Пресврт во судењето на обвинетитете од РЕК „Битола“ за тендерот со „Рудкоп“
На последното рочиште судијата нареди да се изврши супервештачење затоа што вештаците на обвинителството и одбраната користеле различни методологии
БИТОЛА – Супервештачење нареди Основниот суд Битола пред самиот крај на судењето за екс-директорот на РЕК „Битола“ Пеце Матевски и уште шестмина вработени од комбинатот, како и на три службенички од Бирото за јавни набавки од Скопје, обвинети за незаконитости во тендер за ископ на јаловина поврзан со изборот на битолската фирма „Рудкоп“во 2022-2023 година.
На последното рочиште судијата кривичар Горан Димовски од Основниот суд во Битола нареди супервештачење на предметот во кој за прв пат вклучува вешто лице од областа на рударството.
„Се определува супервештачење по предметот. Супервештачењето ќе биде изработено од правното лице Друштво за вештачење ‘Егзакта Демих’ Дооел Скопје од страна на три вешти лица од областа на материјално, сметководствено и финансиско работење со искуство од областа на јавни набавки и едно вешто лице од областа на рударство. Вештиот наод и мислење да биде изработен во рок од 30 дена од денот на приемот на писмената наредба за супервештачење, во која ќе бидат наведени околностите на кои треба да се изврши супервештачењето“, нареди судот.
Судот пред наредба за супервештачење образложува дека „со оглед на фактот што вештите лица на јавното обвинителство и одбраната не можат да се усогласат во поглед на вештите наоди и мислења, видно од писмените произнесувања доставени до судот, како и со оглед на нивните различни методологии користени при изработката на истите, како и различниот опсег на факти за вештачење кои беа опфатени со истите, со цел отстранување на противречностите во нив“, наведува судот по сопствена проценка.
По ова главната расправа се одлага за 26 август. Но за дел од обвинетите со кои разговараше „Независен“ стравуваат од одолговлекување на судењето со оглед на тоа што овој судски предмет е комплексен, за него веќе се доставени мислења од соодветни вешти лица и на одбраната и на обвинителството, па во време на годишни одмори прашање е дали вештаците што ќе бидат ангажирани во супервештачењето ќе постигнат до закажаното рочиште да го проценат случајот и да го образложат супервештачењето пред судот.
На последното рочиште беше кажано дека до судот е доставено мислење од вештото лице Ирена Нешковска од Битола, ангажирана од ОЈО Битола, дека нејзиниот вешт наод и мислење содржи математички пресметки, а техничките наоди и мислења на одбраната не содржеле математичка пресметка на економските показатели и за истите не може да даде коментар.
Во исто време до судот пристигнале мислења и од вештите лица ангажирани од одбраната, Киро Костов и Татјана Кузмановска, кои наведуваат дека математичката пресметка при изработката на вештиот наод и мислење од вештакот Ирена Нешковска е точна, немаат забелешки, но не се согласуваат со методологијата која ја користи вештото лице на јавното обвинителство.
На обвинителна клупа за овој случај седат Пеце Матевски, екс-директор на РЕК „Битола“, кој веќе е ослободен од притвор во предметот „Адитив“ и има определени мерки на претпазливоста. Обвинети од РЕК „Битола“ се: Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски, Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски, кои исто така имаат определена мерка на претпазливост од 2025 година. Со обвинението се опфатени и Александра Маџевска-Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска сите три од Бирото за јавни набавки во Скопје.
Судскиот процес го води судијата Горан Димовски од Основен суд Битола, а обвинението го застапува Оливера Нечаковска од ОЈО Битола.
Судски процес отпочна откако ОЈО Битола по пријава од Управата за финансиска полиција и по спроведена предистражна постапка поднесе обвинение против 10 лица, дека спротивно на Законот за јавни набавки во име на РЕК „Битола“ ја отфрлиле како неприфатлива понудата на „Гранит“ за ископ на јаловина, иако била со најниска цена. По спроведена електронска аукција договорот за јавна набавка му го доделиле на „Рудкоп“ Битола, кој понудил пониска цена по м3 во споредба со цената понудена од „Марковски компани Борче“ – Битола (инаку вториот учесник на електронската аукција). Комисијата за спроведување на јавни набавки во РЕК „Битола“ иако имала потврди кои докажуваат дека „Гранит“го има ископано потребното количество на јаловина барано согласно тендерската документација, сепак одлучила да го исфрлат од „игра“ заради тоа што работите на автопатот Кичево-Охрид не биле сѐ уште завршени, па доставените потврди не биле доказ за позитивна референца. Притоа, како резултат на исфрлањето на „Гранит“, на фирмата „Рудкоп“ му е исплатен износ од 849.577.984 денари за извршениот ископ на јаловина во РЕК „Битола“ (иако цените понудени од „Гранит“ Скопје за истата количина би биле 671.207.665 денари, што е разлика од 178.370.319 денари). Токму овој износ е определен како износ на штета за РЕК „Битола“ односно незаконита имотна корист за „Рудкоп“ Битола.
