Филипче ги нарече „игранка“ најавите за обезбедување внатрешни гаранции за ЕУ


Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, предупреди на опасноста Македонија да не се најде во  наредниот седумгодишен буџет на Европската унија и со тоа да си ја запечати шансата за евроинтеграција, бидејќи без обезбедени пари нема ни прием во Унијата – лекција што ја научивме од Агендата 2000. Тој расправата за блокираната евроинтеграција практично ја сврте наопаку, прашувајќи – а, што ќе правиме ако не се обезбедат саканите гаранции за Македонија дека нема да има ново вето? 

Повод за ваквите дилеми беа признанијата од премиерот, претседателката на државата и шефот на дипломатијата дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка, иако Мицкоски се огради со оценката – дека Бугарија не смета така. 

„Од власта дефинитивно признаваат дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка. А, врз основа на што ширеа таква хистерија досега?“, рече Филипче повторувајќи ја оценката дека станува збор за „процес со предумисла“, односно давале ветувања за нешто за што однапред знаеле дека нема да успејат (да го вратат името и да ги сменат условите за преговори со Брисел), само со цел да играат на емоциите и да го запрат европскиот пат на Македонија. 

„Уште тогаш знаеле дека не може ништо да се смени. Еве, и да има некои обиди да се смени, поминаа две години… До кога ќе чекаме“, рече Филипче, нагласувајќи дека како партија ќе поддржат се што значи подобрување на Преговарачката рамка, но само ако тоа биде поддржано од ЕУ, односно ако има реална шанса да биде прифатено во Брисел. Во тој контекст тој ги прокоментира наводните обиди за изгласување на некакви  „внатрешни гаранции“  дека нема да направиме уставни измени и потоа да добиеме нови услови од Бугарија, посочувајќи дека и претседателката Гордана Сиљановска рекла дека не постои таква можност, а ЕУ – дека не постои можност ни за одложена примена.

„Што се внатрешни гаранции? Ќе кажеме дека сме Македонци? Тоа е таква игранка… Ако зборуваме за гаранции за критериумите што треба да се исполнат за ЕУ, тука нема гаранции. Прашањето е дали ќе се соочиме со непринципиелна блокада од страна на Бугарија, но што ако таква блокада нема? И, каква ќе биде таа блокада? За јазикот – тој е веќе признат од Обединетите нации.Историската комисија веќе постигнала договор за четири историски личности… Треба да седиме  на место стравувајќи дека нешто ќе се случи (во иднина)“ – го карикираше владиниот став Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека не слушнал ништо на средбите со странски преставници за фамозните разговори под „радар“ , или како што потоа ги опиша „под маса“ „позади маса“ или слично прашувајќи повторно – а, што ако ништо не се случи под масата и ако ни се затвори вратата за ЕУ? Практично тој најави поддршка за сите обиди кои реално можат да ја подобрат сегашната позиција на Македонија, но не и за тие што се нереални и само ни го губат времето и  ја држат закотвена Македонија. (С.Ј.)