МПЦ контра изјавата на Вучиќ, не признава етнички граници за надлежноста


По неодамнешната изјава на српскиот претседател  Александар Вучиќ, дадена во Мркоњиќ Град за тоа дека „Српската Црква е иста и во… Скопје…“, Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква излезе со реакција во која порача дека  ја остварува својата духовна и пастирска мисија кон сите православни христијани на својата канонска територија, без каква било условеност од нивната национална, политичка, културна или етничка припадност. 

-Длабоко свесна за својата историска улога и за одговорноста во духовниот живот на македонскиот народ, а водена од евангелските начела и богатото православно предание, таа останува Црква отворена за сите, обединувајќи ги своите верни во единството на верата и во евхаристиското заедништво, надминувајќи ги сите минливи политички, идеолошки и општествени поделби.

Евангелието Христово, верата во Воскресението и благосостојбата на доверените души се основната и единствена водилка во дејствувањето на МПЦ – ОА и ги отфрла сите политички, идеолошки светови или платформи, од каде и да доаѓаат, стои во реакцијата.