Македонија изгуби милиони евра од ИПА, Владата манипулира дека „нема финансиски импликации“

Проценката за изгубените пари од ИПА се движи од 40 до 150 милиони евра


Македонија остана без ИПА-средствата предвидени за изградбата на третата делница од железничкиот Коридор 8 кон Бугарија,а од Владата тврдат дека реструктуирањето на финансиската рамка за овој проект – нема нови финансиски импликации за Македонија!

Практично, да не беа поднесени законските измени за заемите од ЕИБ и ЕБРД денес во Собранието, немаше ни да се знае дека нема ИПА пари за последната фаза од железницата кон Бугарија во рамките на Коридорот 8, и немаше да се знае колкава е цената за арогантното препукување на министерот Александар Николоски со Бугарија  околу тунелот. По кое, пак, „легна на брашно“, а цената за неговиот политички маркетинг сега ќе го платат граѓаните – бидејќи изгубените фондови ќе мора да се надоместат со комерцијални кредити. Иако и натаму не е јасно со каква цел Николоски го „торпедираше“ последниот дел од коридорот ко, кога тогаш, мора да биде завршен, дали зад тоа стоеја политички калкулации или некои други финансиски интереси, јасно е сепак дека станува збор за неодговорно однесување кон буџетот и парите што тешко ги издвојуваат компаниите и граѓаните. 

Во предлогот за законските измени, што треба да овозможат да се користат веќе добиените кредити од ЕИБ и ЕБРД од околу 350 милиони евра за делницата, нема ни збор за тоа колку пари се трајно изгубени, дека воопшто се изгубени, а уште помалку – за колкава бројка станува збор. Според бројките со кои се калкулираше во 2023 година, кога беше направена финансиската рамка за делницата, 60,77 милиони евра требаше да бидат неповратни пари од ИПА, а според извештајот на Европската комисија Македонија изгубила  до лани околу 122 милиони евра од ИПА 2 фондовите, при што кога ќе се пресметаат тие што се изгубени во 2022 и 2023 година од други причини, за овој проект се изгубени околу 40-тина милиони евра. Од документите пак што можат да се најдат околу проектот, испаѓа дека грантот на ЕУ требало да изнесува 150 милиони евра и тие пари се „саботирани“ и трајно изгубени како помош, па мора да се надоместат со кредити бидејќи Македонија сега треба да ја пополни дупката што ја создаде самата во финансиската рамка. Поради вакви неодговорни постапки и вакво расфрлање со државни пари Македонија всушност е таму каде што е – презадолжена и на дното на рзвојните проекти на Балканот, при што и Косово ни држи лекции. 

Практично, откако во предвидениот рок не беше склучен договор за изградба на третата делница од железницата од Крива Паланка до граница во должина од 24 километри, а за да продолжи реализацијата на проектот, Владата до Собранието достави измени на законите за заемите од ЕБОР и ЕИБ, со кои како што нагласува – не се бара ново задолжување, туку се менува само начинот на неговото спроведување!

Во образложението на двата предлог-закона се наведува дека тендерот распишан во 2024 година бил поништен бидејќи во предвидениот рок не бил склучен договор за изградба, без да се каже од кои причини и дека зад тој потег стои оваа Влада на Македонија.  Поради тоа, стои во образложението, ИПА-средствата обезбедени за проектот повеќе не се достапни (место да се каже дека се изгубени), а Секторот за централно финансирање и склучување договори при Министерството за финансии „ја губи надлежноста за негово спроведување“.

За потсетување, во  2023 година Министерството за финансии соопшти дека се обезбедени 560 милиони евра за завршување на последната делница од железничката пруга на Коридорот 8 до границата со Бугарија, при што 175 милиони евра од Европската инвестициска банка,  175 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, грант во износ од 149 милиони евра од ЕУ преку ВБИФ и 60,77 милиони евра преку ИПА-програмата. Сега, според Владата, не се менуваат заемите од по 175 милиони евра од ЕБОР и ЕИБ, туку се создава правна основа проектот да продолжи „со нова финансиска и имплементациска структура“, со тврдење дека  измените нема да предизвикаат дополнителни фискални импликации во периодот од 2026 до 2029 година, бидејќи не станува збор за нови кредити, туку за измена на договорите и на начинот на реализација на веќе обезбеденото финансирање. Но, има и потоа…Имено, Владата презема обврска „средствата до 52 милиони евра за електрификацијата на трите делници и сигнално-телекомуникациските системи за третата делница да ги обезбеди од државниот буџет, но „не пред 2032 година и во повеќе буџетски години“, што треба да не утеши дека нема да банкротираме. Според наведеното од Владата, доколку Европската Унија не обезбеди грант и за македонскиот дел од прекуграничниот тунел, државата најавува дека и тие средства ќе ги обезбеди од буџетот, исто така по 2032 година. Просто кажано, место со пари од ЕУ на крајот пругата ќе биде завршена со нови зафаќања од буџетот. 

Од СДСМ оценија дека Македонија дефинитивно ги загуби средствата од ИПА фондовите на Европската Унија наменети за изградбата на железничката пруга кон Бугарија. 

„Наместо европски грант од милиони евра, сега остануваат само кредитите што ќе ги враќаат граѓаните.Ова е уште еден дебакл на Владата на Христијан Мицкоски. Губиме милиони евра, европски пари поради тоа што владата на Мицкоски не ги испочитувала роковите, ИПА средствата повеќе не се достапни. Наместо да ја реализира инвестицијата со европска поддршка, Владата сега ги менува законите за да го избрише фактот дека проектот требало да се финансира и со средства од Европската Унија.

ИПА средствата не носат само финансиска поддршка. Тие носат европски правила, транспарентност, строга контрола и надзор врз трошењето на јавните средства а тоа им смета на Мицкоски и неговата криминална организација затоа што не можат да ги крадат. Додека Македонија губи европски грантови, Владата се задолжува со нови 2,5 милијарди евра.Со Мицкоски и ВМРО-ОКГ– наместо европски пари, граѓаните ќе плаќаат скапи кредити, наместо развој и економски напредок, добиваат нови долгови и економија која е пред колапс.Ова е цената што ќе ја плаќаат македонските граѓаните поради неспособноста на Владата на Мицкоски, криминалните политики и изолацијата на земјата“, обвинува СДСМ.

Одлуката отвора  дилема дали промената на моделот за финансирање на пругата ќе значи исто така  дополнително одложување на еден од најважните инфраструктурни и геостратешки проекти во државата. Според информациите, изменето е и техничкото решение за проектот, но  нема детално образложение дали промената ќе влијае врз роковите и врз цената на проектот.

Според предложените измени, носител на проектот ќе биде Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ, кое ќе ги спроведува тендерските постапки, ќе ги избира изведувачите и ќе ги склучува договорите. Новиот тендер нема да ја опфати изградбата на прекуграничниот тунел со Бугарија, туку само железничката делница од Крива Паланка до западниот портал на тунелот.