СДСМ најавува жешка есен, ќе поднесе интерпелација за Гаши и Стоилковиќ

Филипче смета дека со изигрување на Деловникот премиерот ја избегнал седницата за пратенички прашања во Собранието


 

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, смета дека премиерот Христијан Мицкоски вчера избегал од можноста да му се постават пратенички прашања и дека циркусот што се одвиваше во Собранието бил оркестриран од потпретседателката Весна Бендевска.

Тој нагласи дека е единствениот од опозицијата што успеал вчера да постави прашање, иако имало цела листа на пријавени, окарактеризирајќи ги случувањата како „дел од системот на целосно непочитување на Собранието“, со често прекршување на Деловникот и носење закони по кратка постапка, поради што најави дека по летните одмори СДСМ ќе покрене интерпелација за спикерот Африм Гаши и за Иван Стоилковиќ, поради инцидентот претходно. 

Филипче се пожали дека Собранието е претворено во гласачка машинерија и дека нивните предлози воопшто не се ставаат на дневен ред за расправа преку разни процедурални игри иако поентата не е некој некого да изигра туку да функционира институцијата, зашто вака губи опозицијата, но губат и граѓаните. 

Тој лично не сметаше дека пратеничката на Алијансата за Албанците, Илире Даути, која го „запали фитиљот“ барајќи од премиерот да и одговори на прашање или ќе ја блокира седницата – била дел од тоа сценарио. 

„Факт е дека Деловникот беше прекршен и дека таа дваесет дена не добила одговор на писмено прашање, поради тоа реши да ја блокира седницата. Пратеничкото прашање е сериозна институција и не може премиерот така да се поставува“, оцени Филипче на денешниот брифинг со новинарите. 

Тој очекува голема криза од септември поради дополнителната незвесност околу цената на струјата, откако Дунав остана без вода и Унгарија ги исклучува нуклеарните централи и последиците од тоа за Србија, поради кризата со Иран, но и поради очекуваниот повторен раст на инфлацијата кај нас, бидејќи, како што рече, никој не ги контролира цените, нема никакви најави за зголемување на платите, паѓа стандардот, а нема ни европерспектива.

За предложените законски измени околу проектот „Скопје – европска престолнина на културата“ тој рече дека се скандалозни и дека е апсурд да се поднесува закон со кој се заобиколува Законот за јавни набавки – така што СДСМ ќе го блокира со сите демократски механизми што им се на располагање. 

Како скандал тој ја оцени и истрагата за кредитот што го доби Македонија од унгарската влада, нагласувајќи дека иако парите одамна се трошат – власта никогаш не дала информација колкава провизија била платена за него, колку од тие пари се навистина искористени и што станува со тие што не се. Според неговата информација, од најавените 250 милиони евра за општините искористени биле само 60 милиони, бидејќи општините немаат капацитет да ги искористат парите и да ги спроведат проектите за кои се наменети цитирајќи меѓународен извештај дека е на ниво на имагинација очекувањето дека ќе бидат искористени повеќе од тоа што тој го наведе како бројка. 

„Каде отидоа другите пари“, праша Филипче, нагласувајќи дека нема логика граѓаните да плаќаат субвенционирани кредити за фирмите кои за таа цел треба да си земат самите кредити од банки. (С.Ј.)