Фестивалот на грчки филм во Скопје годинава во знакот на женското режисерско творештво


Под мотото „Женски поглед: филм по нејзина мерка“, од 25 до 27 ноември во Кинотеката на Северна Македонија ќе се одржи петтото издание на Фестивалот на грчки филм во Скопје, кое годинава во целост е посветено на женското филмско авторство. Програмата опфаќа три долгометражни и два краткометражни филма на грчки режисерки од различни генерации, а покрај проекциите, предвидени се и средби со авторките и панел-дискусија за улогата на жените во кинематографијата.

На денешната прес-конференција во „Јуроп хаус“ во Скопје, амбасадорот на Република Грција во земјава, Јанис Малукос, истакна дека фестивалот, кој започнал во 2017 година, постепено се етаблирал како значајно место за средба меѓу грчката кинематографија и македонската публика, а годинашното издание претставува почеток на ново поглавје со воведувањето тематски пристап.

– Оваа година во центарот на вниманието ги ставаме жените во грчката кинематографија. Под мотото „Женски поглед: филм по нејзина мерка“, фестивалот им оддава признание на режисерките, на нивната креативност, автентичните авторски гласови и придонесот во филмската уметност. Преку три долгометражни и два краткометражни филма обединуваме различни генерации грчки режисерки, од пионерките што придонеле за обликувањето на грчката кинематографија до современите авторки што стекнуваат меѓународно признание – рече Малукос.

Фестивалот, нагласи, не треба да биде само серија филмски проекции, туку и простор за дијалог, размена на идеи и искуства, како и можност за воспоставување нови уметнички соработки и долгорочни партнерства меѓу двете земји.

– Фестивалот на грчки филм не е само можност за промоција на грчката кинематографија, туку и за меѓусебно зближување на луѓето. Културата има единствена способност да ги надминува границите, да ги премостува разликите и да создава заедничка основа за разбирање. Преку филмот откриваме приказни што можеби потекнуваат од различни општества, но зборуваат за чувства, грижи и стремежи што сите ги споделуваме – посочи Малукос.

Според него, културната соработка претставува важен сегмент во зајакнувањето на пријателството и односите меѓу Северна Македонија и Грција, а филмот, како универзален јазик, овозможува надминување на разликите и градење мостови меѓу народите.

Уметничкиот директор на фестивалот, Небојша Јовановиќ, истакна дека петтото, јубилејно издание претставува потврда на долгогодишните напори за продлабочување на културниот дијалог меѓу двете земји.

– За мене, ова не е обичен настан или фестивал, туку мисија. Со Фестивалот на грчки филм создадовме традиција на градење доверба меѓу двете земји и општества, како и на продлабочување на културниот дијалог меѓу двата народа. Успеавме да надминеме многу предрасуди што беа длабоко вкоренети во нашата свест во времиња што не беа лесни – рече Јовановиќ.

Годинашниот концепт, тој исткна дека е посветен на жените режисерки, кои со својата работа ги менуваат традиционалните перцепции за улогата на жената во филмската индустрија.

– Она што ми е најдраго е што Фестивалот на грчки филм во Скопје, во своето ново издание, ги слави силните и храбри жени, филмски авторки што ги рушат предрасудите и самостојно ја обликуваат новата иднина на филмот како уметност. Токму затоа, нашето петто издание го носи мотото „Женски поглед: филм по нејзина мерка“ и е посветено на женскиот авторски сензибилитет во светот на филмската уметност – истакна Јовановиќ.

Претставувајќи ја фестивалската програма, Кристина Фиоренци од Канцеларијата за јавна дипломатија при Амбасадата на Грција, посочи дека за првпат е воведен тематски пристап, со цел да се истакне придонесот на жените во грчката кинематографија, од пионерките до современите авторки.

– Долги години жените филмски авторки беа недоволно застапени во кинематографијата, како зад камерата така и во филмската индустрија во целина. Сепак, нивната работа донесе исклучителен талент, оригиналност и нови перспективи во филмската уметност. Со овој фестивал сакаме да им оддадеме признание на овие жени, од пионерките што го трасирале патот до современите режисерки што стекнуваат меѓународно признание – рече Фиоренци.

Фестивалот ќе биде отворен на 25 ноември, на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, со премиерата на филмот „Titanic Ocean“, дебитантското долгометражно остварување на грчката режисерка Константина Коѕамани.

Како што информираше Фиоренци, филмот ја следи приказната за 17-годишната Акаме, која во необичниот свет на јапонски интернат за обука на професионални сирени се обидува да го открие сопствениот идентитет, желбите и местото во светот. Коѕамани, чии филмови биле прикажувани на меѓународни фестивали во Кан, Венеција и Берлин, ќе присуствува на премиерата во Скопје и по проекцијата ќе разговара со публиката.

На 26 ноември ќе биде прикажан филмот „Ева“ од 1953 година, во режија на Марија Плита, првата жена филмски режисер во Грција. Остварувањето ја раскажува приказната за мажена жена која започнува вонбрачна љубовна врска и се соочува со осудата на конзервативното општество, отворајќи прашања за женската независност, желбите и општествените очекувања.

Фиоренци појасни дека филмот, кој со децении бил запоставен во филмската историја, е реставриран во рамки на меѓународни напори предводени од Филмската фондација на Мартин Скорсезе, со финансиска поддршка од Џорџ Лукас и Фондацијата на семејството Хобсон. Во мај годинава „Ева“ стана првото реставрирано грчко филмско остварување прикажано во програмата „Кан класици“ на Канскиот филмски фестивал.

По проекцијата, со публиката ќе разговара професорката Бети Какламаниду од Универзитетот „Аристотел“ во Солун, која има значајна улога во повторното актуализирање на творештвото на Марија Плита.

Во завршната програма, на 27 ноември, ќе биде прикажан и краткометражниот филм „Ништо не е посвето од делфин“, во режија на Изабела Маргара, инспириран од медитерански мит, кој преку поетски филмски израз ги истражува човечките односи и животот покрај морето.

Покрај филмските проекции, на 26 ноември, Фиоренци истакна дека со почеток во 11 часот, на Факултетот за драмски уметности во Скопје ќе се одржи панел-дискусија на тема „Жените, Балканот и филмската уметност“, во соработка со факултетот и Меѓународниот универзитет „Европа Прима“.

На дискусијата ќе учествуваат Константина Коѕамани, Марија Апсеска, Ана Опаси, Коста Рамидис и професорката Бети Какламаниду, а модераторка ќе биде актерката и професорка Кристина Леловац. Учесниците ќе разговараат за искуствата и предизвиците во филмската индустрија, како и за влијанието на родовиот идентитет и културното потекло врз режисерскиот пристап и филмскиот израз.

Фестивалот е заеднички проект на „Кинова“ и Амбасадата на Грција во Скопје, со поддршка од повеќе културни и академски институции од двете земји.

Сите филмски проекции ќе се одржуваат во Кинотеката на Северна Македонија. Влезот е бесплатен, но потребна е претходна регистрација преку официјалната интернет-страница на фестивалот. (МИА)