Еуроконтрол забранува М-НАВ да дава позајмици, но владата е посилна
Кривична пријава до обвинителството за членовите на Управниот одбор на М-НАВ за злоупотреба на службената положба
Македонска навигација во 2022 добила заем од 9 милиони евра, па зела кредит од Комерцијанла банка од 5 милиони евра; потоа добила грант од ЕБОР во 2023 од 406.000 евра како техничка помош. Согласно принципите на Еуроконтрол, провајдер на навигациски услуги не смее да позајмува средства собрани преку unit rate на јавни претпријатија или да ги троши за други цели, кои не спаѓаат во прифатливи трошоци.
Но, барањата на македонската влада М-НАВ да даде позајмица од 7 милиони евра за Јавното претпријатеие за државни патишта биле посилни од одредбите на Еуроконтрол. И владата на седница на 14 јули донела одлука 7 милиони евра од М-НАВ да отидат во ЈПДП за враќање на кредитот кон кинеската банка за автопатите.
Веднаш по одлуката на владата, на 15 јули е поднесена кривична пријава до Јавното обвинителство за членовите на Управниот одбор на М-НАВ за злоупотреба на службената положба. Таа кривична пријава е дополнета денеска, на 27 јули, објави „Фокус“.
Во кривичната пријава стои:
„Дејствието на давање позајмица на друго јавно претпријатие, иако навидум оправдано со одлука на основачот (Владата) претставува грубо кршење на основните принципи на работењето на М-НАВ и директно ја загрозува неговата финансиска стабилност и меѓународен кредибилитет. Тоа е кршење на ратификуван меѓународен договор и принципите на Еуроконтрол.
Со ова дејствие, пријавените во својство на одговорни лица, свесно и со намера ги злоупотребиле своите овластувања и постапиле спротивно на меѓународните обврски и принципи кои го регулираат финансирањето на давателите на услуги во воздушната навигација, со што прибавиле противимотна корист за друг (ЈП за државни патишта) и предизвикале, односно можеле да предзвикаат значителна штета на М-НАВ АД Скопје“.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера не се обѕрна многу на законските обврски што ги има поставено Еуроконтрол и рече дека владата се позајмува на различни страни за да го враќа кинескиот кредит. Иако само пред неколку дена премиерот изјави дека Македонија финансиски никогаш не стоела подобро. Само што има проблем да враќа рати од кинескиот кредит.
„Не се само од Македонска навигација. Таму имаме средства и од Лотарија, имаме средства и од МЕПСО и сопствени средства на Јавното претпријатие за државни патишта. Средствата ќе бидат искористени за враќање на кредит кон кинеската банка за автопатите. И истите тие средства во август ќе бидат вратени на компаниите. Значи, се прави само вообичаена процедура којашто многупати во минатото се правела“, рече премиерот.
Сепак, според документите, Македонска навигација како контролно тело кое што своите приходи ги обезбедува од прелети, соогласно принципите на Еуроконтрол, провајдер на навигациски услуги не смее да позајмува средства собрани преку unit rate на јавни претпријатија или да ги троши за други цели, кои не спаѓаат во прифатливи трошоци.
Во документот на Еуроконтрол, кој ги разработува принципите од спогодбата се наведува:
„Приходите добиени преку надоместоците за рута, утврдени во соогласност со овие принципи не смеат да се користат за финансирање на комерцијални активности на давателите на услуги за воздушна навигација“.
Македонија со Закон за ратификација објавен во „Службен весник на РМ -Меѓународни договори“ бр. 37/1998 ја има ратификувано Мултилатералната спогодба за надоместоци за прелети. Соогласно Уставот, ратификуваните меѓународни договори се составен дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Спогодбата воспоставува заеднички систем за наплата на надоместоци на авиокомпаниите, кои се строго наменски. Целта на системот е исклучиво покривање на трошоците поврзани со обезбедувањето на услугите на воздушната навигација.
Во кривичната пријава за оваа позајмица уште се наведува:
„Давањето позајмица на Јавното претпријатие за државни патишта очигледно не претставува трошок за маршрутни навигациски уреди и служби. Со ова дејствие, пријавените ги пренамениле средствата собрани од авиокомпаниите за цел која е целосно надвор од рамките на ратификуваниот меѓународен договор, со што директно го прекршиле законот. Со давањето на позајмицата, пријавените создаваат вештачки одлив на средства кој М-НАВ ќе мора да ги прикаже во своите финансиски извештаи.
При редовната ревизија од Еуроконтрол, овој одлив од 7.000.000 евра ќе биде квалификуван како неприфатлив трошок, бидејќи не е направен за целите дефинирани во Мултилатералната спогодба.
Како резултат на тоа, Еуроконтрол ќе изврши фнансиска корекција на одобрената тарифа, што практично значи дека во наредниот период буџетот на М-НАВ ќе биде намален за износот на неправилно потрошените средства“.
Според податоците што ги објавува „Фокус“ заклучно со 2025 година со средствата обезбедени со Договорот за заем за реализација на проектите биле исплатени 3, милиони евра, додека од договорот за техничка помош биле исплатени 244 илјади евра.
Откако била откажана изградбата на техничко-оперативната зграда, на 15 јули, 2025 година бил потпишан меморандум за два нови проекти, кои треба да се финансираат со средства од заемот, поточно за набавка на нови навигациски средства за аеродромите во Скопје и Охрид.