Левица обвинува дека власта го приватизира „Скопје – европска престолнина на културата“


Левица тврди дека власта преку фондација го претвара настанот „Скопје – европска престолнина на културата“ во приватен проект кој ќе се остварува со јавни пари. 

-Во Собранието, по скратена постапка, е доставен Предлог на закон за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“ со кој се предлага и основање на Фондација „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“. Но, наместо закон што ќе воспостави највисоки стандарди на транспарентност и отчетност за проект финансиран речиси целосно со јавни средства, пред пратениците се наоѓа текст што отвора бројни дилеми и сериозни сомнежи, посочува Левица.

Според партијата, „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ е еден од најголемите културни проекти што државата ќе ги финансира во следните години.

-Според официјалниот Bid Book, 21 милиони евра, односно над 95% од оперативниот буџет, се јавни средства обезбедени од Владата, Град Скопје и општините во Скопје, 500.000 евра се од ЕУ фондовите, а проектиран е и еден милион евра од приватни донатори. Станува збор за јавни средства на граѓаните, па затоа е очекувано за нивното трошење да важат најстрогите правила на јавна контрола. Наместо тоа, Предлог-законот предвидува Фондацијата да не подлежи на Законот за јавни набавки, односно правилата за набавки да ги утврдува самата Фондација, а контролата врз постапките останува концентрирана во нејзините органи. Со тоа се создава систем во кој институцијата што располага со јавните средства во голема мера сама ги определува правилата според кои ќе ги троши, посочува Левица. 

Дополнителна контроверзија според нив е што, иако законот за основање на Фондацијата сè уште не е донесен, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓеоргиевски веќе го именувал за директор екс директорот на МРТ, Марјан Цветковски.

-Од друга страна,  предлог – законот вели дека директор на Фондацијата го именува и разрешува Одборот на Фондацијата. Ако фондацијата допрва треба да биде основана со закон, нема ниту управен ниту надзорен одбор, кој според предлог – законот ги именува градоначалникот, се поставува легитимно прашање врз која правна основа градоначалникот Ѓорѓивески именуваше директор на непостоечка фондација, прашува Левица.

Според нивна оценка, предлог – законот овозможува Фондацијата да користи и да инвестира во јавен и приватен имот за реализација на проектот.

-Тоа отвора сериозно прашање дали со јавни средства ќе се финансираат реконструкции, доградби, надградби и уредување на приватни објекти под маска на интервенции во простор или, пак, ќе се набавуваат уметнички дела за приватни простори кои по завршувањето на проектот ќе останат во приватна сопственост? Ова би значело дека Скопје 2014, би можело да се рече, дека е ситна риба за Скопје 2028.

Нејасна останува и зошто со предлогот на закон се одземени сите ингеренции на Советот на Град Скопје. Имено, Советот нема никаква улога врз надзорот на работењето на фондацијата. Сите управувачки и финансиски овластувања, како и надзорот се концентрирани во рацете на Орце Ѓоргиевски и директорот на фондацијата, нетранспарентно и незаконски избраниот Марјан Цветковски.

Особено загрижува што ваков закон, кој отвора сложени прашања за управување со повеќе од дваесет милиони евра јавни средства, се предлага по скратена постапка. Наместо широка јавна и стручна дебата, се турка решение што суштински го менува начинот на кој ќе се располага со јавните пари.

На крај, предлог – законот предвидува по завршување на проектот Скопје европска престолнина на културата, основање на јавна установа за културен развој и наследство на Град Скопје, како правен наследник на фондацијата. Ако крајната цел е јавна установа, зошто проектот уште од денес не се организира како јавна установа која ќе работи според Законот за јавните набавки и правилата што важат за сите институции?-прашува Левица.