Оценка на Сиљановска: Медиумите се класичен пример за „моќ без одговорност“
Колку и да се добро информирани, новинарите се претставуваат само себеси, вели претседателката
Често постои симбиотска врска меѓу медиумските професионалци и политичката елита. И позтојат причини да се сомневаме во независноста на медиумите од власта.
Вака претседателката Гордана Сиљановска-Давкова зборуваше на конференцијата на Форумот на медиумите од Југоисточна Европа (СЕЕМО) што се одржа во Скопје. Нејзината елаборација зборуваше за состојбата со медиумите каква што не е во Македонија, затоа што тие осиримашени, со мали реакции донекаде ја изгубија улогата на „контролор“ (како што ги нарече Сиљановска).
Таа рече дека медиумите акумулирале толку многу економска и пазарна моќ што ниедна власт не може да ги игнорира. За потоа да додаде: „Постојат причини да се сомневаме во независноста на медиумите од власта. Често постои симбиотска врска меѓу медиумските професионалци и политичката елита“.
За неа, слободниот печат е една од клучните карактеристики на демократијата:
„Со поттикнување на јавна дебата и политичко ангажирање; преку дејствување како ‘јавни контролори’; преку прераспределба на моќта; како механизам преку кој демократијата може да функционира.
Вие сте агенти на политичко образование, овозможувајќи политичка дебата и обезбедувајќи граѓански форум меѓу академици, бизнис лидери, синдикати, претставници на интересни групи, лобисти. Улогата на ‘контролор’ може ефикасно да се изврши ако новинарите се вистински независни и не се доминирани од власта. Само тогаш можете да ги испитате нејзините активности и да ги откриете злоупотребите на моќ“, рече Сиљановска.
Таа нагласи дека содржината на масовните медиуми е обележана со политичка пристрасност.
„Покрај тоа, масовните медиуми не се предмет на јавна одговорност. Тие се класичен пример за ‘моќ без одговорност’. Колку и да се добро информирани новинарите и нивните ставови да се засновани на проверени факти, дури и тие да бидат ‘гласот на народот’, медиумските професионалци се претставуваат само себеси“, оцени претседателката.
Таа зборуваше и за односот на власта и и новинарите. „Масовните медиуми имаат потреба од власта колку што власта има потреба од масовните медиуми“, па вели:
„Медиумите не ја создаваат реалноста, но учествуваат во обликувањето на нејзината јавна слика. Новинарството не смее да биде ниту продолжена рака на власта, ниту нејзин однапред одреден противник. Негова должност е критички да ја испитува секоја форма на моќ, вклучително и сопственото влијание“.