгуби уште еден воз кон ЕУ, Мицкоски одговара: „Не, бидејќи нема воз“. И веднаш дополнува: „Сега ние имаме воз и вагон којшто го ‘клатат’ (притоа гестикулирајќи со рацете) за да имате чувство дека се движи“.
ЕУ го пишува договорот за пристапување на Црна Гора (прв таков од членството на Хрватска во 2013), пред десетина дена таа и Албанија затворија нови поглавја од преговорите, а Украина и Молдавија отворија два нови кластери. Македонија веќе никаде не се споменува во проекциите на ЕУ. Па дури ни во проекциите на премиерот на македонската влада – Христијан Мицкоски.
Еве го транскриптот од овој дел од интервјуто на премиерот Мицкоски:
Новинарот Рашиди: Дали ако ги нема направено уставните промени, ако го нема почнато процесот, Македонија ќе изгуби уште еден воз?
Премиерот Мицкоски: Не, бидејќи нема воз. Сега ние имаме воз и вагон којшто го „клатат“ за да имаме чувство дека се движи.
Новинарот Рашиди: Не верувате дека ќе се случи проширување?
Премиерот Мицкоски: Ви кажувам дека нема да го испуштиме тој воз. Во моментов возот е на перон. И сите ние сме во сопствениот вагон и си го „клатиме“ вагонот за да имаме чувство дека се движи.
Прво некој друг го „клати“ вагонот од возот кој е на перон, а всушност го нема. А потоа сами го „клатиме“ вагонот за да имаме чувство дека возот се движи.
Со малку поголема анализа може да се сфати што сакал премиерот да каже со аналогијата на возот што стои и вагоните што сами ги „клатиме“. Веројатно дека, барем засега, од ЕУ не бидува ништо за сите земји од Западен Балкан и Украина и Молдавија.
Во друг дел од интервјуто, тој ја обвини Европската унија дека врши „булинг“ врз Македонија.
Тој пред еден месец изјави дека преговарачката рамка не може да се менува, а во интервјутот на овој поткаст рече уставните уставните измени нема да се случат во формата во која моментално се бараат. „Јас сум подготвен да разговарам со секого, секаде. Не сум секундант за да кажувам до кога ќе траат разговорите. Ќе разговараме додека е потребно за да се најде решение што ќе биде одржливо и кое ќе нѐ одведе до крајната цел“.Тој оцени дека е непринципиелно од Северна Македонија да се бара исполнување на обврски, додека Софија не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права за здружувањето на македонското малцинство.
„Од нас се бара да го почитуваме договореното, а од друга страна не се почитуваат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур кои се однесуваат на македонската заедница во Бугарија. Тоа се вика булинг и тоа нема никаква врска со Копенхашките критериуми, ниту пак со вредностите на ЕУ“, истакна Мицкоски.