Летаа покриви и откорнати делови, невреме го зафати Скопје

Вкупно 11 лица побарале медицинска помош по силното невреме кое неколку минути наликуваше на сцена по експлодирана касетна бомба со лимени парчиња на сите страни


Превртени покриви, откинати делови и слични предмети летаа откако силен ветер оддеднаш го зафати Скопје иако дивеењето не траеше повеќе од десет минути. Од ветрот граѓани не можеа да се движат по улиците, а и беше опасно од прашината, дрвјата што паѓаа и разните предмети. На тоа уследи обилен дожд  кој ги прекри улиците. 

Невремето беше најавено, но сепак предизвика проблеми во повеќе населби. Според првичните информации, на одредени локации има и прекин на електричната енергија. Од различни делови на Скопје пристигнуваат пријави за паднати дрвја и канделабри, откачени кабли, блокирани сообраќајници, превртени мотоцикли и оштетени возила.

    Во близина на Зоолошката градина бил забележан откачен кабел, додека пред трговскиот центар „Капитол“ дрво паднало на булеварот. Паднати дрво и канделабра се пријавени и пред Соборниот храм, а дрвја има на повеќе места на улиците „Теодосиј Гологанов“ и „Илинденска“.

На булеварот „Партизански одреди“, пред „Силбо“, исто така паднало дрво, додека кај ресторанот „Потковица“ во Маџари патот е целосно блокиран и непрооден.

Во Драчево и Долно Лисиче, по железничката пруга, патот бил целосно блокиран од паднато дрво. На улицата „Рузвелтова“, на потегот од студентскиот дом кон „Теодосиј Гологанов“, дрво паднало преку двете сообраќајни ленти. Дел од улицата „Ленинова“ е блокиран поради паднато дрво пред Министерството за земјоделство.

Паднати дрвја се пријавуваат и на автопатот кај бензинската станица „Макпетрол“ во близина на Белви, како и на раскрсницата меѓу улиците „Коста Новаковиќ“ и „Владимир Комаров“, пред градинката „Срничка“ во Аеродром.

Граѓаните информираат и дека повеќе мотоцикли на главните улици во Аеродром и Ченто се превртени и оштетени од силниот ветер. Вкупно 11 лица побарале медицинска помош по силното невреме, при што шест пациенти се згрижени во Старата градска болница, четири лица се наоѓаат на Ургентниот центар, додека едно лице само се пријавило во Клиничката болница „8 Септември“. Повредите кај граѓаните настанале како последица на силниот ветер и паднатите предмети. Според првичните информации, кај дел од пациентите има повреди предизвикани од паднати дрвја, керамиди и други делови од оштетени објекти, додека останатите се со набиеници и посекотини. Сцените беа како да летаат парчиња од распрскана касетна бомба низ небото, бидејќи имаше огромен број на лимени парчиња. 

Силното невреме  предизвика стотици интервенции, а до Центарот за управување со кризи (ЦУК) досега се евидентирани над 1.000 повици од граѓани, информира директорот Мухамед Али.

Во главниот град се пријавени бројни оштетувања. На улицата „Женевска“ број 10 паднала кровна конструкција од зграда и оштетила повеќе патнички возила. Пријавени се и паднато дрво врз автомобил на улицата „Методија Митевски“, паднато дрво на улицата „Никола Тримпаре“, како и откорната кровна конструкција на улицата „Трифун Бузев“.

Силниот ветер оштетил и дел од кровот на Основното училиште „Владо Тасевски“. На улицата „Хелсинки“ број 5 се регистрирани две паднати дрвја, додека на улицата „Скупи“ број 89 паднати дрвја оштетиле електрични кабли, патничко возило и дел од куќа.

 

Поради најавените временски непогоди, Кризниот штаб на Град Скопје одржал состанок, а надлежните служби се ставени во состојба на целосна мобилност и се на терен, подготвени да интервенираат доколку се појават поголеми последици.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски претходно информираше дека екипите на ЈП „Водовод и канализација“ интензивно ги расчистуваат сливниците, шахтите и канализациската мрежа со цел непречено одведување на атмосферските води и намалување на ризикот од поплави на критичните точки во градот.

Од Град Скопје упатија апел до граѓаните да не фрлаат отпад во сливниците и шахтите, бидејќи тоа може да го попречи одведувањето на дождовната вода и да предизвика дополнителни проблеми.

Надлежните препорачуваат граѓаните да бидат внимателни во сообраќајот, да избегнуваат движење под дрвја и нестабилни конструкции за време на невремето и редовно да ги следат известувањата од институциите.

Градоначалникот се јави и по невремето уверувајќи ги граѓаните дека службите се подготвени.

„Заедно со Кризниот штаб и екипите на јавните претпријатија сме на терен! Почитувани граѓани, поради силното невреме што пред малку го зафати Скопје, кризниот штаб на Град Скопје, заедно со сите надлежни служби и јавни претпријатија, е целосно мобилизиран и подготвен за брза и навремена интервенција. Во постојана координација сме со ЦУК, МВР, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и со сите надлежни институции. Сите расположливи капацитети се ставени во функција, за заштита на граѓаните и спречување поголеми штети и последици.

Екипите на Град Скопје ќе останат на терен и во текот на целата ноќ и ќе интервенираат на секоја локација каде што ќе има потреба. Сите граѓани на кои им е потребна помош или друга итна состојба, можат да се јават на телефонскиот број 078 207 687. Апелирам до сите граѓани да бидат внимателни и смирени, да ги следат препораките на надлежните институции и да соработуваат со службите на терен. Службите се мобилизирани. Екипите се на терен. Граѓаните не се сами“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Во Куманово е пријавено уривање на кровна конструкција на булеварот „Октомвриска револуција“.Штети се регистрирани и во Тетово, каде силниот ветер однел два покрива и соборил повеќе дрвја. Засега нема информации за повредени лица.