СДСМ: Веќе е отворена линија за корупција www.micko.mk – половина Македонија го пријави Мицкоски
СДСМ сатирично ја прокоментира изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека корупцијата била перцепција во државата, по што ги повика граѓаните ако се соочиле со таков случај, да пријават.
„Мицкоски вчера ги повика граѓаните да пријавуваат корупција и најави бесплатна линија, ама не мора да се замарува, линијата за пријава кај нас е веќе отворена – шест месеци стои на веб-адресата Micko.mk“, нагласи Кети Штерјова од СДСМ, на денешнатра прес-конференција.
Штерова посочи дека оваа кампања на Мицкоски е копија на кампањата што во Србија ја води Вучиќ.
„Ова е директна копија на кампањата што токму сега се води во Србија.Во Србија половина од граѓаните на порталот за пријава го пријавија токму Вучиќ. Да го известиме дека и него веќе го пријави половина Македонија. Него и неговите соработници од организираната криминална група ВМРО“, рече Штерјова.
На прес-конференцијата, Штерјова укажа дека суштинскиот проблем е што институциите и судтсвото се ставени под политичка контрола на Мицкоски, затоа и државата добива лоши извештаи од Европската Комисија во делот на судство.
„Единствен проблем е што, исто како Вучиќ во Србија, Мицкоски го приватизираше Обвинителството. На обвинителот му се јавува на телефон, му се даваат задачи од собраниската говорница или преку медиумите. Затоа се катастрофални извештаите на Европската комисија за судството, каде се констатира мешање во судството и обвинителството, отсуство на реформи, широко распространета корупција и проблематични јавни набавки“, рече Штерјова.
Воедно, Штерјова предупреди дека, дека покрај копирањето на политичките методи, се пресликува и моделот на медиумско влијание по истио рецепт како во Србија.
„Групата „Ало“, поврзана со „Информер“ и другите провладини медиуми од Србија, пристигнува во Скопје. По веќе воспоставената медиумска мрежа на над 40 % од Орбановите медиуми, сега следува уште поголема концентрација на медиумско влијание“, рече Штерјова.