СДСМ не верува на изјави, ги бара документите дека водата во Гостивар не е веќе загадена
СДСМ повторно преку соопштение побара од надлежните институции да ги објават анализите и официјалната документација врз основа на која било утврдено дека техничката вода во Гостивар е безбедна за употреба.
Од партијата велат дека јавноста сè уште не добила документи, резултати од анализите, ниту информација кој ја донел одлуката и со свој потпис гарантирал дека водата е технички исправна.
„Кој ги изработил анализите на водата? Кои се резултатите? Кој потпишал и кој гарантира дека водата е технички чиста и безбедна за капење?“, прашуваат од СДСМ.
Според партијата, не може да се прифатат само усни изјави од претставници на Владата, туку е неопходно да се објават официјалните документи и анализи.
Од СДСМ потсетуваат дека, според нив, претходно биле криени резултати поврзани со загадувањето на водата, што, како што наведуваат, довело до над 4.000 заразени и појава на епидемија на жолтица во Гостивар.
Партијата бара надлежните институции уште денес да соопштат која институција стои зад проценката дека техничката вода е безбедна и кој ја презема одговорноста за таквата одлука.