Гаши ќе оди во Египет место во Крушево на Илинден
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, за Илинден ќе оди на конференција во Египет, наместо да се обрати на Мечкин Камен во Крушево, потврдуваат за „Слободен печат“ извори од Собранието.
Претседателот на Собранието приоритет ѝ даде на Конференцијата за борба против дискриминација кон исламот, наместо на 2 Август да се обрати во Крушево, но за „Слободен печат“ вели: „Нема никаква тенденција, таман работа“.
Претседателот на Собранието негира дека има каква било тенденција кога станува збор за чествувањето на Илинден, иако и лани наместо него, обраќање во Пелинце имаше потпретседателката на парламентот Весна Бендевска. На Мечкин Камен годинава, пак, наместо Гаши ќе се обрати потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски.Според информации од Собранието, Гаши решил да оди во Египет бидејќи првпат нашата држава била поканета на, како што велат оттаму, толку важна конференција.
Државниот врв – претседателот на државата, премиерот и претседателот на Собранието – секоја година ја ротираат локацијата при одбележувањето на Илинден и тоа на Мечкин Камен, Пелинце и во Скопје. Централната манифестација за одбележување на Илинден – Денот на Републиката се одржува во Крушево на Гумење и на месноста Мечкин Камен, каде што според распоредот, годинава требаше да се обрати Гаши.
Премиерот Христијан Мицкоски годинава треба да има свое обраќање во Пелинце за годишнината од Првото заседание на АСНОМ, додека шефицата на државата Гордана Сиљановска-Давкова ќе се обрати во Скопје.
Гаши лани не дојде во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце и во Прохор Пчински и наместо него, собраниската делегација ја предводеше потпретседателката Бендевска. Тогаш објаснувањето беше дека неговото отсуство ќе биде поради здравствени причини.
Иако Гаши ја турка третата година од мандатот како претседател на Собранието, досега само во 2024 година, односно во првата година од мандатот тој се обрати пред зградата на Собранието. За споредба, претходниот претседател на Собранието Талат Џафери редовно присуствуваше и се обраќаше на чествувањата за Илинден. Тој само во 2020 година не дојде на Мечкин Камен бидејќи закрепнуваше по инфекцијата со коронавирусот. Тогаш наместо него во Крушево се обрати потпретседателот на Собранието Горан Мисовски.