Левица: Врие непотизам во МНР – Муцунски бира амбасадори според блискост до челниците на ДПМНЕ
Сè поочигледно е очајното кадрирање при избирањето македонски дипломатски претставници низ светот. Иако Министерот за надворешни работи Муцунски на сите гласила и медиуми се фали со наводна дипломатска офанзива и професионализација на кадрите во МНР и дипломатско-конзуларните претставништва, понудените кадровски решенија сепак не ветуваат многу, се вели во соопоштението на Левица.
„Нов амбасадор во Австралија е Стојанче Китаноски – син на долгогодишниит пратеник на ВМРО ДПМНЕ, Илија Китаноски, што е еклатантен пример на непотизмот кој очигледно врие во МНР. Муцунски одбира непотизам наместо меритократија и професионалност како критериум за позицијата амбасадор во држава каде ја имаме една од најголемите македонски дијаспори.
Понатаму, Веле Трпески кој замина на позицијата амбасадор во Тирана е еден од одговорните во МНР за несоодветните услови за вработените со неправилно спроведената набавка на деловите за ладење како и оставање на зградата на Министерството во руинирана состојба. Трпески, слично како и Китаноски, има тесни врски со раководството на ДПМНЕ. Неговата мајка е Снежана Трпеска која е моментално на функција советничка на премиерот Христијан Мицкоски.
Што се однесува до функционирањето на самото Министерство, Горан Трајков, сопруг на актуелната заменик министерка Викторија Трајков, заедно со Виделина Колоска, ќерка на Страшо Ангелкоски, унапредени се два пати преку дискреционо право. Не пречеше фактот дека тие се вратени од служба во Канбера поради дисциплински постапки.
Политичката партија Левица бара од министерот Муцунски веднаш да ги разјасни овие наводи и да ја објасни логиката на кадровската политика. Се чини дека ДПМНЕ не бара активни, чесни и работливи кадри, туку апартчици кои фигурираат на овие позиции кои ги добиваат како некој вид плен за сработеното за партијата.
Недозволиво е во Министерството за надворешни работи да царуваат непотизмот и некадарноста. Токму заради водењето на МНР како туристичка агенција за заслужни партиски војници во пракса добиваме непостоечка и безрбетничка надворешна политика. Во вакви кризни и непредвидливи времиња, заслепеноста и кусогледоста ќе ја остават Македонија без витални надворешни и стратешки партнери“, се вели во соопштението на Левица.