Не сакаше да биде во владата, па сега Арбен Фетаи ќе ја претставува во Брисел


Арбен Фетаи од времето кога беше вицепремиер

 

Премиерот Христијан Мицкоски го оствари она што го најави пред неколку месеци – Владата го именува поранешниот вицепремиер, Арбен Фетаи, за нејзин претставник во Европската унија. Фета, всушност, живее во Брисел и на местото на местото вицепремиер дојде по покана на тогашната коалиција „Вреди“ и крилото на Арбен Таравари.

Одлуката на Владата ја објави самиот Фетаи на социјалните мрежи, каде напиша дека новата улога му претставува голема чест, но и одговорност.

„По долга кариера во Брисел и со искуството стекнато во Владата на Република Северна Македонија, каде што ја покажав мојата посветеност на европската перспектива на земјата, ја заземам оваа позиција со целосно убедување дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ. Им се заблагодарувам на премиерот и на Владата за нивната доверба. Патот до Брисел продолжува. Со решителност, со партнерство и целосна доверба во нашата европска иднина“, напиша Фетаи.

Македонија има амбасадор во ЕУ, па не е јасно дали ова ќе биде одредено дуплирање на улогите. А и дали Фетаи воопшто ќе има канцеларија во Брисел. И основното – што ќе работи.

Тоа го нагласува во својата реакција поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, кој вели дека земјава веќе има Постојана мисија при Европската унија, која веќе работи на европската интеграција.

„Кој е мандатот на новиот претставник, која задача ќе ја извршува, а не можат да ја извршат амбасадорот, нашата Мисија, Министерството за надворешни работи и Министерството за европски прашања“, вели Османи.

Со реакција се јави и Либерално-демократската партија која рече дека именувањето на Фетаи „е вистинското лице на власта без осет“. ЛДП ја нарече одлуката срамна и скандалозна и им се обрати на граѓаните со реченицата: „Ви плукнаа во лице со назначувањето на Фетаи во Брисел. Како се чувствувате сега?“

Партијата потсетува дека Фетаи со месеци не доаѓаше на работа и на владините седници и за тоа добиваше плата.

„Премиерот не само што се посрамоти туку и капитулираше. Дополнителен срам и потврда за партиската самоволие е фактот што Фетаи за назначувањето на оваа висока државна позиција се пофали преку социјалните мрежи и му се заблагодари на премиерот во објава напишана исклучиво на вториот официјален јазик“, рече ЛДП во соопштението.

Кога се дозна дека Фетаи не доаѓа на работа премиерот Мицкоски изјави дека тој веќе не се гледал како член на неговата влада и уште тогаш најави дека веројатно ќе биде именуван за претставник во Брисел. Тоа и се случи. Само не се знае кои се тие големи заслуги на Арбен Фетаи да биде претставник на Владата во ЕУ и за тоа да добива сериозен паричен надомест.