ЕУ ѝ врши булинг на Македонија, тврди Мицкоски


Фото: Б. Грданоски

 

Преговарачката рамка не може да се менува, но уставните измени нема да се случат во формата во која моментално се бараат.

Така ја објаснува моменталната ситуација со европкиот пат македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Во гостување во поткастот „Риштази“ на весникот „Коха“ Мицкоски повторно зборуваше дека тој е подготвен да разговара си секого за уставните измени и европскиот пат на Македонија, но од неговите одговори не изгледаше дека е можно решение за излез од ќор-сокакот.

„Јас сум подготвен да разговарам со секого, секаде. Не сум секундант за да кажувам до кога ќе траат разговорите. Ќе разговараме додека е потребно за да се најде решение што ќе биде одржливо и кое ќе нѐ одведе до крајната цел. Во меѓувреме ќе ја реализираме реформската агенда, ќе градиме подобро општество и подобри услови за живот“, рече Мицкоски.

Тој оцени дека е непринципиелно од Северна Македонија да се бара исполнување на обврски, додека Софија не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права за здружувањето на македонското малцинство.

„Од нас се бара да го почитуваме договореното, а од друга страна не се почитуваат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур кои се однесуваат на македонската заедница во Бугарија. Тоа се вика булинг и тоа нема никаква врска со Копенхашките критериуми, ниту пак со вредностите на ЕУ“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека ваквиот пристап претставува притисок врз земјата и е спротивен на принципите врз кои е изградена Европската Унија. „Тоа не е принципиелна политика. Не сум љубител на таков тип политика. Истите правила треба да важат за сите“, нагласи премиерот.

Мицкоски порача дека принципите не смеат да се применуваат селективно. „Ова не е шведска маса, па да земете тоа што ви одговара, а да го оставите тоа што не ви одговара“, вели тој, додавајќи дека ако правите компромис со принципите само кога ви одговара, тогаш го губите сопствениот кредибилитет.

„Целта на оваа Влада е Северна Македонија да стане членка на ЕУ, а не само да го почне процесот. Кога ќе имаме решение на маса што навистина ќе нѐ одведе до членство, тогаш сме подготвени да разговараме. Не сме подготвени за инстант и привремени решенија“, рече Мицкоски.

СДСМ реагираше на ова интервју и од таму се чудат како може Мицкоски да зборува за принципи.

 „Човек чиј принцип беше никогаш ‘Северна Македонија’. Човек кој принципиелно ветуваше дека прво ќе го укине Преспанскиот договор. Човек кој до вчера ја заговараше теоријата на Вучиќ за членство без право на глас, а денес вели дека е само за решение кое води кон полноправно членство.

Мицкоски повторно ја обвинува Европа за ‘булинг’. Постојат двајца Мицкоски.

Еден во Македонија. Друг во странство. Еден беше против НАТО. Другиот денес тврди дека е најдобрата работа за Македонија. Еден зборува за САД како стратешки партнер. Другиот е руски прокси играч“, вели во реакцијата СДСМ.