ДУИ бара одговорност за загубениот грант од 60 милиони евра за пругата кон Бугарија
Опозициската ДУИ прашува кој ќе понесе одговорност за губењето на 60,77 милиони евра грант на Европската унија за изградбата на пругата кон Бугарија. Зошто не беа исполнети роковите за реализација на проектот? И дали сега граѓаните ќе треба од државниот буџет да го покриваат она што Европската унија беше подготвена да го финансира како грант?
Според ДУИ, губењето на 60,77 милиони евра грант од Европската унија, наменети за изградба на третата делница од Железничкиот коридор 8 кон Бугарија, не се само пари, туку тоа е изгубена историска можност за економски развој на државата.
„Според официјалните документи доставени од самата Влада до Собранието, овие ИПА средства веќе не се достапни, бидејќи тендерот објавен во 2024 година е поништен, а договорот за изградба на третата делница од железницата не е склучен во определениот рок. Значи, губењето на 60,77 милиони евра не е политичко тврдење. Тоа е последица документирана во официјалните акти на институциите“, велат од ДУИ.
Според партијата, Коридорот 8 не е само инфраструктурен проект. Тој е паневропски коридор, дел од стратешката транспортна мрежа на Европската унија и има особено значење за НАТО. Го поврзува Јадранското со Црното Море, ја зајакнува регионалната безбедност и создава нови економски можности за нашата држава. Одложувањето на Коридорот 8 и губењето на европските средства создаваат впечаток дека проектите од значење за НАТО и Европската унија се ставаат во втор план.