Во мај Мицкоски ги повика Македонците да летуваат во Македонија, а тој сега ќе оди во Белгија
Граѓаните би требало да размислат за неговите препораки, а самиот тој нема да ги следи.
На 4 мај годинава, откако стана јасно дека поради новите правила за влез во шенгенскиот простор ќе може да има долги чекања на границите, премиерот Христијан Мицкоски ги повика македонските граѓани да летуваат во нашата земја, на планините и езерата, да ги избегнат проблемите. А сега вели дека тој самиот ќе оди во Белгија, на „екскурзија“.
„Јас не би коментирал апсолутно премногу за тоа, за тој начин на однесување. Имаме одредени разговори во рамките на Европската унија како би се тоа надминало, но ако претставуваат проблем летните годишни одмори, имаме прекрасни езера, имаме прекрасни планини, имаме прекрасни места во Македонија. Јас ги повикувам македонските граѓани да ги поминат своите летни годишни одмори на македонските планини и езера, на македонските села, затоа што имаме прекрасна земја и самите треба да си ја чуваме затоа што втора резервна немаме“, рече Мицкоски на 4 мај во црквата „Свети Спас“ во Скопје, по панихидата за 123 години од смртта од Гоце Делчев.
Мицкоски лани беше на еднонеделен одмор во Хрватска, сега со семејството ќе оди осум дена во Белгија. Четири дена се посветени за еден од најубавите градови во Белгија – Бриж. Овој град близу брегот е познат по својата средновековна архитектура, со многу канали низ центарот. Познат е и како „Венеција на Северот“. Во него се наоѓа познатиот Колеџ на Европа, универзитет за изучување европски студии. Бриж се наоѓа во фламанскиот дел од Белгија. Неговиот центар е едно најпознатите места заштитени од УНЕСКО како културно наследство.
И во Брисел има што да види и каде да прошета семејството Мицкоски. Не само Гран плас или квартовите околу него, Манекен Пис или преубавите градини и паркови. Тука е и спектакуларниот Атомиум.
Мицкоски денеска изјави дека нема да оди на класичен годишен одмор, туку на еден вид екскурзија во Белгија. Одговарајќи на новинарско прашање при неговата посета на Битола, тој рече дека ќе биде заедно со семејството.
„Во суштина нема да имам класичен одмор, ќе биде еден вид екскурзија. Со семејството ќе бидам една недела во Белгија. Четири дена во Бриж, четири дена во Брисел“, кусо одговори Мицкоски.