Во Доха продолжуваат разговорите помеѓу САД и Иран


 Претставниците на САД и на Иран пристигнаа во Доха на разговори за клучните регионални прашања, соопшти медијаторот Катар.

Но, Иран демантира дека се согласил на состанок со американскиот пратеник за Блиски Исток, Стив Виткоф и високиот советник Џаред Кушнер. Техеран наведе дека нивните преговарачи ќе имаат консултации со претставниците на Катар за деталите на рамковниот договор, при што приоритет ќе биде одмрзнувањето на иранскиот имот и укинување на санкциите за извоз на нафта.

Средбата во Катар се одржува по четиридневните судири во Ормуска Теснина и покрај потпишаниот Меморандум за разбирање помеѓу САД и Иран за завршување на војната. Меѓусебните напади вчера ги прекинаа двете страни.

Се очекува американско-ирански разговори во Катар да се одвиваат на техничко ниво. Останува нејасно дали двете страни ќе се сретнат денеска или во наредните денови, и дали разговорите ќе се водат директно или индиректно, со присуство на катарски и пакистански претставници во Доха.