Мицкоски го брани законот за „Скопје 2028“. Тој барал да се повлече од Собранието


Скопје беше прогласен за престолнина на културата во 2023

 

Јавноста се дезинформира.

Вака премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли критиките на опозицијата и на невладиниот сектор во врска со реализацијата на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“.

Тој денеска изјави дека проектот започнал пред десет години, но не бил реализиран. Скопје беше избран за престолнина на европската култура за 2028 во 2023 година за време на претходната влада и претходниот градоначалник. Мицкоски уште и информираше дека на негово инсистирање законот бил повлечен од Собранието, иако тој беше предложен од група пратеници.

Мицкоски рече дека Владата се соочила со ризик Скопје да ја загуби титулата „Европска престолнина на културата“, иако тој е премиер веќе две години, а ВМРО-ДПМНЕ го има мнозинството во Советот на Скопје од 2021.

Според Мицкоски, не станува збор за директор на јавна институција, туку за фондација формирана за спроведување на проектот.

„Станува збор за фондација и за проект кој започнал пред десет години. За жал, ништо не беше направено, а Владата се соочи со предизвик за првпат во историјата на некој град да му биде одземена титулата Европска престолнина на културата“, изјави Мицкоски денеска од Битола.

Тој додаде дека законското решение се подготвува во согласност со европските препораки и практики, наведувајќи дека ваков модел бил применет и во други европски градови. „Не е ова ништо поразлично од тоа што било во Хелсинки“, рече тој. 

Премиерот порача дека нема да дозволи да постои ниту најмал сомнеж за законитоста и транспарентноста на целиот процес, нагласувајќи дека Владата ќе инсистира на целосно почитување на процедурите.

„Некој се обидува свесно да ја манипулира јавноста и свесно да ги дезинформира граѓаните. Но, јас нема да доволам да остане каков било сомнеж во процесот. Затоа, на мое инсистирање, законот беше повлечен од парламентот. Тој ќе биде ставен на јавна дебата“, рече Мицкоски.

„За правилно информирање на јавноста, сакам да напоменам дека станува збор за таканаречена книга или bidbook, којашто е добиена уште пред пет-шест години, во којашто се дефинирани приоритетите од порано, а Владата и овој градоначалник ги наследи. Тоа се настани коишто треба да се случат 50 дена во следната 2027 година, и секој ден во годината 2028 година, а во 2029 година Фондацијата треба да прерасне во јавно претпријатие коешто ќе има директор“, појасни премиерот Мицкоски.