Пола Македонија отруена, а одговорни нема, реагираат од СДСМ
СДСМ преку соопштение обвини дека институциите сè уште не утврдиле одговорност за загадувањето на водите, иако, како што велат од партијата, последиците ги чувствуваат граѓаните во повеќе делови од земјата.
Од партијата посочуваат дека, според неофицијални информации, во реките Лепенец и Вардар завршила хемикалија што се користи при производство на детергенти, додека, како што наведуваат, од Државниот инспекторат за животна средина сè уште нема конечни резултати од анализите.
„Колку време е потребно за да се утврди што ја загадило водата? Дали намерно се одолговлекува постапката?“, прашуваат од СДСМ.
Според партијата, повеќе градови и населени места се соочуваат со проблеми во водоснабдувањето, а ја споменуваат и состојбата во Гостивар, каде, како што тврдат, има епидемија на жолтица.
СДСМ ја обвинува Владата дека испраќа спротивставени пораки до јавноста, посочувајќи дека премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски изнесуваат различни информации во врска со безбедноста на водата.
Во соопштението партијата упатува критики и кон министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, оценувајќи дека институциите не ги решаваат суштинските проблеми, додека здравјето на граѓаните е доведено во прашање.
Од СДСМ оценуваат дека јавноста не добива навремени и целосни информации за состојбата со водата и бараат целосно расветлување на случајот, утврдување одговорност и транспарентно информирање на граѓаните.