Кисела Вода има прилив на првачиња и тоа нè прави среќни, рече Јаневска при отворањето нова училишна спортска сала


Кисела Вода е општина што има прилив на првачиња и тоа нè прави особено среќни, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска, која заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска денеска присуствуваше на отворање нова спортска сала во училиште во Припор. Новата спортска сала е со вкупна површина од 460 квадратни метри, а вредноста на проектот изнесува 19.410.970 денари.

Министерката им честита на жителите на Кисела Вода, на учениците и наставниот кадар за спортската сала при што рече дека е по најсовремени стандарди, каде што учениците ќе имаат модерна настава по физичко воспитание и спорт и ќе се развиваат телесно и духовно.

Таа напомена дека во овој двегодишен период се инвестирани околу 90 милиони евра во огромен број проекти.

– Во однос на Кисела Вода, покрај оваа сала, ние градиме сала во „Кузман Јосифовски – Питу“, а ќе реконструираме сали во „Круме Кепески“ и „Кузман Шапкарев“. Дополнително, за целата општина, речиси во целата, во 90 отсто да имаме едносменска настава, ние ќе доградуваме по шест училници во уште три училишта – „Кузман Јосифовски – Питу“, „Круме Кепески“ и во „Рајко Жинзифов“ во Пинтија, со што ќе обезбедиме она што е приоритет на оваа Влада – едносменска настава за подобри квалитет на наставата во сите општини. Но, еве, Кисела Вода се приближи кон крајот, значи насекаде да го има тоа. Кисела Вода е општина што има прилив на првачиња и тоа нè прави особено среќни. Со тоа се обидуваме и да ги исполниме условите за тие да останат тука – подвлече министерката во изјавата за медиуми.

Честитки упати и премиерот Мицкоски и посочи дека Владата ќе продолжи да поддржува вакви проекти. Притоа додаде дека за следната година ги охрабруваат градоначалниците преку ЗЕЛС да подготвуваат проекти.

– Во зависност од можностите, исто така, како Влада, планираме дел од средствата да децентрализираме од централниот буџет кон општините за да можат уште повеќе проекти да се реализираат. Така што, еве, тоа што беше приоритет продолжуваме и понатаму да го реализираме – истакна премиерот.

Градоначалничката на оваа општина, Стаменкоска Трајкоска, појасни дека станува збор за подрачно училиште, а новата спортска сала значи место каде учениците ќе имаат можност да се дружат, правилно да се развиваат и растат и да ги следат часовите по физичко образование.