„Одбројување“ на Фросина Пармаковска промовиран во Софија: Вечер кога книжевноста ја победи политиката


Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија синоќа се одржа промоцијата на романот „Одбројување“ од истакнатата македонска писателка Фросина Пармаковска, во издание на „Персеј“, а во превод на Маријан Петров.

Настанот претставуваше уште една значајна можност за афирмација на современата македонска книжевност надвор од националните граници и нејзино доближување до бугарската, но и до пошироката европска читателска публика.

Промоцијата ја отвори амбасадорот на Република Македонија во Република Бугарија, Неговата Екселенција Крум Ефремов, кој со своето присуство го потврди значењето на културните настани како важен сегмент во развивањето на културната комуникација и соработката.

На промоцијата присуствуваа и учествуваа авторката Фросина Пармаковска, издавачот и литературен критичар Пламен Тотев и преведувачот Маријан Петров.

Директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, ја истакна важноста на ваквите книжевни средби во рамките на културната мисија на институцијата, нагласувајќи дека македонската книжевност треба да биде присутна на меѓународната културна сцена и да добива сè поголем простор за комуникација со читателите надвор од земјата.

Во таа насока, промоцијата на бугарското издание на „Одбројување“ претставува значаен придонес кон афирмацијата на македонското книжевно творештво и кон создавањето нови можности за негово пошироко европско претставување. Преводот на едно книжевно дело не е само пренесување на зборовите од еден на друг јазик, туку и отворање на нови културни хоризонти и воспоставување врски меѓу различни читателски средини.

Романот „Одбројување“ е интимно, длабоко и исклучително современо книжевно дело кое се занимава со чувствителни и актуелни теми, пред сè со семејното и психолошкото насилство, борбата за лична слобода, достоинството, љубовта и храброста да се започне нов живот. Преку исповедниот глас на главната хероина, Фросина Пармаковска создава силна психолошка приказна која го отвора прашањето за положбата на жената, за личните избори и за можноста за ослободување од насилството и контролата.

Книжевната вредност на романот е потврдена и со престижната награда „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“ во 2017 година, со што „Одбројување“ се вбројува меѓу значајните остварувања на современата македонска проза.

Бугарските читатели веќе имаа можност да се запознаат со творештвото на Фросина Пармаковска преку романот „Вишнова хроника“, а со објавувањето на „Одбројување“ се продолжува присуството на нејзината книжевност во бугарскиот културен простор.