Десет години од смртта на Дар – Мар: Ретроспектива со десет негови кратки анимации во Кинотека
Со неговото заминување на 9 јуни 2016 година, на 76-годишна возраст, македонската култура загуби исклучителен уметник чиј творечки опус остави длабока трага во повеќе области на уметноста.
Роден во Скопје во 1940 година, Марковиќ уште од младоста покажал исклучителен талент за цртање и визуелно раскажување. Во 1966 година дипломирал на Архитектонскиот факултет, а неколку години подоцна, во 1972 година, специјализирал анимиран филм во Загреб кај прочуениот режисер и добитник на „Оскар“, Душан Вукотиќ.
Професионалната кариера како карикатурист ја започнал уште во 1960 година. Неговите карикатури и сатирични цртежи биле објавувани во бројни весници и списанија во Македонија и тогашна Југославија, а од 1966 до 1975 година бил главен уредник на легендарното хумористично-сатирично списание „Остен“. Во истиот период ја извршувал и функцијата директор на Светската галерија на карикатури во Скопје, придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската карикатура.
Особено значајно место во неговата кариера зазема анимираниот филм. Во 1975 година се вработил во „Вардар филм“, каде што го формирал студиото за анимиран филм и поставил темели за понатамошниот развој на оваа уметност во Македонија. Неговите анимирани остварувања биле прикажувани и наградувани на бројни домашни и меѓународни фестивали.
„Каша“ добила Сребрена роза во Монтре во 1977 година, „Циркус“ Сребрен змеј во Краков во 1979, а „Рака“ освоила награди и признанија во Белград и Оберхаузен. „Фестивал“ во 1982 година е награден со Бронзена роза во Монтре. Filmska enciklopedija на Лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“ го издвојува Дар-Мар како меѓународно афирмиран карикатурист чиј сатиричен пристап силно го обележал и неговото филмско творештво.
За многу генерации, сепак, Дарко Марковиќ останува најпрепознатлив како автор на популарниот стрип-лик Пецко. Со својот препознатлив хумор, духовитост и способност преку едноставен цртеж да ја долови секојдневната реалност, Пецко стана еден од најомилените и најдолговечни ликови во македонската стрип-култура.
Покрај работата како карикатурист и аниматор, Марковиќ бил активен и како сценарист, сценограф, илустратор, дизајнер и професор. Во 1983 година бил избран за професор по анимиран филм, а во исто време работел и како главен уредник на културно-уметничката програма на Телевизија Скопје. Од 1988 до 1995 година живеел и творел во Лондон, по што се вратил во Македонија и продолжил со својата богата уметничка дејност.