Нема дозвола за решетките на Македониумот. Инспектори ќе одат во Крушево
Инспектори од Управата за заштита на културното наследство утре ќе одат во Крушево да видат што се случува со Македониумот и какви решетки се поставуваат на галериите со витражи. Во изјава за порталот „Сдк“ директорката на Управата, Весела Честоева, вели дека нејзината институција не дала дозвола да се поставуват решетките.
Честоева вели дека во 2025, Управата по предлог на Завод и Музеј Прилеп донела решение за прогласување на споменикот Македониум на културно добро во опасност.
„Со решението се пропишани итни мерки на заштита со кои се предвидени изведба, конзервација и монтажа на заштитна времена конструкција над витражните композиции и над застаклените галерии. Но, во однос на поставувањето на заштитната времена конструкција, до Управата не е доставено барање за конзерваторско одобрение за превентивна заштита. Донесов наредба инспекцискиот надзор да излезе на терен и да направи увид за што јавноста ќе биде благовремено известена“, изјави Честоева за „Сдк“.
На официјалната страница на Националниот конзерваторски центар, на 24 јули е објавено дека на 22 јули, стручен тим од Центарот извршил стручен увид на витражните композиции на сликарот Борко Лазески. Но никаде не се нагласува дека конзерваторите што биле на увидот дале согласност за поставување на решетките, иако според фотографиите што ги објавува НКЦ решетките се веќе таму.

„Увидот беше реализиран како стручна поддршка на носителот на проектот – НУ Завод и музеј Прилеп, со цел согледување на моменталната состојба на витражните елементи и дефинирање на понатамошните истражувачки активности, кои ќе претставуваат основа за изработка на проект за нивна трајна заштита, конзервација и реставрација. Во стручниот тим учествуваа м-р Владо Муковски, советник конзерватор, и Орхан Османи, конзерватор од НУ Национален конзерваторски центар – Скопје. При увидот беа констатирани бројни оштетувања на металната носечка конструкција, како и на витражните стакла, при што беше утврдена потребата од итно преземање конзерваторски мерки за нивна заштита. Во рамките на претстојните истражувачки работи, сите констатирани оштетувања ќе бидат детално документирани, анализирани и стручно евалуирани, со цел изработка на соодветна конзерваторско-реставраторска документација и обезбедување долгорочна заштита на овој значаен споменик на современото македонско културно наследство“, вели НКЦ.
Директорката на прилепскиот Завод и музеј, Мимоза Христоска вчера соопшти: „Преземените мерки на споменикот Македониум во Крушево имаат исклучиво превентивна заштитна функција. За конзервација на објектот во тек е изработка на Основен проект за конзервација, реставрација и санација на куполата од Споменикот Илинден – Македониум, во кој ќе се дефинираат сите потребни интервенции во согласност со конзерваторските принципи, стручните стандарди и важечката законска регулатива за заштита на културното наследство“. Во нејзината реакција не се наведува дали Заводот и музеј од Прилеп добил дозвола од Управата за заштита на културното наследство.
Поставувањето на решетките на Македониумот предизвика општ гнев во јавноста поради бруталноста со која Заводот и музејот од Прилеп сака да спречи понатамошно деградирање на споменикот, а при тоа со бор-машини да ја дупчи неговата структура. А да не зборуваме за перцепцијата дека симоболот на борбата за слобода е ставен зад решетки.