Во своето сведочење обвинетиот Благојче Ѓоргиевски член на Стручната комисија при РЕК „Битола“ на прашање на својот бранител – која беше причината што Комисијата за техничка евалуација утврди дека понудата на „Гранит“ Скопје не е подобна за понатамошна квалификација, обвинетиот Ѓоргиевски кажа: „Две поенти беа пресудни – едната што самиот економски оператор ‘Гранит’ Скопје и единствено тој само од економските оператори во потврдата имаше назначено дека работата е во тек, што значи дека како референца воопшто не беше доволна да ми потврди дека тој оператор реално ги има ископано бараните количини и уште поважно што во потврдата издадена од ‘Синохидро’ и самиот има потврдено дека и тие количини такви какви што се се ископ на земја, хумус, маси итн. Згора на тоа и на самите потврди може да се види дека има штембил од економскиот оператор ‘Гранит’ што барем за мене и во консултанскиот дел со останатите членови претставуваше документ издаден сам на себе, а не од барателот на услугата…“, сведочеше обвинетиот Ѓоргиевски.
Подоцна на прашање на обвинителката Нечаковска како комисијата ги елиминирала економските оператори во овој тендер, обвинетиот кажа дека телефонски одлучувале со останатите членови во комисијата.
Обвинетата Снежана Макаријоска, претседател на Комисијата за јавни набавки при РЕК „Битола“, сведочеше дека има искуство од 20 години за спроведување на јавни набавки, па на прашање на обвинителката: дали во однос на потврдите со „Гранит“ Скопје како комисија побарале некакво појаснување, обвинетата кажа дека „при евалуација на понудите Комисијата може да побара појаснување само на нешто што не е јасно конкретно и да не се ствара предност на некој економски оператор. Во понудата на ‘Гранит’ немаше потреба од појаснување бидејќи секое појаснување ќе значи документ кој се доставува по отварање на јавен пат, а кај отворената тоа не е дозволено“,сведочеше Макаријоска.
Обвинетата Анита Кузевска, член на Комисијата за јавни набавки на прашање на својот бранител: дали останува на ставот дека „Гранит“ Скопје не ги исполнувал условите за понатамошна евалуација на тендерот, таа одговори потврдно.
„Да, согласно искуството работам на големи предмети не се случило никогаш да се прифати референца на незавршен договор во конкретната постапка во образецот на листа на извршени услуги ‘Гранит’ Скопје самите си ги признаваат во тој образец дека договорите се во тек и не се целосно квалитетно и навремено извршени“ рече обвинетата.
На прашање на обвинителката Нечаковска дали врз основа на документите наведени од секој понудувач се цени валидноста на понудата на секој понудувач, обвинетата кажа „да“.
Обвинетиот Љупчо Стефановски, член на Комисијата за јавни набавки запрашан од својот бранител дали се сложува со останатите обвинети во однос на спроведувањето на постапката и надлежностите на комисијата за овој тендер, кажа да, во целост.
Сведочеа и обвинетите три вработени во Бирото за јавни набавки.
Пред судот сведочеше и сопственикот на „Рудкоп“, бизнисменот Кирил Биљановски. По барање на ОЈО Битола на фирмата на Биљановски му се замрзнати средства во износ од 178.370.319 денари, пари за кои обвинителството смета дека е општена АД ЕСМ – подружница РЕК „Битола“.
На прашање на адвокатот на Биљановски дали „Рудкоп“ трпи штета со замрзнатите средства, општетниот се пожали – „Да, апсолутно за мене од непознати причини трпиме непроценета штета. Оваа зграда ја гледам како палата на правдата и ќе надвладее разумот. Исто така, за штетата према мене и компанијата во одреден момент ми беше ограничена слободата како на обвинето лице речиси три месеци, ми беше одземен пасошот по покренувањето на обвинението, затоа сметам дека судот ќе цени правично и ќе се стави крај на овој процес за кој на сите ни е јасно дека е кристално чист“,кажа бизнисменот.
Обвинителката Нечаковска го праша дали од страна на вработени од РЕК „Битола“ му било кажувано каде треба да се врши ископ и во колкави количини тој одговори: „Да, тоа е дел од месечната координација и динамика која е предвидена во самиот договор за јавната набавка и е составен дел“.