Пауза по пауза, блокирана седницата за пратенички прашања
Пратеничката Илире Даути од Алијансата на Села бараше одговор од премиерот Мицкоски уште минатата седница. Тој премолчи тогаш, а премолчи и сега
Наместо пратенички прашања, седницата во Собранието повторно денес мина во знакот на меѓусебни обвинувања и паузи. Пратеничката Илире Даути од Алијанса за Албанците на Зијадин Села побара одговор од премиерот Христијан Мицкоски на прашањето што му го поставила на претходната седница.
Според Даути, да ѝ одговорел тогаш, немало сега да го прашува истото и да ја блокира седницата, одбивајќи да се тргне од говорницата. Таа предупреди на опасно поигрување на Мицкоски и на Владата не само со инструментот пратенички прашања и отчет пред граѓаните, туку и со демократијата во Македонија.
Пратеничката на минатата седница за пратенички прашања бараше став од премиерот за правичната застапеност, во врска со новиот закон за правична застапеност што го подготви Владата во замена за Балансерот. Откако Даути повеќепати процедурално, гледајќи го во очи премиерот, бараше барем денеска да излезе и да ѝ одговори на одамна поставеното пратеничко прашање, тој само немо ја гледаше.

Откако пратеникот и лидер на СДСМ Венко Филипче постави прашања до Мицкоски, Мицкоски му одговараше нему и пак ја игнорираше Даути. Пред Гаши да му даде збор на Филипче дали е задоволен со одговорот на прашањата, Илире Даути пак излезе на говорница, а службите не ѝ го вклучија тонот.
„Ако процедуралнава реакција ви е пак за истото, ќе ви биде последна денеска“, рече нервозно Гаши.
„Благодарам Африм Гаши, се надевам дека нема да продолжите да читате на арапски јазик и понатаму. Барам премиерот да даде устен одговор. Тој го игнорира прашањето, граѓаните не избрале тука да бидеме со интегритет, а не слуги. Јас нема да мрднам овде денеска од оваа говорница додека не добијам одговор на прашањето што го поставив претходниот пат. Или ќе излезете овде да дадете одговор, или оваа седница денеска нема да продолжи понатаму“, рече Даути и истана на говорницата. На помош и дојде и лидерот Зијадин Села, кој застана до неа да ја штити. Во тој стил продолжи и натаму седницата, со разно-разни процедурални забелешки, при што беа дадени четири паузи.

По една од паузата Фатмир Битиќи од СДСМ обвини дека премиерот намерно не одговара на пратенички прашања, за да направи проблем и оваа седница, што се одржува секој последен четврток во месецот, да се блокира.

„Најдете три минути, одговорете ѝ на пратеничката Даути. Ако во Деловникот пишува ако не може усно, може премиер или министер да одговори на писмено но во рок од 20 дена од поставеното прашање, значи не може да бидат 30, 40 дена. Деловникот вели 20 дена!Но, јас тука препознавам намерна стратегија на власта за бегство од поставување на пратенички прашања“, рече Битиќи.
По него пак Даути побара збор за процедурална реакција и пак за истото.